Охрид

Преку проектот „Културата расте со децата“, Општина Охрид и оваа година подготвува богата културно-забавна програма посветена на најмладите охриѓанчиња (од 3 до 10 години) и на најмладите гости што летуваат во градот.
– Оваа година реализацијата на проектот ќе започне месецов и е предвидено да заврши во ноември со одбележување на Неделата на детето. Проектот е конципиран така што секој петок на различни локации низ градот (на отворен и затворен простор) ќе бидат прикажани едукативни театарски претстави, мјузикли, концерти од детски музички фестивали, работилници за личен развој, книжевни хепенинзи, саеми на литература за деца, прикажување филмови наменети за деца и други едукативни содржини – информираат од Општина Охрид.
Оттаму посочуваат дека преку ваквите креативни содржини ќе бидат упатени универзалните пораки не само за секое дете туку и за возрасните како што се: да ги сакаме и почитуваме другарчињата, да ги слушаме родителите, да се грижиме светот да стане убаво место за живеење, да се грижиме за чиста и здрава животна средина и да градиме здрави животни навики преку здрава исхрана.
Важно е да се напомене дека сите настани ќе бидат бесплатни за публиката. Општина Охрид секој понеделник ќе ги најавува петочната детска содржина, местото и времето на одржување на настанот, а повеќе информации ќе може да се добијат преку фејсбук-профилот Културата расте со децата „За сите деца“, додаваат оттаму.