Илустрација: „Нова Македонија“

Европа сѐ подлабоко во лавиринтот од повеќеслојни и крупни проблеми

  • Предупредувањата за раст на инфлацијата и забавување на економијата повторно ја отвораат дилемата дали институциите на Европската Унија имаат капацитет и визија да се справат со паралелните кризи што длабоко ја засегаат, од внатрешните фундаментални концептуални разлики меѓу членките, потоа несогласувањата за надворешната и безбедносна политика, агресивната милитаризација на Унијата и особено прашањето за Украина, вклучувајќи ги и концептуалните разлики за енергетиката, економијата и финансиите, па до политиката на проширување

За многу од концептуалните разлики внатре во Унијата сме пишувале и сме ги детектирале, повикувајќи се и цитирајќи одредени реномирани европски медиуми, консултирајќи се со наши извори од администрацијата на ЕУ, како и наши дипломати и аналитичари, кои со своите мислења и опсервации значајно придонесувале за тоа јавноста да биде навремено и точно информирана, но во исто време и да добијат информации и корисни анализи оние на кои им е доверен мандатот да одлучуваат за јавните политики и патот по кој се движи нашата земја. Овој пат ќе се осврнеме на неколку очигледни проблеми со кои се соочува ЕУ, во светлина на конфликтот на Блискиот Исток и како тие појави ја тангираат Унијата, а би се рефлектирале и на Македонија.

Европската економија продолжува на патот кон неизвесност и непредвидливост

Низа аналитичари укажуваат дека ЕУ односно европската економија повторно влегува во период на неизвесност. Според последните предупредувања директно од извор од Владата на Европската Унија, инфлацијата би можела да достигне околу три проценти оваа година доколку војната на Блискиот Исток продолжи да ги држи цените на нафтата од типот брент околу 100 долари за барел, а цените на горивата на високо ниво подолг период. (А ако продолжат и по нагорен тренд, тоа би влегло во економско хорор- сценарио, што дури и не се разгледува.) Поаѓајќи од помалку песимистичкото, првото споменато сценарио, економскиот раст во 2026 година би бил за околу 0,4 процентни поени понизок од претходната проекција од 1,4 проценти.
Ова не е никаква шпекулативна информација, бидејќи ова предупредување го соопшти потпретседателот на Европската комисија (ЕК), односно европската влада, господинот Валдис Домбровскис.
Тој укажа дека покрај цените на нафтата, се очекува и европските цени на гасот да останат високи, односно околу 75 евра за мегават-час до крајот на годината. Тоа би значело дека инфлацијата би била за 0,7 до еден процентен поен повисока од претходно проектираните 2,1 проценти за 2026 година.
Во врска со ова, нашите соговорници за овој нов предизвик на Брисел имаат став дека „ЕУ сѐ повеќе се губи во лавиринтот на повеќеслојни проблеми“.
– Зад ова техничко економско предупредување се крие многу подлабок проблем! А тоа е структурната немоќ на европските институции да реагираат навреме и ефикасно на кризите што се редат една по друга – велат нашите соговорници.
Тие спомнуваат неколку сериозни нерешени проблеми од страна на високата администрација на Брисел, како што се енергетскиот проблем, проблемот на финансирањето и буџетот, мноштво политички проблеми и разидувања, а се разбира, го издвојуваат и незнаењето како ќе продолжи проширувањето на ЕУ.
– Не дека не сакаме да влеземе во Унијата, туку сега и тие од Брисел го изгубија компасот за целата Унија, не само за нас – истакнуваат нашите соговорници, со доза на алегорија.

Енергетската зависност како хронична слабост

Енергетската криза што изразито започна со геополитичките тензии во 2022 година никогаш ниту беше ниту е целосно решена. Иако ЕУ инвестираше средства во т.н. зелена агенда, односно, како што вели Брисел, во „диверзификација на снабдувањето и во обновливи извори на енергија“, континентот и понатаму останува исклучително чувствителен на глобалните ценовни шокови, а катастрофалната грешка од политички причини за запирањето евтини енергенти скапо ја чинеше Европа, резултирајќи со тешка деиндустријализација. Скапиот гас и нафта имаат моќ директно да ги разнишаат индустријата, стопанството, економијата и инфлациската стабилност, што покажува дека европската енергетска стратегија останува како во магла. Наместо некаква „енергетска автономија“, како што посакуваше Брисел, ЕУ со стратегиски погрешни енергетски политики, во чиј пакет од промашувања влегуваат и затварањето на нуклеарните енергетски ресурси (како и претходно споменато откажување од рускиот природен гас), либерален Брисел со своите политики ја однесе Европа на нестабилно енергетско, индустриско и економско тло. Оваа структурна рана го направи европскиот економски модел кревок во време на геополитички конфликти, бидејќи отсуствуваше визија на европските лидери, кои веќе ги нема во вистинска смисла на зборот.

Економија со намален потенцијал и други структурни слабости

Паралелно со енергетските проблеми, европската економија се соочува со хронично бавен раст. Проекцијата за раст од околу 1,4 проенти веќе се смета за скромна, а предупредувањето дека тој може дополнително да се намали покажува дека економската динамика на континентот стагнира.
Во споредба со САД и со некои азиски економии, Европа се бори со неколку структурни слабости, и тоа со демографско стареење, слаб раст на продуктивноста, високи регулаторни бариери, недоволни инвестиции во иновации…
Овие фактори ја прават европската економија помалку отпорна на надворешни шокови. Секоја нова криза – било да е геополитичка, енергетска или финансиска – има потенцијал да ја оттурне економијата во период на стагнација.

Политички Брисел без стратегиски компас

Критичарите сè почесто тврдат дека сегашната администрација во Брисел реагира на кризите ад хок, без долгорочна стратегија. Политиките често се креираат како одговор на моментални притисоци, наместо како дел од јасна визија за иднината на европскиот проект. Брисел нема визионер, нема ни лидери.
Токму затоа расте впечатокот дека Брисел го губи стратегискиот компас. Наместо консолидирана политика што ги поврзува економијата, енергијата, безбедноста и индустрискиот развој, европската политика изгледа фрагментирано.
Европската Унија се наоѓа во парадоксална ситуација: има огромен институционален апарат, но често дејствува бавно и неодлучно кога станува збор за крупни геополитички и економски прашања.

Проширувањето како уште една неизвесност

Проблемите не се ограничени само на економијата, финансиите, енергијата итн. Политиката на проширување, која некогаш беше една од најсилните алатки на европската дипломатија, денес е исполнета со контрадикции.
Кандидатските земји со години се соочуваат со менување на критериумите и нови услови, што создава чувство на неизвесност и недоверба. Наместо јасна временска рамка и конзистентни правила, процесот често изгледа како политички инструмент зависен од моменталните интереси на одделни земји членки.
Ова не само што ја поткопува кредибилноста на Унијата туку и го слабее нејзиното геополитичко влијание во соседството.

Унија со многу кризи и малку решенија

Инфлациските предупредувања се само уште еден сигнал дека Европа влегува во период на сложени економски и политички предизвици. Енергетската зависност, бавниот економски раст, институционалната инертност и нејасната политика на проширување се делови од пошироката слика.
Прашањето што се наметнува е дали Брисел ќе успее да изгради нова стратегија за иднината на европскиот проект или Унијата ќе продолжи да реагира на кризите наместо да ги предвидува и да реагира проактивно и превентивно. Во време кога глобалната конкуренција се засилува, а геополитичките конфликти стануваат сè почести, одговорот на ова прашање ќе биде клучен не само за економската стабилност на Европа туку и за самата политичка кохезија на Европската Унија. А и за нас како кандидати. Не дека не сакаме да влеземе во ЕУ или сме со евроскепса. Напротив, едвај чекаме да се интегрираме со оние што економски, стопански, здравствено, образовно, социјално итн. ќе нѐ повлечат напред! Но тоа сигурно не е ваквата ЕУ. П.р.