Дали и колку сме свесни за нашата култура?
Инспириран од една нишка на социјалната мрежа Икс, во која профилот говори за музеите и нивните колекции и артефакти (конкретно за Музејот на град Скопје), наспроти свесноста (т.е. несвесноста) на жителите на Скопје за постоењето на такви артефакти во нивниот град, решив дека е корисно да се проговори за нашата писменост од областа на културата и за тоа колку навистина знаеме што како културно наследство постои по нашите музеи. Сметам дека таквата културна писменост е на многу ниско ниво, додека посетата на музеите и галериите на уште пониско. Од друга страна, верувам дека секој што го посетил Рим бил во Пантеонот, на Партенон кога бил во Атина, во „Лувр“ кога бил во Париз и секако за тоа платил билет од сериозна сума изразена во евра. Да се запрашаме колку од нас биле во Хераклеја, во Стоби, во Музејот на град Скопје или знаат со каква колекција располага тој?
Еве тргнете од себе како родители, дали и колку ги носите своите деца во музеј (или на изложба)? Тргнете од себе како наставници или професори, колку ги носите своите ученици или студенти во музеј (или на археолошки локалитет) или на кое било друго културно збиднување. Конечно тргнете од себе: колку често посетувате што било од ова и кога последен пат сте биле на културно збиднување како театар, филм (секако не холивудски), концерт (тука не говорејќи за концерти на популарни или пензионирани бендови), поетско читање или друг настан што ќе ја збогати вашата личност? Да бидеме на чисто, постојат и политичари, кои не само што не го прават ова, ниту пак може да се каже дека се свесни за потенцијалните на сопственото културно наследство, туку не знаат ни каде се наоѓа денсинг-салата на МКЦ или „Салон 19:19“ во КИЦ, а истите тие раководат со клучни политички процеси.
Културата и образованието се темелот на општеството, додека културното наследство на нацијата, па доколку сакате да градите држава или нација (која може да ја замислите како зграда), не може да градите од трети кат, а темелот да е во дупка. Не може да градите од економската наобразба, правосудството или социјалата, а културата да се сведува на површност и забава.
Слика 1: Адам од Говрлево Музеј на град Скопје
Да се вратиме на нишката на Икс… Постот вели: „Гарантирам дека 99% од населението во Скопје нема поим дека во еден музеј во Скопје во моментов може да види дела на:
1. Лазар Личеноски;
2. Марина Абрамовиќ;
3. Артефакт најден во Македонија што е прогласен за ’милениумско откритие‘ и едно од најстарите откритија на човештвото“.
И да, колку од вас се свесни за постоењето на дело на Марина Абрамовиќ во перманентната поставка на музејот?
Фотографијата е од перформансот „The Lovers“ и го симболизира крајот на љубовната и заедничка уметничка кариера со нејзиниот тогашен партнер Улај. Марина го замислила ова патување како романтичен и духовен начин на затворање на нивната заедничка приказна. Официјалните фотографии од патешествието и овој перформанс се вкупно 10 и истите тие се дополнети со нивни лични цртежи.
Една од сликите е во нашиот музеј во Скопје.
Мојата наставничка по ликовно во втора година средно, групно нѐ однесе токму на еден перформанс на Марина Абрамовиќ од 1973, „Lips of Thomas“, со кој гостуваше во истиот музеј за кој говориме. Ок, за голем дел од учениците, на 16 години, можеби беше премногу да го гледаат голото тело на Марина, која сече петокрака на стомакот, но верувам дека тоа сепак оставило некаков впечаток во нивните личности.
Слика 2: Марина Абрамовиќ
Ајде да се запрашаме и колку од скопјани знаат за Адам од Македонија или за Адам од Говрлево, кое е името на мала керамичка фигурина на машко торзо што е изложена во фантастичната специјално изработена витрина во Музејот на град Скопје?
Овој артефакт, кој датира од раниот неолит, односно од 5.000 до 5.500 години пред наша ера (значи дека е постар од пирамидите или Партенонот), светските научници го прогласија за „милениумско откритие“, додека британската телевизија Би-би-си го прогласи за едно од најважните човечки откритија.
Тука некаде до Марина се и делта на Оља Ивањицки (еден од основачите на српската уметничка група Медијала) и Лазар Личеноски (уметник што верувам нема потреба посебно да го претставувам).
Токму овие откритија скопјани може да ги видат во Музејот на град Скопје целосно бесплатно. Може да видат и римски бокал што датира од прв век, делови од столбови од Рим од втори и трети век, обетки, стаклени садови, оружје… Во музејот можете да видите и дела на Белогаски и Анастасов, уметници на чиј опус се посветени цели посебни делови од музејот. Притоа, да потенцирам, влезот во музејот е бесплатен.
Слика 3: Оплакување на Христос Сцена два: Пантелејмон
Дали знаете дека во црквата „Св. Пантелејмон“ во Горно Нерези може да ја погледнете фреската „Оплакување Христово“, фреска насликана во 1164 година, за која официјални студии сметаат дека е зачетокот на ренесансната уметност.
Фреската „Оплакување Христово“ е едно од најзначајните дела на византиската уметност од 12 век. Таа прикажува сцена од моментот по симнувањето на Христос од крстот, каде што Богородица со длабока тага го прегрнува телото на својот син, додека околните фигури изразуваат силна емоционална болка. Фреската е особено позната по својата исклучителна експресивност и хуманизам, што претставува рана најава на ренесансниот пристап во уметноста, многу пред неговото појавување на Запад. Со својата топлина и реалистичен приказ на човечката тага, ова дело остава длабок впечаток и сведочи за мајсторството на зографите што работеле во манастирот. Насликана е од непознат автор дури 150 години пред ренесансата да се појави во Италија со „Оплакувањето“ што Џото ди Бондоне го насликал во 1305 година и со што го отворил патот за раѓањето на ренесансата.
Слика 4: Банкноти
Наместо политичари или познати личности, на македонските банкноти се поместени уметнички мотиви инспирирани од богатото културно и историско наследство на Македонија. Тие прикажуваат значајни артефакти, фрески, мозаици, статуи, традиционални орнаменти, кои го симболизираат духовниот и уметничкиот развој низ вековите. На пример, на некои банкноти се наоѓаат делови од фрески од црквите во Охрид, мотиви од византиската и средновековната уметност, како и фигури од старите македонски ракописи. Овие елементи не само што ја зголемуваат естетската вредност на парите, туку и ги потенцираат националната припадност и културниот идентитет.
Колку од вас се свесни дека мозаикот прикажан на македонската банкнота од 10 денари потекнува од античкиот град Стоби, еден од најзначајните археолошки локалитети во Македонија. Колку од вас го посетиле? Станува збор за дел од поден мозаик со мотив на паун – симбол на бесмртноста и вечниот живот во ранохристијанската уметност – кој датира од 4 век. Мозаикот е дел од ранохристијанската базилика и е изработен со извонредна прецизност, користејќи мали камчиња во живописни бои. Со своето естетско и духовно значење, овој мозаик на банкнотата ја претставува врската меѓу античката уметност и културното наследство на Македонија.
Слика 5: Архангел Гаврил Богатото културно наследство
Дали знаете за златната маска од Требеништа – античка погребна маска од VI век пр. н.е., пронајдена кај Охрид, сведоштво за раната античка цивилизација во регионот? Сте го посетиле ли камениот календар од Кокино – мегалитска опсерваторија стара над 3.800 години, вклучена на листата на НАСА како едно од најзначајните древни астрономски места? А Хераклеја Линкестис – дел од римскиот град близу Битола, со зачувани мозаици, амфитеатар и архитектонски елементи? Сте чуле ли за постоењето на фреските од Старо Нагоричане (црква „Св. Никола“) – ремек-дела на византиската фрескоуметност од 12 и 14 век? Иконите од Охридската иконописна школа – особено вредни икони од периодот на 14-19 век, со силно духовно и уметничко значење? Глаголичките и кирилски ракописи – средновековни книги и документи, како Охридскиот апостол или Зборникот на поп Партениј пронајден во црквата „Св Богородица Перивлептос“ во Охрид? За Винча, винчанската култура и керамиката од Винча и неолитската населба Тумба Маџари – артефакти што сведочат за развиена неолитска култура, меѓу кои и Големата Мајка богинка, чија копија патем е изложена во Музејот на град Скопје, како дел од постојаната археолошка поставка, која ја илустрира важноста на култот на мајката во праисториското општество.
Слика 6: Мозаик Стоби
Фреската, пак, прикажана на македонската банкнота од 50 денари е дел од фрескоживописот во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, датирана од 12 век. Таа го претставува ликот на архангел Гаврил, насликан со исклучителна елеганција и живост, карактеристична за византиската уметност. Архангелот е прикажан во движење, со богати детали во облеката и изразителна духовност во ликот, што ја прави фреската едно од ремек-делата на средновековното сликарство во Македонија. Изборот на овој мотив за банкнотата симболично ја нагласува вредноста на духовната и уметничката традиција во македонскиот културен идентитет.
Слика 7: Опсерваторија Кокино
Можам вака до 1.001 и назад. Македонија е пребогата со достапни артефакти, локалитети, музеи, манастири, култура, дела од современата уметност… Проблемот е што не се работи темелно на нивна промоција, достапни информации, одржување, изложување… Музеите и локалитетите немаат веб-страници, или тие се рудиментирани и неажурирани, нема градско туристичко биро, ниту градски информатор, нема каде да земете мапа итн. Информациите поставени на интернет се од ентузијасти што го посетиле градот или локалитетите, па напишале нешто своеволно со желба да споделат. Но не е тоа поентата.
Она со што сме сиромашни е свест за нивна промоција, одржување, но и лична волја за истражување, ентузијазам за надградување на личноста. Но доколку барем малку се потрудиме, ќе дознаеме што сѐ поседуваме, а со тоа ќе научиме и да го цениме.
Тони Димитров