Илустрација: „Нова Македонија“

Извештајот на Европската комисија (ЕК) како инструмент за засилување на политичкиот притисок врз Македонија

  • Извештајот на Европската комисија (ЕК) и заклучоците нагласени во него оставија впечаток како да се координирани и синхронизирани со извештајот на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на локалните избори во Македонија, плус и со говорот во македонското собрание на претседателот на Советот на Европа, Теодорос Русопулос. Ајде да претпоставиме дека временската рамка (моментот на лиферување на овие извештаи и пораки од Европа) случајно се совпаѓа, тогаш за просторната (Македонија) и содржинската рамка (известувањата, ставовите и заклучоците во нив) никако не можеме да го игнорираме впечатокот дека сите тие во пакет претставуваат еден обид да се претстават со негативна слика/стагнација процесите во Македонија и со еден синхронизиран нов бран на принуда да се принуди официјално Скопје еднострано да се приспособи кон испорачаните барања од Брисел
  • Кога веќе ЕК наведува дека билатералните договори и протоколи мора да се спроведуваат од обете страни во духот на добрата волја, тогаш дилемата што се наметнува кај македонската јавност е дали Брисел ќе ги праша Софија и Атина зошто тие не покажуваат никаква добра волја кога станува збор за нивните обврски преземени со договорите, но што е уште поважно, дали и во извештаите за овие земји ќе се нотира дека „нема напредок“ на овој план и ќе се предупредат тамошните влади да направат нешто во таа насока

Прифаќањето на меѓународните договори секогаш треба да биде во духот на бона фиде, односно добра волја, што подразбира секоја од страните потписнички треба да си го исполни својот дел од обврските што ги презела.
Но и по осум години од потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка, како и седум години по ставањето параф на Преспанската спогодба, ниту Бугарија, а уште помалку Грција не спроведоа макар мал дел од преземените обврски од и онака целосно асиметричните договори.
Бугарија, без оглед што со договорот се обврза дека ќе ѝ помага на земјава во делот на евроинтеграциите, во пракса го игнорира договореното и не само тоа туку вложува и дополнителни напори целосно да го блокира македонскиот евроинтегративен пат.
Истото тоа го прави и Грција, која многу одамна требаше да ратификува три меморандума во грчкиот парламент и да промени неколку крајпатни табли на кои уште стои името „Скопиа“, но ништо од ова не е направено бидејќи Грција своите обврски ги користи како алатки за дополнителна уцена на земјава да го спроведе и она што го нема во Договорот од Нивици.
Во меѓувреме, Македонија до последна точка и запирка ги имплементираше достасаните одредби од обата договора, а во некои делови дури и отиде многу подалеку, иако во суштина не ги започна преговорите со ЕУ и на тој начин нема никакви обврски за имплементација на одредбите поврзани со отворањето на преговарачките поглавја.

Стари формулации без објективен пристап

Но очигледно сето ова не допира до ушите на европските политички елити, кои и овој пат сите забелешки околу спроведувањето на договорите ги адресираат исклучиво кон земјава.
Имено, Европската комисија во својот најнов извештај за напредокот на Македонија наведува дека постојните билатерални договори мора да се спроведуваат од „засегнатите страни“, но пораката е пратена само во извештајот за земјава. Соговорниците дипломати веднаш реагираат дека тоа е класична форма на унилатерален притисок насочен кон нас…
Во документот се нагласува потребата за спроведување „со добра волја од сите страни“ на склучените билатерални договори, вклучувајќи ги и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, притоа се нотира дека сѐ уште не се усвоени уставните амандмани насочени кон вклучување во Уставот на граѓани што не претставуваат мнозинство, како што се Бугарите, за што земјата презела обврска.
Кога веќе ЕК наведува дека билатералните договори и протоколи мора да се спроведуваат од обете страни во духот на добрата волја, тогаш дилемата што се наметнува кај македонската јавност е дали Брисел ќе ги праша Софија и Атина зошто тие не покажуваат никаква добра волја кога станува збор за нивните обврски преземени со договорите, но што е уште поважно, дали и во некакви извештаи за состојбите во овие земји ќе се нотира дека „нема напредок“ на овој план и ќе се предупредат тамошните влади да направат нешто во таа насока.
Од друга страна, во врска со овие забелешки во извештајот на ЕК за Македонија, земјава треба аргументирано да ги образложи пред бриселските челници сите точки од асиметричните договори што ги исполнила, но и да посочи дека и од малкуте обврските што ги имаат Грција и Бугарија, ниту една не е исполнета. А уште и кон Македонија се испорачуваат нови еднострани барања?!
Вака како што е нотирано во извештајот, произлегува дека Македонија не исполнила исто толку колку што не исполниле и другите две земји потписнички на обата договора, што во суштина е далеку од реалноста. Дополнително, тие се членки на ЕУ и ако во извештајот на ЕК се споменува обострано почитување на договорите, тоа треба да важи и за нив, оти во спротивно, во согласност со меѓународното право, не важи за никого.

Шампиони во предвремена реализација на преземените обврски од обата договора

Дел од домашните аналитичари се на ставот дека ЕУ балансирано ја дефинира терминологијата во извештајот околу обостраното почитување на договорите, но во пракса одобрува нивно непочитување од страна на земјите членки.
– Кога во извештајот ЕК пишува дека постојните билатерални договори, како Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија и вклучителните протоколи, треба да продолжат да се спроведуваат од сите страни во духот на добра волја, тоа всушност значи дека само ние мора да ги спроведуваме нашите обврски бидејќи сме кандидати за членство во ЕУ, додека Грција и Бугарија се внатре и затоа им се прогледува низ прсти. Веќе и нема што да спроведеме од тие договори бидејќи сѐ е имплементирано, иако не почнавме преговори, а некои наши обврски беа поврзани со одредени области од преговарачките поглавја – велат аналитичарите.
Според нив, во овој момент Македонија мора да испорача резултати во делот на реформската агенда, владеењето на правото и борбата со корупцијата, па потоа да стане кредибилен кандидат за Брисел, кој дури потоа можеби ќе сугерира до Атина и Софија нешто да имплементираат од она што го презеле како обврска, иако малку е веројатно дека ќе се случи тоа.
– Ако во нешто ЕУ не може да ни забележи, тоа е во спроведувањето на обврските преземени од договорите со Грција и Бугарија. Имавме едно такво неразумно избрзување што повеќе да испорачаме, кое се граничи со апсурдност. Ги изложивме нашите граѓани на непотребни давачки за промена на важечки документи, а Грција ниту менува табли ниту ратификува меморандуми. Тие не го почитуваат договореното и во согласност со меѓународните правни практики, ниту ние не сме обврзани да го почитуваме тоа што обострано сме го прифатиле. Бугарија постапи исто. По потпишувањето на договорот во кој има посебен член што вели дека ќе нѐ поддржува во евроинтеграциите, официјална Софија ни стави неколку вета, наместо како прв сосед да ни помага и да ни биде ветер во грб на патот кон полноправно членство во ЕУ. Да беше така, тогаш уставните измени ќе беа одамна завршена работа. Како и да е, без оглед на ваквата формулација во извештајот, обврските повторно ќе се однесуваат само на нас бидејќи ние сме тие што сакаат да влезат во европското друштво и актуелните земји членки го користат тоа – заклучуваат соговорниците, додавајќи дека реално, извештајот на Европската комисија (ЕК) во дипломатските кругови се почувствува како инструмент за динамизирање и засилување на политичкиот притисок врз Македонија.