Можеби е време бугарскиот претседател да свика ново заседание на Консултативниот совет за национална безбедност за да се разјасни позицијата на Бугарија кон Македонија, истакна заменик-координаторот на Пратеничката група на Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) и Сојузот на демократските сили (СДС) во бугарското Собрание, Тома Биков.
– Мора да имаме заеднички став. Се гледа дека има некакво колебање и сигналите што ги испраќаме кон надвор не се добри – изјави Биков за Бугарското национално радио (БНР).
Биков е дециден дека нема промена на бугарската позиција кон Македонија, додавајќи дека ако „некој тврди поинаку, си дозволил да лаже“.
– Тоа ќе се одрази на патот на Република Северна Македонија кон ЕУ, за кој сите партии велат дека го поддржуваат, доколку Северна Македонија исполни одредени услови – порача пратеникот на партијата ГЕРБ, чиј лидер е поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов.
Сепак, според Биков, ако дошло до промени во бугарската позиција, тој што го сторил тоа го минирал процесот на проширување на ЕУ, кој е „многу поважен од тоа дали Бугарија ќе ја пушти Македонија“.