Стравувањата што ги искажуваат одделни земји членки на ЕУ се движат во насока дека ќе го загубат сопственото влијание во рамките на Унијата и дека со приемот на нови земји, всушност, токму помалите земји ќе добијат на важност и нивниот глас ќе биде клучен при носењето одлуки
Анализа на Шведскиот институт за европски политики
И покрај најавите од страна на голем број европски челници дека проширувањето на Европската Унија е незапирлив процес, скептицизмот кај одделни земји членки на Унијата, во врска со процесот за прием на нови земји, не само што е присутен туку се заканува да биде сериозна пречка на заокружувањето на европската идеја.
Стравувањата што ги искажуваат некои земји членки на ЕУ се движат во насока дека ќе го загубат сопственото влијание во рамките на Унијата и дека со приемот на нови земји всушност токму помалите земји ќе добијат на важност и нивниот глас ќе биде клучен при носењето одлуки.
Ова оди во корелација со сѐ погласните најави за промена на принципот на носење одлуки во ЕУ, од консензуално, во гласање со квалификувано мнозинство, што Германија веќе сериозно го заговара. Во една таква нова констелација, гласот на помалите земји станува исклучително важен при носењето одлуки и затоа проширувањето на Унијата почнува да претставува закана за некои од поголемите земји.
Три сценарија за проширувањето што може да го променат односот на силите во Советот на ЕУ
Потврда на ваквите констатации е најновата анализа на Шведскиот институт за европски политики (СИЕПС), кој направи процена на ефектите од три можни сценарија за проширување на ЕУ врз рамнотежата на моќта меѓу земјите членки.
Во оваа анализа, Пирет Ехин, професорка на Универзитетот во Тарту, ги истакнува сложеностите и потенцијалните промени во динамиката на моќта во рамките на Советот на ЕУ по потенцијалните проширувања. Бидејќи времето и обемот на понатамошното проширување остануваат неизвесни и зависат од различни фактори, таа разгледува три сценарија за проширување, кои значително би го промениле балансот на моќта во Советот на ЕУ: пристапувањето на Украина, Молдавија и Грузија (ЕУ30), пристапувањето на шесте земји од Западен Балкан (ЕУ33) и пристапувањето на обете групи (ЕУ36). Главните наоди би можеле да се сумираат на следниов начин:
– Членките основачи, големите држави, членовите на еврозоната, медитеранските и посткомунистичките држави би ја задржале можноста да ги блокираат одлуките на Советот според сите три сценарија за проширување.
– Малите држави би имале потреба од партнерства со понаселени земји за да ги исполнат барањата за квалификувано мнозинство, додека големите земји би имале потреба од поддршка од многу помали држави за да донесат закони.
– Посткомунистичките земји би добиле можност да ги блокираат одлуките според сите трите сценарија за проширување.
– Тежината на северноевропските земји би се намалила, додека моќта на јужните земји членки би се зголемила.
– Проширувањето би ја намалило тежината на членовите на еврозоната во Советот, но тие сепак би ги исполниле барањата за квалификувано мнозинство според сите сценарија.
Според авторот на анализата, минатите проширувања генерално ги подобриле капацитетите за донесување одлуки на ЕУ преку промовирање реформи на договорите и други промени што ги направиле процесите поефикасни. Идните проширувања би го зголемиле притисокот за напуштање на едногласноста во Советот, особено во прашањата за надворешна и безбедносна политика. Сепак, тврди авторот, значајната реформа на донесувањето одлуки на Советот зависи од големите држави, кои им нудат стимулации на помалите, како што се приспособување на условите за исполнување квалификувано мнозинство, воведување барања за супермнозинство или овозможување диференцирана интеграција.
Силјановска-Давкова: Земјите од Западен Балкан не се товар за апсорпцискиот капацитет на ЕУ
Македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова смета дека ниту Македонија, ниту, пак, другите земји од Западен Балкан не се закана за апсорпциската моќ на ЕУ. Таа уште додаде дека земјава има поминато многу на евроинтегративниот пат, посочувајќи на многубројните позитивни извештаи на Европската комисија. Според неа, логично е земјите што имаат долг стаж на преговори со Унијата да бидат најподготвени за членство и оцени дека суверено право на земјава е да биде таму каде што секогаш политички, историски и културолошки припаѓала.
– Ние не сме товар за апсорпцискиот капацитет на ЕУ. Дури и сите заедно. Држава како Украина, а на неа ако ја додадеме ЕУ, е. Тогаш односот на силите, говориме за процесот на одлучување бидејќи во ЕУ се водат од бројот на државите, може да го смени. Многу логично е најблиските и оние со најдолг стаж на преговори да бидат најподготвени. Да ги потсетам од ЕУ колку позитивни извештаи дадоа за Македонија, и тоа зборува не за нас, туку за нив – вели македонската претседателка.
Аналитичари: ЕУ промовира модерно европско ропство
За познавачите на европските околности, анализата на Шведскиот институт за европски политики всушност покажува дека се работи исклучиво како да се задржи моќта при одлучувањето, па во тој контекст се става и проширувањето.
– Веќе не се битни европските критериуми, принципи, туку се прават отворени калкулации што ќе се добие, а што ќе се загуби доколку процесот на проширување продолжи, а во меѓувреме се промени начинот на одлучување во рамките на ЕУ. Големите сили внатре во Унијата се свесни дека утре, хипотетички, може една Молдавија или Црна Гора, па еве и Македонија, да блокира некоја важна европска одлука што е од интерес на една Германија или Франција и работите да запнат. Не треба да се отфрли ниту сценариото дека токму помалите земји може да се сојузат и да така да им се спротивставуваат на поголемите земји членки. Станува сѐ поизвесно дека се работи на воведување квалификувано мнозинство при гласањето и затоа некои земји, пред сѐ Германија и Франција, сакаат уште сега да стават до знаење кој е кој во Унијата. Оние приказни за почитување на секој глас, на различностите, на малите земји се за мали деца бидејќи станува јасно оти моќта и контролата се клучни и во рамките на ЕУ. Затоа се овие резерви во поглед на проширувањето, особено ако тука влезе една Украина, која ќе им ги помати сметките на многу други актуелни земји членки. Сега внатре во ЕУ се води вистинска борба за подобро позиционирање и затоа се прават калкулации и со проширувањето. Се размислува со која од новите земји што ќе станат членки ќе се градат сојузи, како тие ќе се однесуваат при носењето поважни одлуки и слично. Буквално се мери секој аспект. Ова само потврдува дека проширувањето на Унијата не се посматра врз вистинската европска идеја за слобода, демократија и почитување на различностите, туку кој ќе го задржи влијанието над другите. Онаа ЕУ во 90-тите години од минатиот век за која и ние се определивме не е иста со оваа ЕУ во 2025 година. Дури и нашиот евроинтегративен процес беше обременет со задоволување на интересите најпрво на Грција, потоа и на Франција, па сега и на Бугарија. Ние сме мали како држава, но утре при евентуален влез во ЕУ сакаат јасно да ни порачаат дека треба да слушаме ако сакаме да бидеме дел од поголемото друштво. Прашањето е дали ваква ЕУ, во која се инсистира на потчинетост во однос на големите и моќни земји, ќе опстои на подолг рок или и таа ќе се распадне бидејќи сите почнуваат да се вртат кон себе и сопствените интереси и не сакаат никој да им наредува што да прават и како да гласаат. Впрочем, која е поентата да се влегува во Унија во која треба да се прифати потчинетост и да не се слуша туѓиот глас? Тоа не е ништо друго, туку некое ново модерно европско ропство – заклучуваат познавачите.