Дали поради незаинтересираност, безидејност, немање визија за подолгорочна стратегија (дури и за сопствената иднина) или, не дај боже, со некаква умисла за дезавуирање (контролиран хаос) во уште една држава на Балканот, европската бирократија од Брисел , инсистирајќи на уставните измени во Македонија, повторно авансира погрешно. Наместо во европски и цивилизациски вредности засновани на меѓународното право за напредување на Македонија кон ЕУ, некои од бриселските апаратчици со своите постапки засилено креираат амбиент на внатрешна (меѓуетничка) недоверба, поделби, уцени и амнестирање на корупцијата и организираниот криминал. Не, не се Македонците тие што имаат погрешна перцепција за реалноста, кога некои неприфатливи, непринципиелни и неспроведливи решенија, засновани на искривени вредности и лажни вести, им се наметнуваат како „единствена“ уценувачка опција!
Кој авансираше во проблемите со перцепцијата на реалноста во Македонија?
Во пресрет на 18 август, денот во кој, според собранискиот календар, треба да започне пленарната расправа за уште едни уставни измени што се услов да ги спроведе Македонија за да ѝ се дозволи да започне преговори со ЕУ, повторно стигнуваат пораки од меѓународната заедница дека и овие непринципиелни отстапки што се бараат за македонската страна се „инвестиција во заедничката европска иднина и внатрешната консолидација на државата“.
Како успеа ЕУ да ги искреира внатрешните
антагонизми во Македонија
И додека бриселските (и некои други) емисари постојано пакувањето на подарокот за Македонија, во вид на процес на интегрирање, ги лепат „широката слика“ и „космополитското проширување на македонскиот устав со додавање на списокот на нови малцинства“, нашите соговорници нѐ упатуваат да обрнеме внимание како меѓународната заедница ги толерира политичките претставници на најпривилегираното малцинство во Македонија, кое има амбиција да добие нов подарок во вид на втор државотворен народ, кои изјавуваат: „Ако има некој Македонец што верува дека Албанците некогаш некаде ќе ја отпеат ’Денес над Македонија се раѓа’, тој има сериозни проблеми со перцепцијата на реалноста“.(?!)
Имено, партијата Алтернатива ја одбива можноста Албанци да ја пеат државната химна „Денес над Македонија се раѓа“.
– Како што многупати сме кажале, ако има некој Македонец што верува дека Албанците некогаш некаде ќе ја отпеат „Денес над Македонија се раѓа“, тој има сериозни проблеми со перцепцијата на реалноста, бидејќи – додека оваа држава не ја разбира мултиетничката реалност, туку инсистира на моноетнички македонски државни симболи – тоа никогаш нема да се случи – вели Орхан Муртезани од Алтернатива, обраќајќи му се и на македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој изрази загриженост за големоалбанската иконографија при „неформалната“ посета на косовскиот премиер Албин Курти во македонските општини Тетово и Чаир.
Дваесет и две години по Охридскиот договор и менувањето на македонскиот устав според нестандардната визија на ЕУ (надвор од принципите и терминологијата на меѓународното право, терминот „малцинства“ е уникатно преформулиран во „делови од народ“) за да се надмине кризната состојба на оружен конфликт со меѓуетнички импликации, се чини дека таквото адхок-решение на меѓународната заедница имаше спротивен ефект од очекуваниот. Охридскиот договор беше спакуван од страна на меѓународната заедница во обланда на „аванс за меѓуетничката доверба“, во интерес на унитарниот карактер на државата. Но резултатите по 22 години покажуваат дека всушност е создаден само амбиент на растечка недоверба, за кој Македонците се свесни, но ЕУ и понатаму не сака да ги тргне розовите очила што си ги има ставено за своите наметнати решенија спрема Македонија, можеби и за да се оправда пред себеси за својата непринципиелност и изневерени ветувања.
За реалната фактичка состојба во земјава всушност и најголема одговорност има Брисел
– Убаво му кажа тој Муртезани на Пендаровски. Албанците никогаш нема да се идентификуваат со македонската химна, симболите. Никогаш. Но тоа не значи дека Македонците имаат искривена перцепција како шо вели Муртезани, од причина што Македонците оваа поалбанчена држава, која полека станува апартхејд, не ја прифаќаат за своја. Турете го сега како сол на рана и планот силеџиски да се побугарат Македонците… – пишува на социјалните мрежи, актерот Сашо Тасевски.
Притоа, меѓу другото, тој ја повикува и ЕУ да ја добие „точната перцепција зошто Македонците не сакаат да прават никакви отстапки и компромиси во иднина кон кого било“.
– Значи, Македонците по сето понижување нема да сакаат она што им остана, како химната, да се осквернави за Албанците да бидат посреќни. Башка и така осквернавена, Албанците пак нема да ја пеат. Дури и покрај Питу и Гоце да се внесе Џемо Хасо, плус некои нивни команданти од 2001-та… – пишува актерот Сашо Тасевски, кој без „розови очила“ ја скицира перцепцијата на реалноста во Македонија, која меѓународната заедница сама ја искреира како состојба со своите противречни политики, при што сега се чини дека таа не сака да ја „перципира“ реалната фактичка состојба, за која всушност и најголема одговорност има Брисел!
Експерименти со Македонија „ин виво“
Во отсуство на долгорочни стратегиски решенија на иднината на Македонија во ЕУ, од Брисел се спроведуваат непромислени експерименти со постојани барања (дури и во вид на ултиматуми) за менување на Уставот, кои водат во насока на релативизирање и бришење на фактот дека македонскиот народ е носител на државноста во Македонија. Брисел го направи тоа во низа свои експерименти во живото македонско ткиво.
На пример, да речеме дека со сета своја добра намера, Охридскиот договор со сите нестандардни одредби, од оваа временска дистанца, сѐ поочигледно е дека во голема мера придонесе за нефункционалност на државните институции и своевиден заштитен механизам за амнестирање на корупцијата и другите општествени девијации што се сметаат за противправни поведенија според регулативите на меѓународното право. Дали поради незаинтересираност, безидејност, немање визија за подолгорочна стратегија (дури и за сопствената иднина) или, не дај боже, со некаква умисла за дезавуирање (контролиран хаос) во уште една држава на Балканот, европската бирократија од Брисел, инсистирајќи на уставните измени во Македонија, повторно авансира погрешно. Наместо во европски и цивилизациски вредности засновани на меѓународното право за напредување на Македонија кон ЕУ, засилено креира амбиент на внатрешна (меѓуетничка) недоверба, поделби, уцени и амнестирање на корупцијата и организираниот криминал. Не се Македонците тие што имаат погрешна перцепција на реалноста, кога некои неприфатливи, непринципиелни и неспроведливи решенија, засновани на искривени вредности и лажни вести, им се наметнуваат како „единствена“ уценувачка опција!