Европскиот совет и таканаречениот „Тинк-тенк 139“ некого туркаат напред, а некого намерно задржуваат во чекалницата
Најновиот преглед „Тинк-тенк 139“ на Генералниот секретаријат на Советот на Европската Унија испрати јасна, но и длабоко проблематична порака. Процесот на проширување повеќе не се води исклучиво од критериуми, туку од политички калкулации и селективна волја. Имено, Украина, Молдавија, Црна Гора и Албанија се означени како „четири клучни партнери“ со „кредибилна траекторија“ за членство, со амбициозни рокови за затворање на преговорите меѓу 2026 и 2028 година. Во таа слика Македонија ја нема. Не затоа што не започнала реформи. Не затоа што не направила отстапки. Туку затоа што, според истиот извештај, се наоѓа во „политички ќор-сокак“ – формулација што повеќе открива политичка пристрасност отколку објективна анализа.
Политички ќор-сокак или наметнат застој?
Дали Македонија навистина е заглавена поради сопствени слабости или намерно е задржана во место поради услови што излегуваат надвор од европските стандарди? Извештајот, повикувајќи се и на извори блиски до Европската комисија (ЕК), ја става Македонија во група со „заостанати политички прашања“, заедно со Босна и Косово. (!?) Но ваквата класификација е спорна од повеќе аспекти. Имено, Македонија е земја што веќе ги отвори преговорите, има долгогодишен реформски процес, а направи и (за жал) сериозни политички и идентитетски отстапки и компромиси, кои беа барани однадвор! Да се изедначи Македонија со земји што се во многу порана фаза на интеграцијата не е аналитичка прецизност, туку една валкана неолиберална политичка порака!
„Кредибилна траекторија“ – нова алатка за селекција?
Концептот „кредибилна траекторија“ се претставува како технички термин, но во пракса функционира како политички филтер. Земјите што се во фокусот на геополитичките интереси на Брисел – особено Украина и Молдавија – добиваат забрзан пристап, додека другите се оттурнуваат на маргините. Ова отвора сериозен проблем. Имено, дали проширувањето се темели на Копенхашките критериуми или на геополитичка погодност? Ако критериумите се исти за сите, тогаш зошто Македонија, која ги исполнува во значителен дел, не е дел од „првата линија“ на интеграцијата? Зошто и македонската држава не се споменува ниту за „кредибилна“ ниту за никаква „траекторија“, појасно кажано пат, туку повторно се игнорира и се остава на европската периферија, којзнае дали да чека можеби уште со години?
Идентитетот како услов – преседан без основа
Најконтроверзниот дел од целиот процес останува барањето за уставни измени, конкретно внесување на бугарското малцинство во Уставот. Овој услов, кој според извештаите е „заглавен во парламентот“, се претставува како техничка пречка. Но суштината е поинаква. Станува збор за директно мешање во внатрешниот уставен поредок, условување што не произлегува од европското право и преседан што отвора врата за нови билатерални барања. Ова е спротивно на самите темели на европската интеграција. ЕУ никогаш не била замислена како платформа за решавање историски и идентитетски спорови преку уцени.
Билатералните прашања како европски критериум исто така се опасен
преседан
Внесувањето билатерални спорови во процесот на пристапување претставува сериозно нарушување на принципите на Унијата. Наместо да се решаваат надвор од процесот, тие стануваат алатка за блокада. Ова создава неколку опасни последици бидејќи секоја земја членка добива можност за вето врз основа на сопствени агенди, се урива довербата во објективноста на процесот и кандидатите се ставаат во позиција на постојано условување. Во случајот со Македонија, ова не е теоретски проблем – туку реалност што трае со години.
„Нема јасен пат“ или всушност нема политичка волја?
Формулацијата дека Македонија „нема јасен пат напред“ повеќе зборува за состојбата во Брисел отколку за состојбата во Скопје. Зошто е оваа констатација? Затоа што патот беше јасно дефиниран со отворањето на преговорите, затоа што реформските чекори се континуирани, а единствената блокада доаѓа од надворешни фактори. Затоа, вистинската дилема не е дали Македонија има пат, туку дали Европската Унија има кредибилитет да ги почитува сопствениот процес, право и процедури..
Македонија меѓу принципите и уцените
Македонија денес се наоѓа во парадоксална позиција. Колку повеќе правиме отстапки, толку повеќе се појавуваат нови услови? Така, прашањето што логично се наметнува е дали „брзата траекторија“ е резервирана за оние што безусловно прифаќаат сè или за оние што ги исполнуваат критериумите? Ако е првото, тогаш станува збор за политички, а не за европски процес. Европа мора да избере дали е за принципи или е за преседани. А извештајот на „Тинк-тенк 139“ на Европскиот совет не е само технички документ. Тој е огледало на моменталната состојба во европската политика на проширување, која е селективна, условена и сè повеќе оддалечена од сопствените вредности! Исклучувањето на Македонија од „кредибилната траекторија“ не е резултат на недостиг од напредок, туку на непринципиелни барања, билатерални условувања и опасен тренд на политичка селекција. Ако Европската Унија навистина сака да остане веродостоен проект, мора да престане со практиката на идентитетски условувања и да се врати кон она што ја направи силна: јасни правила, еднакви стандарди и почит кон суверенитетот на државите. Во спротивно, „кредибилната траекторија“ ќе остане само политички инструмент, а не вистински пат кон Европа.
Согледувањата на д-р Панагиота Маноли, професорка по меѓународни односи од грчкиот Универзитетот на Пелопонез
Членството во ЕУ стана вечна аспирација, а не достижна реалност
Дали овој најнов развој на ситуацијата околу политиката на проширување на ЕУ и конкретната ситуација, во која запаѓа или поточно ја фрлаат Македонија со нејзините евроинтеграциски стремежи, само е потврда повеќе на согледувањата на д-р Панагиота Маноли, професорка по меѓународни односи од грчкиот Универзитетот на Пелопонез, дека „најштетната перцепција, што веќе широко се споделува, е дека членството во ЕУ станало вечна аспирација, а не достижна реалност“ и оти „таа убеденост меѓу државите кандидатки повеќе од која било специфична институционална пречка го поткопува проширувањето, не само како трансформативен мотор на ЕУ туку и како нејзина геополитичка алатка“! Панагиота го изнесува ова експертско мислење во својата најнова авторска колумна со наслов „ЕУ мора да го разреши дефицитот на кредибилитет во својата политика на проширување“, која е објавена на интернет-страницата на Лондонската школа за политички науки и економија на 9 март 2026 година.
Маноли предупредува и дека „процесот на проширување сè уште страда од длабок проблем со кредибилитетот, што поттикнува меѓусебна фрустрација меѓу ЕУ и земјите кандидатки“. Оваа грчка експертка за евроинтеграции и меѓународни односи во колумната наведува: „Европската Унија тврди дека нејзината политика на проширување останува една од нејзините најмоќни алатки, нагласувајќи ги нејзината авторитативна моќ и геополитичка улога. Сепак, меѓу елитите во земјите членки на ЕУ, како и во Западен Балкан, се појави суров парадокс: проширувањето сè уште се смета како суштинско и посакувано, но малкумина веруваат дека е ефикасно денес. Некогаш прикажувано и сметано како јасен пат заснован на реформи и заслуги, проширувањето сега е широко перцепирано како ситуациско и реактивно, обликувано повеќе од ад хок потребите за управување со кризи отколку од спроведувањето некаква голема стратегија.
Автор: Свето Тоевски
































