Фото: ЕПА

Пронатална политика на администрацијата на Трамп

Реномираниот „Њујорк тајмс“ во едно од своите последни изданија пишува дека „администрацијата на Трамп разгледува голем број мерки за зголемување на наталитетот во САД“.
– Од едукациски материјали за идните мајки, преку предлози за „бонус за бебиња“, односно додатоци во висина од 5.000 долари за новите мајки, предлозите се дебатираат со претседателот Доналд Трамп и неговите советници. Предлозите се дел од иницијативата на министерот за здравство Роберт Ф. Кенеди Џуниор, која тој ја нарекува „Направете ја Америка повторно здрава“ (МАХА) – се наведува во статијата на медиумот.

Стапката на наталитет во САД е под одржливото ниво

Сегашната стапка на наталитет во САД е околу 1,6 раѓања (по жена), што е под нивото од 2,1 новороденче, т.е. нивото со кое се одржува истата големина (број) на населението, доколку не се брои миграцијата. Ова значи дека населението не се репродуцира целосно, што резултира со можни економски и социјални последици, како што природно старее работната сила.
За издвојување е дека медиумот пишува и дека всушност „имиграцијата во САД историски го компензира овој недостиг од работоспособно население, но делумно е во спротивност со антиимиграцискиот став на администрацијата на Трамп“. Но, од друга страна, медиумот исто така го издвојува ставот на претседателот на САД дека всушност „Трамп тврди дека тој само се бори против илегалната и нерегулирана миграција“!
Патем, „Њујорк тајмс“ прави и споредба дека и повеќето економски развиени земји се обидуваат да најдат решенија за падот на наталитетот (поголемиот дел од Европа, Јапонија, двете Кореи, Кина, Русија), но досегашните мерки и политики не даваат плод.

Предлог-мерки за поттикнување на склопување бракови и наталитет

Неколку заинтересирани страни предложија мерки до Белата куќа за да ги мотивираат Американците да стапат во брак и да имаат повеќе деца. Други предложени идеи вклучуваат „образование за менструалниот циклус и 30 отсто стипендии Фулбрајт за мажени жени или мајки“. Од администрацијата исто така се бара да финансира програми за издигање на свеста за циклусите на плодност на жените „за да можат да знаат кога овулираат за да забременат“.

Пронаталното движење добива на сила во администрацијата на Трамп

Иако претставниците на администрацијата сѐ уште не се обврзаа со некаква форма на документ (за некоја посебна стратегија), неколку застапници што присуствуваа на неодамнешните состаноци зад затворени врати велат дека постои јасен интерес на највисоките нивоа на Трамповата администрација.
На пример, потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, татко на три деца, долго време го нарекуваше падот на наталитетот во земјата „криза на цивилизацијата“ и редовно присуствува на јавни настани со своите деца за да го нагласи просемејниот став на администрацијата. Илон Маск, татко на 14 деца со неколку жени, на сличен начин тврди дека „оние без деца имаат мал удел во иднината“… Р.С.