Под влијание на многу топла воздушна маса што доаѓа од северните предели на Африка, од денеска во Скопје, па и во цела Македонија ќе имаме високи температури на воздухот, кои ќе се искачат близу 40-от степен. Синоптичарите најавуваат дека исклучително топлиот африкански бран ќе трае до вторник, а не е исклучена можноста за појава на нестабилност во форма на силно и бурно невреме проследено со краткотраен пороен дожд, силни електрични празнења, молњи и грмежи, како и засилен ветер. УВ-индексот ќе има многу висока вредност овие денови и коефициентот ќе биде помеѓу 8 и 9

Во очекување претстојниов период да настапат во полн капацитет климатските и

Метеоролозите од Балканот веќе некое време најавуваат дека метеоролошкиот феномен Ел Нињо, кој е карактеристичен со подолги сушни периоди и екстремни топлотни бранови ќе биде заменет со другиот метеоролошки феномен, Ла Ниња, кој, пак, се карактеризира со метеоролошки појави токму спротивни на Ел Нињо.
Според Светската метеоролошка организација, временската појава Ел Нињо, која може да предизвика екстремни последици, како што се шумски пожари и тропски циклони, се очекува во текот на оваа година да се претвори во сосема спротивни климатско-временски екстреми под влијание на антиподот – Ла Ниња.
Ел Нињо е природен временски феномен поврзан со нарушување на т.н. „ружа (шемите) на ветриштата“, што значи потопли температури на површината на океаните во источниот и централниот дел на Тихи Океан, а Ла Ниња носи пониски температури во Тихи Океан околу екваторот и е поврзан со поплави и суши.
Светската метеоролошка организација (СМО) објави дека има 60 отсто шанси условите во Ла Ниња да се појават помеѓу јули и септември и 70 отсто шанси помеѓу август и ноември.
– Крајот на Ел Нињо не значи пауза во долгорочните климатски промени што нашата планета ќе продолжи да ги доживува поради стакленичките гасови – изјави за јавноста заменик-генералниот секретар на СМО, Ко Барет.
Од Светската метеоролошка организација (СМО) соопштија дека екстремно високите температури на површината на морето ќе продолжат да играат важна улога во наредните месеци. Изминатите девет години беа најтоплите досега, и покрај постуденото влијание на Ла Ниња, кое траеше од 2020 до почетокот на 2023 година, соопшти СМО.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изјави дека светот е на „автопат кон климатскиот пекол“ бидејќи планетата трпи 12 последователни месеци на невидена топлина. Според службата за мониторинг на Европската Унија, „планетата штотуку означи шокантна нова пресвртница, издржувајќи 12 последователни месеци на невидена топлина“. Секој месец од јуни 2023 г. до мај 2024 г. бил најтоплиот таков месец досега, покажаа податоците на „Коперник“ – службата за климатски мониторинг на ЕУ.
Што се однесува до нашиот регион и држава, под влијание на многу топла воздушна маса, која доаѓа од северните предели на Африка, од денеска во Скопје, па и во цела Македонија ќе имаме високи температури на воздухот, кои ќе се искачат близу 40-от степен. Синоптичарите најавуваат дека исклучително топлиот африкански бран ќе трае до вторник, а не е исклучена можност за појава на нестабилност во форма на силно и бурно невреме проследено со краткотраен пороен дожд, силни електрични празнења, молњи и грмежи, како и засилен ветер. УВ-индексот ќе има многу висока вредност овие денови и коефициентот ќе биде меѓу 8 и 9.


Како да си помогнеме кога ќе настапат временските екстреми и како да се превенираат или амортизираат некои појави и последици
Помогнете си при топлотни бранови

Она што како и секоја година е многу важно е граѓаните да се заштитат од топлотниот бран, па така, препораките за избегнување подолг престој на сонце и редовно хидрирање, а за хронично болните редовно примање на терапијата важат и сега.
Високиот УВ-индекс и сончевите зраци имаат повеќекратно штетно влијание врз здравјето на луѓето, првенствено на кожата, а потоа и на општата здравствена состојба.
Многумина овој период знаат да седат на сонце, а токму стажот на сончање е главна причина за појавата на меланомите, рак на кожа, кој изминативе години добива експанзија.
Затоа е важно редовно да се користи заштитен фактор. Светската здравствена организација (СЗО) препорачува да се нанесува крем за сончање 20 минути пред изложувањето на сонце, со повторно нанесување на секој втор час, и истото тоа да се повторува по пливање или капење. Изложеноста на сонце може да доведе до карцином на кожата (меланом, базоцелуларен, Меркелов карцином, скамоцелуларен), брчки, стареење на кожата, проблеми со видот и имуносупресија.
При неопходен престој на отворен простор најдете сенка каде што почесто ќе се одморате. На телото му е потребно туширање со посвежа вода, а добро е да се ставаат ладни облоги.
Лекарите советуваат да се внесува помало количество храна, особено онаа што е масна и висококалорична.
Да се внесува поголемо количество течности, а најмногу обична вода. Граѓаните треба да избегнуваат пиење алкохолни пијалаци, пијалаци што содржат кофеин и екстремно ладни пијалаци.


Како да се заштитиме од невреме?

Изминатиов период имавме невреме во повеќе региони во Македонија, а при грмотевици важно е да знаеме како да се заштитиме од удар на гром. Постојат повеќе препораки од експертите што треба да се почитуваат, со цел луѓето да не бидат доведени во ризик. Експертите објаснуваат дека најдобра заштита од молњи и громови овозможуваат објектите што се опремени со громобранска инсталација – громобрани. Велат дека громобранот на објектот претставува негова највисока точка и има поголема шанса да биде погоден отколку пониските делови на објектот. Кога молњата ќе го погоди громобранот, електрицитетот се спроведува низ изолираниот спроводник во земјата.
Според експертите, при невреме со електрични празнења треба да се исклучат телефонот и сите електрични уреди од ѕид, додека ТВ-уредите треба да се одвојат од антената. Треба да се избегнува каков било контакт со вода во надворешни услови, на поле, ливада, покрај куќа, на море бидејќи водата е одличен спроводник на електрицитет. Автомобилите и другите возила можат да пружат заштита од молњи, и покрај фактот дека се забележани случаи на разорување (палење или експлозија) како резултат на удар од гром. Исто така треба да се избегнува работа надвор, во градина, поле, шума и користење запрежни возила – трактори, култиватори и слични уреди, особено во долови и покрај река, поточе, слив и слично.
Исто така корисно правило е ако видите молња и по 30 секунди се слушне гром, веднаш да побарате засолниште, и најмалку 30 минути од последната молња што ќе ја видите и ќе го слушнете звукот на громот, да не излегувате од засолништето. Во тек на време со грмотевици, луѓето треба да избегнуваат да носат метални предмети и мобилни телефони. Не треба да се стои во близина на струјни водови – бандери, далноводи, столбови од жичара. На отворен простор луѓето треба да ги изберат најниските места каде што нема вода, да клекнат и да се наведнат напред ставајќи ги рацете околу колената за телесната висина да биде што помала или ако стојат на некоја изолирана подлога треба допирната површина со тлото да биде што помала. Во оваа смисла е добра облека од материјал што не спроведува струја.


Што да се направи при напад на пчели, оси и стршни?

Пчеларите можеби најдобро знаат како да се однесуваме во природа во близина на пчели, оси и стршни.
Според нив, секогаш треба да се носи светла облека, да не се ставаат силни парфеми, но и да не се мавта со рацете бидејќи тоа на овие инсекти им асоцира на напад. Потребно е да бидете смирени и да не паничите. Ниту еден од овие инсекти нема да ве нападне доколку не се почувствува загрозено.
Според лекарите, важно е со себе при престојот на места каде што е можна појава на овие инсекти секогаш да се носи адреналинско пенкало, бидејќи тоа е првата помош во вакви ситуации. Доколку се случи убод од еден од овие инсекти важно е лицето веднаш да се напие антихистамин за да се намали алергиската реакција. Да се стави ладно на убодот. Доколку сте во природа, добро е да најдете ладна изворска вода и да ставите ладни облоги за да се намалат отокот и реакцијата. Доколку сте дома, од замрзнувач извадете нешто замрзнато и ставете на убодот. Потоа, потребно е веднаш да побарате лекарска помош.


Корисни информации при закана од поплави предизвикани од поројни дождови

Екстремните временски услови носат и екстремни последици, бидејќи одеднаш како последица на поројни дождови, може да се случи да дојде до поплавување.
Од тие причини, важно е во таков случај да знаеме како да реагираме и како да се справиме со надојдената вода.
Македонија, а особено Скопје изминатите години имаа повеќе епизоди на поплави предизвикани од поројни врнежи од дожд, доволно е да се спомене поплавата под надвозникот кај плоштадот „Скендербег“, каде што возилата беа поплавени до врвот, но и онаа разорна поплава во Стајковци, која однесе повеќе човечки животи и причини невидена материјална штета.
Според експертите, при поројни дождови кога доаѓа до надоаѓање на вода, доколку сте дома, важно е да ја исклучите струјата, бидејќи комбинацијата струја и вода е смртоносна.
Доколку забележите дека доаѓа до поголемо поплавување, важно е со вас да имате помагало (на пр. стап) бидејќи со него ќе успеете да опипате колку е длабока водата, дали има дупки и дали е безбедно за движење.
Автомобилите не ви се пријатели во ниту еден случај и затоа никако не останувајте во нив и не се качувајте на нив. Возилата лесно се полнат со вода, нестабилни се и затоа се препорачува да ги избегнувате.
Внимавајте и какви чевли носите. Во такви случаи најдобро е да носите гумени чизми бидејќи ќе ги заштитат вашите нозе од разните предмети што би ги имало на дното.
Експертите велат, доколку имате можност, да најдете објекти што ќе ви помогнат да останете пловни над водата. Ако имате гумени душеци дома, гуми за пливање за децата, во таква ситуација е добро да се надуваат.


Апел: Не оставајте ги вашите деца во автомобилите, ниту кратко, по никоја цена!

Летниот период секогаш е проблематичен кога родителите мора да завршат некоја обврска со своите деца. Брзањето од едно до друго место со мали деца на високите температури честопати може да заврши катастрофално, особено ако родителите накратко ги остават своите деца во автомобил, за „накратко“ да завршат со некоја блиц-обврска. Ако надвор температурата на воздухот е 40 степени, во автомобил (накратко паркиран и со исклучен клима-уред) може за неколку минути да се искачи дури и за десет степени повисоко. Токму тоа претставува сериозна и животозагрозувачка околност за најмалите.
Според статистиката, просечно, 38 дечиња умираат во врели и затоплени возила во летниот период секоја година во Америка, каде што ваквите случаи се и најчести. Тоа, според безбедносната организација „Кидс анд кар сејфти“, претставува една смрт на дете во девет дена. Мнозинството деца, дури 87 проценти, што починале откако биле оставени во врели возила биле на возраст до три години, додека нешто повеќе од половина, 54 проценти, сѐ уште биле доенчиња.
Ако веќе морате да ги оставите децата накратко во возило за да истрчате да завршите некоја обврска, се препорачува да ги земете со вас, но доколку станува збор за многу краток период од неколку минути, добро е да ги оставите во климатизиран автомобил, со доволно количество вода. Ако се бебиња и помали што не знаат сами да се напијат вода, воопшто не правете го тоа.


Во сушите и екстремно топлите периоди сѐ почести се „средбите“ со змии: Како соодветно да се реагира?

Змиите веќе почнаа да излегуваат од своите природни живеалишта поради топлото време.
Во Центарот за управување со кризи биле добиени две пријави за појава на змии, една во Гази Баба, друга во Прилеп. За жал, ние немаме стручна служба што би излегла на терен во вакви ситуации, па затоа најдобро е граѓаните да се држат до следниве совети.
Во Македонија, велат биолозите, има 16 вида змии, а само три вида се отровни. Една од отровните змии што ги имаме е поскокот, змија што ја има речиси насекаде. Во Скопје, во урбаните средини, таа не се појавува, меѓутоа ја има во парковите, на Водно, Гази Баба, Скопска Црна Гора. Она што се препорачува при посета на овие места е секогаш да се носат високи и дебели чевли, над глуждот. Така, змијата и да се обиде да касне, нема да успее, ќе се одбие од ѓонот. Треба да се знае дека змиите не напаѓаат први. Тие напаѓаат тогаш кога ќе се почувствуваат загрозени.
Сепак, доколку се случи каснување од змија важно е да се забележи каква е змијата, па дури, ако постои можност, и да се фотографира, за докторот да знае како да реагира.
За утеха е фактот што екипите на брзата помош, како што во една пригода нѐ информираше раководителката на службата за итна помош, д-р Милица Бубало, имаат противотров во случај да ве касне змија.
– Екипите на брзата помош имаат противотров во случај да се пријави каснување од змија. Тоа е една од најургентните состојби и доколку се случи каснување, ние сме опремени и подготвени веднаш да дејствуваме. Во таков случај, луѓето вообичаено се јавуваат на 194 и ние веднаш постапуваме според процедурата – рече нашата соговорничка.


Внимателно при посета на базените: Да се почитуваат правилата за користење и однесување

Со најавениот топлотен бран, сосема очекувано е семејствата да почнат да ги користат базените за да се разладат. Токму оттука е и опасноста за семејствата што во својот состав имаат мали деца, кои не ја знаат опасноста од имањето базени во дворовите.
Независно за какви базени станува збор, мали гумени, големи монтажни или оние ископани во земја, сите претставуваат сериозна и потенцијална животозагрозувачка опасност за децата. Љубопитноста на децата е тоа што ги мотивира да ги преминат границите на безбедноста и, наместо да се забавуваат, лесно можат да станат жртва.
Експертите предупредуваат дека физичкото присуство или само слушањето на децата не е доволно кога се во прашање базените. Според Вилијам Рамос, член на Научниот совет за надзор на американскиот црвен крст, децата до петгодишна возраст мора да се на дофат на рака. За оние, пак, до десет години, родителите мора да се приближно на метар од нив, за да можат веднаш да реагираат доколку се случи паѓање на детето во водата.
Сепак, најдобра заштита, според експертите, е ограда околу базените, која ќе биде доволно висока за детето да не може да се прекачи и да заврши во вода. Сите овие совети американските експерти за безбедност ги даваат водејќи се од црната статистика. Имено, базените се втора водечка причина за смртност и кај деца од пет до девет години.
Слични се советите и со посетата на плажите. Децата секогаш треба да ги следите иако се со гуми и други заштити за пливање.