Ако плановите за проширување на ЕУ беа искрени, тогаш дилемата што се наметнува е како само за македонските евроинтеграции не може да се најде некакво креативно решение и тие да се одблокираат, додека за сѐ друго Брисел е крајно инвентивен. Доколку проширувањето е вистински европски приоритет, тогаш клучното прашање е како на Бугарија ѝ се дозволува да опструира толку важен процес, а притоа да биде наградена и со влез во шенген и во еврозоната
За европската посредничка улога при железничкото поврзување на Бугарија со Македонија
Европската Унија лесно и без никаков проблем пронаоѓа креативни решенија за прашања што се во нејзин интерес, што јасно говори дека доколку сака, официјален Брисел со еден потег може да го надмине бугарското вето и да ги откочи македонските евроинтеграции.
Унијата неодамна го потврди тоа и со посредничката улога што ја одигра околу блокираниот процес од бугарска страна во врска со изградбата на пругата кон Бугарија, кога Македонија беше притискана да ја гради железничката делница по должината на коридорот 8 иако од бугарска страна немаше никакви активности и постоеше опасност линијата да не се поврзе иако земјава веќе потроши стотици милиони евра на овој проект.
Сепак, имајќи го предвид фактот дека како за НАТО така и за самата ЕУ железничкото поврзување на Јадранско со Црно Море е од стратешко значење, Брисел реши да ги седне на заедничка маса Македонија и Бугарија и да најде решение за откочување на проектот.
Имено, во организација на Валентина Суперти, директор за Западен Балкан во Директоратот за проширување и Источно соседство (ДГ ЕНЕСТ) при ЕУ, беше постигнат договор меѓу македонската и бугарската делегација за довршување на коридорот 8, односно за железничко поврзување меѓу Македонија и Бугарија. Двете страни, во однос на заедничкиот проект за изградба на прекуграничниот тунел меѓу Ѓуешево и Деве Баир, се договориле да формираат работни групи, кои до крајот на јули ќе го финализираат текстот на меѓувладиниот договор со цел да се утврдат конкретните обврски на двете страни за техничките, финансиските, градежните и за оперативните аспекти.
Ова е најдобрата потврда дека ЕУ може да биде посредник меѓу земја членка и земја кандидат кога има некаков интерес, во спротивно се трга настрана и остава блокирани процеси.
Бугарија ги одбива сите обиди за посредништво и решение
Иако унгарското претседателство со ЕУ своевремено направи обид за некакво посредништво за надминување на разликите меѓу Македонија и Бугарија за одблокирање на пристапниот процес, таквиот напор беше експресно одбиен од бугарска страна. Официјалните бугарски власти го одбија и предлогот на Австрија да биде некаков посредник по ова прашање, а неодамна целата европска јавност можеше да ги види вистинските причини зошто Бугарија упорно ја блокира Македонија, кога во Европскиот парламент бугарските и грчките европарламентарци отворено ги оспорија македонскиот идентитет и јазик.
Ако плановите за проширување на ЕУ беа искрени, тогаш дилемата што се наметнува е како само за македонските евроинтеграции не може да се најде некакво креативно решение и тие да се одблокираат, додека за сѐ друго Брисел е крајно инвентивен. Доколку проширувањето е вистински европски приоритет, тогаш клучното прашање е како само на Бугарија ѝ се дозволува да го опструира овој процес, а притоа постојано да добива награди, почнувајќи од членството во шенген-зоната без целосно исполнување на условите, па сѐ до влез во еврозоната, иако и за тоа бриселски „Политико“ неодамна пишуваше за можно фингирање на финансиските податоци само колку земјата да претстави подобри резултати и да ги исполни условите за воведување на еврото.
Поранешни дипломати се на ставот дека ЕУ доколку нешто сака, тогаш ќе најде милион начини како да дојде до тоа.
– Сѐ е работа на интереси. Она што во моментот е фокусот на Брисел, реално не е проширувањето бидејќи тие се фокусирани на внатрешните состојби, буџетот, санкциите кон Русија, европската одбрана и слично. Реално има некакви шанси единствено Црна Гора да ја протуркаат да влезе во Унијата, и тоа во следните 10 години да се користи како изговор дека проширувањето е жив процес. Значи она што е европски интерес ќе помине секако и ќе се најде решение за тоа што ним им е важно – велат поранешни дипломати.
Според нив, тоа што истата таа ЕУ ги седна Македонија и Бугарија на иста маса за да постигнат решение во врска со изградбата на пругата, повторно е поради европски интерес.
– Значи кога ЕУ сака, може и Бугарија да ја убеди да го откочи овој проект заглавен повеќе од три децении. Зошто не би можела да ја убеди и да се согласи на одложено дејство на уставните измени или на прифаќање на некое друго креативно решение, самата Унија да даде некаква гаранција дека нема да има нови опструкции од бугарска страна, едноставно да понуди извесност во нашиот евроинтегративен пат? Тоа ниту нешто ќе ја чини Бугарија, ниту, пак, ЕУ, но со оставањето на статус кво, очигледно на Брисел не му е толку битно проширувањето со Македонија. Уште пострашно е ако Европа се согласува со она што неодамна го видовме од говорницата на Европскиот парламент, кога бугарските и грчките европратеници отворено ги негираа македонскиот идентитет и јазик – појаснуваат дипломатите.
ЕУ да стимулира македонско-бугарска соработка за доближување на двете
општества
Истите дипломати уште додаваат дека исто како со пругата, ЕУ може да посредува и за одблокирање на македонските евроинтеграции, а сето ова говори и дека македонската и бугарската страна треба да ги тргнат настрана работите што ги раздвојуваат и да се посветат на она што заеднички можат да го направат.
– Добро е што ЕУ се јави како посредник околу изградбата на пругата, со што на некој начин го отвора патот за идни други соработки. Во овој момент имаме големи разлики по прашањето на идентитетот, јазикот, историјата и дополнителна понатамошна расправа и препукување ќе ги доведат двете општества до точка кога помирувањето ќе биде речиси невозможно. Затоа е клучно ЕУ да стимулира друга соработка меѓу овие две земји, да помогне финансиски за поголемо инфраструктурно поврзување со Бугарија, да поттикне научна, образовна, културна и секаква друга соработка на пофреквентно ниво. Пред извесно време младите од Македонија и Бугарија на некоја трибина разговараа за предизвиците и од она што можеше да се слушне може да се заклучи дека меѓу нив нема зла крв, нема никакви недоразбирања, сите гледаат кон иднината и сакаат да соработуваат, што значи ако се тргнат настрана работите што нѐ раздвојуваат, тогаш македонско-бугарските односи ќе почнат да се ресетираат, тензиите ќе се намалат и во една порелаксирана атмосфера ќе може да се разговара за некои разлики ако воопшто има потреба да се разговара. На крајот на краиштата, доволно е да се почитуваме меѓусебно без никој никому да му наметнува своја верзија на историјата, на идентитетот, на јазикот и слично. Такви дискусии се целосно илузорни. Ваква посредничка улога треба да одигра ЕУ, ако сака навистина Македонија што поскоро да стане дел од Унијата – заклучуваат поранешни дипломати.
Словачка го повлече ветото за санкции кон Русија откако доби европски гаранции
Бриселски „Политико“ објави дека ЕУ ќе ја намали ценовната граница на руската нафта и ќе воведе дополнителни санкции врз Москва откако словачкиот премиер Роберт Фицо го отфрли своето противење на најновиот пакет мерки.
Одобрените мерки го ограничуваат пристапот на руските банки до трансакции, насочени се кон 105 брода од „сенката на флотата“ што се користат за избегнување на санкциите и забрануваат какви било трансакции поврзани со цевководите „Северен тек“.
Претходно, дипломати за агенцијата ДПА изјавија дека согласноста е постигната откако Словачка реши да не го блокира пакетот. Во замена, словачкиот премиер добил гаранции од ЕУ во врска со цените и снабдувањето со гас.
Сепак, тој напомена и дека „е потребен натамошен дијалог“ за да се обезбеди енергетската безбедност на Словачка. С.Т.