За Советот на ЕУ, од суштинско значење е Македонија да ја спроведе преземената обврска за уставни измени, како и да ги спроведува меѓународните договори со добра волја и со видливи резултати, вклучувајќи ги и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија (?!), иако Брисел многу добро знае дека со споменатите договори Македонија е ставена во подредена улога кон соседите. На Брисел му е повеќе од јасно дека во случајот со евроинтеграциите на Македонија флагрантно е прекршено перемпторното (јус когенс) право
ЕУ со мека моќ и заобиколување на универзалните принципи и право ја принудува Македонија на нови отстапки
Она што многумина гласно го говореа изминатите години, дека со прифаќањето на Договорот за пријателство и соработка со Бугарија и на Преспанската спогодба Македонија ќе биде ставена во подредена улога кон соседите, (иако меѓународното право не го дозволува тоа), уште еднаш се потврди во пракса, а тоа се гледа и во најновите заклучоци на Советот на ЕУ, во кои уште еднаш се повторува дека земјава мора да ги исполни овие договори заради напредок во евроинтеграциите, наспроти принципите на меѓународното право, за кои самиот Брисел вербално „се залага“.
За Советот на ЕУ, „од суштинско значење е Македонија да ја спроведе преземената обврска за уставни измени, како и да ги спроведува меѓународните договори со добра волја и со видливи резултати, вклучувајќи ги и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија“.
– Додека Советот го поздравува тоа што новата влада во С. Македонија изјави дека евроинтеграцијата е стратегиска цел, потсетува на заклучоците од јули 2022 година и забележува дека С. Македонија сѐ уште ги нема завршено уставните измени на кои се обврза самата. Советот ја потврдува својата подготвеност да свика уште една меѓувладина конференција без дополнителни одложувања или дополнителна политичка одлука… Советот потсетува на важноста од постигнување опипливи резултати и спроведување билатерални договори во добра волја, вклучувајќи ги и договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија во согласност со преговарачката рамка – се наведува во заклучоците на Советот за општи работи на ЕУ.
Она на што Советот на ЕУ инсистира се решителни дополнителни напори за поттикнување на помирувањето и на регионалната стабилност, како и за изнаоѓање и за спроведување дефинитивни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и за билатералните спорови и прашањата вкоренети во наследството на партнерите од минатото, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи.
Негирање на ЕУ на самата себе!?
Ако самата ЕУ е доследна на почитувањето на меѓународното право, спроведувањето на билатералните договори во добра волја, но и нивната усогласеност со меѓународното право и воспоставените принципи, тогаш таа самата се негира! Имено, кога веќе потврдува дека се работи за билатерални прашања, тогаш дилемата е зошто воопшто ги вклучи во преговарачкиот процес на земјава со ЕУ, каде што важни се критериумите од Копенхаген, а не името на државата или, пак, историскиот наратив што си го негува.
Контрадикторно е да се говори за договори во духот на добра волја, кога станува збор за асиметрични договори во кои обврски има само Македонија, а содржината на самите договори се однесува на идентитетско обезличување на цел еден народ. Дополнително, другите две страни потписнички не ги исполнуваат своите обврски. Кога веќе ги спомнува и принципите, тогаш Советот на ЕУ треба да знае дека непринципиелно е да се лаже една земја дека промената на името е последен услов за почеток на преговорите, за потоа да се наметнуваат нови услови и блокади.
Брисел конечно да констатира дека во случајот со Македонија има кршење на врховното перемпторно право!
На крајот, обата договора се спротивни на меѓународното право бидејќи се однесуваат на идентитетски прашања, а тоа, според меѓународното право, е надвор од секаква договорна практика и ЕУ треба да инсистира на нивно укинување, а не да повикува на почитување меѓународноправни преседани.
Инсистирањето од страна на Европската Унија повторно Македонија да направи некаков „решителен чекор“ е само уште еден флагрантен пример за употребата на таканаречената „мека моќ“, односно државите членки да ја користат позицијата за условувања и уцени кон земјите кандидати, а сето тоа да го прикажуваат како добрососедство, човекови права и почитување на договорите.
„Европскиот блок во блиска иднина тешко дека ќе може да донесе некакви одлуки“. Зошто?
Ефикасноста на Брисел под минимум: Внатрешната неусогласеност и непринципиелност во Унијата го закочија и Европскиот совет
Колосални предизвици за ЕУ на повидок
Поранешниот португалски премиер Антонио Кошта неделава го одржува својот прв самит на 27-те лидери на ЕУ, при што уште на почетокот од неговиот мандат се соочува со крупни предизвици, да го следи одговорот на Европа кон САД при враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, да работи на надминување на европските поделби околу Украина, во ситуација кога Франција и Германија, тандемот што традиционално ја влече Европа напред, се соочуваат со стравотни внатрешни проблеми, наведува европското издание на магазинот „Политико“.
– Лидерите почнуваат да сфаќаат дека ќе мора да носиме одлуки што се неизбежни, но и многу непријатни – истакна еден функционер на ЕУ, кој посака да остане анонимен.
Кошта, 63-годишниот поранешен португалски премиер, дојде на функцијата претседател на Европскиот совет по европските избори летоска. Наводната негова компетентност е во целосна спротивност со таа на неговиот претходник Шарл Мишел, кој не успеа да ја добие потребната поддршка од лидерите, кои се жалеа дека „Мишел дури и не ги подготвувал состаноците правилно“.
Но додека Кошта претседава со самити и гледа на договори за посредување меѓу лидерите што можеби имаат некомпатибилни приоритети, тој тешко ќе може да ја унапреди агендата на ЕУ без поддршка од моќните европски земји.
Затоа е проблем пропаднатата француско-германска машина. Париз е во политичка криза, оставајќи го претседателот Емануел Макрон ослабен при неговите посети на Брисел, Берлин исто така е расеан поради претстојните предвремени избори, а европскиот блок нема да може да донесе никаква одлука поврзана со парите додека не се изгласа новата германска влада.
Постои и неусогласеност меѓу земјите членки околу повеќето одлуки за европската поддршка за Украина.
Се очекува украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска да се сретне со европските лидери и со нив да разговара за состојбата поврзана со руската агресија врз Украина, при што најверојатно повторно ќе се заложи за поголема воена и финансиска поддршка.
– Ситуацијата во Украина ќе биде во првите редови на нашите дискусии – наведе Кошта во своето писмо до европските лидери пред самитот.
Кошта веќе остави личен печат на новата функција така што ги скрати самитите од два на еден ден, што предизвика задоволство и кај европските лидери, но истовремено понуди и поголема транспарентност на агендата и очекуваните заклучоци. Тоа им овозможува на лидерите да водат стратегиски дискусии наместо да се фокусираат на долги сесии за подготвување.
Сепак, европски дипломати предупредуваат дека медениот месец на Кошта може брзо да заврши.
Како што се наближува второто претседателство на Трамп, европските лидери се свесни дека мора да ја засилат својата воена и финансиска поддршка за Киев, но нема согласност како да се реализира тоа. Затоа Брисел нема да даде конкретни ветувања за Украина неделава, но ќе бидат разгледани опции што би можела Европа автономно да направи за да ја поддржи Украина.
Со оглед на ситуацијата, некои дипломати констатираат дека периодот на меден месец на Кошта може да заврши уште денеска, кога лидерите за време на ручекот ќе разговараат за трансатлантските односи.
– Веќе можеме да ја видиме промената со Кошта, тој има цела низа методи што го прават чувар на единството наместо да користи употреба на политичка сила – рече друг дипломат на ЕУ.
Сепак, тие искажуваат одредена резерва околу очекувањата Кошта да се наметне како европски лидер што ќе остави свој личен печат во работењето, правејќи паралела со примерот на поранешниот претседател на Европскиот совет Доналд Туск, сега премиер на Полска.
– Дури и Туск, огромна личност, широко почитувана за работата што ја работеше помеѓу 2014 и 2019 година, не остави трајно наследство – рече дипломатот. С.Т.
Советот на ЕУ – водечка институција за одлуки од областа на заедничката надворешна и безбедносна политика
Европски совет е висока институција на ЕУ во која се претставени владите на земјите членки на Унијата. Советот на ЕУ е водечка институција кога се донесуваат одлуки од областа на заедничката надворешна и безбедносна политика, како и за полицијата и за судската соработка на полето на криминалот. Советот на ЕУ се состои од по еден претставник на министерско ниво од секоја земја членка (на пример, министрите за земјоделство, кога Советот донесува одлуки во врска со заедничката земјоделска политика). Претседател на Советот на ЕУ е министерот на земјата членка што во моментот претседава со Европската Унија. П.Р.