Репортажа на нашата дописничка од патувањето во Загреб
- Убаво е да се посети Загреб во време на адвент, кој е мамка за туристите. Така беше и со нас. Ние се упативме во посета на Загреб со цел да престојуваме барем два дена во преубаво украсениот град и убавата приказна што ја раскажува
Главниот град на Хрватска, Загреб, е израснат од две населби на два соседни рида, Гардец и Каптол, кои се јадрото на денешниот град, односно неговиот стар дел. Загреб е административен, деловен, научен и културен центар, во кој многу често доаѓаат посетители, особено во овој период пред новогодишните празници. Тука студираат, работат и живеат и многу Македонци. Убаво е да се посети Загреб во време на адвент, кој е мамка за туристите. Така беше и со нас. Ние се упативме во посета на Загреб со цел да престојуваме барем два дена во преубаво украсениот град и убавата приказна што ја раскажува. Имаш чувство дека си се вратил во средниот век и во барокниот период, иако сѐ уште голем дел од објектите се реновираат по земјотресот што пред неколку години го зафати и оштети дел од институциите. Убав е Загреб и дење и навечер, а речиси сите знаменитости се наоѓаат во центарот на градот, дали во долниот или во горниот дел, па затоа е убава прошетката пешки. Кога и да појдам во Загреб, секогаш ме плени со убавите и пространи паркови, плоштади, згради. За некој што првпат го посетува, волшебен е Загреб во време на божиќниот адвент. Како бајка е. Сѐ е украсено, блескаво, со полно содржини што го привлекуваат вниманието. Во Загреб за секого има по нешто да пронајде и да ужива. Иако има многу посетители, особено во вечерните часови, сепак е мирен град. Поделен е на долен и горен град, но најубаво е да ја започнете прошетката од долниот град, од кај плоштадот на кралот Томислав, на кој доминира споменикот посветен на кралот. Од крајот на ноември, па сѐ до почетокот на јануари е поставено преубаво лизгалиште, кое е вистинска забава во попладневните и вечерните часови. А околу лизгалиштето има мали куќарки што нудат најразлични загрепски специјалитети. Наспроти плоштадот е главната железничка станица. Потоа продолжете кон паркот „Зринјевац“, кој е убаво украсен и во чија средина има поставено павилјон, на кој секоја вечер се одржуваат концерти под светликавите светилки. Па така, атмосферата е убава и волшебна. Паркот е дел од повеќето простори во форма на потковица, кои ги има во долниот дел од градот. Околу него се наоѓаат Археолошкиот музеј, Хрватската академија на уметностите и др. институции.
Упатете се полека кон главниот плоштад посветен на бан Јелачиќ. Името го добил по најистакнатата личност во хрватската историја, Јосип Јелачиќ, кој учествувал во битката против Унгарците во време на Унгарската револуција од 19 век, кога било укинато кметството во Хрватска. На средината доминира споменикот Јелачиќ, а околу се наоѓа фонтаната „Мандушевац“, по чиј извор Загреб го добил името бидејќи легендата вели дека на тоа место девојката Манда сретнала витез што ја замолил да му „зграби вода“. На плоштадот има и видиковец од каде што се гледа цел Загреб, а на еден дел се наоѓа и загрепскиот пазар „Долац“. Лево е улицата Илица, главната сообраќајна артерија каде што возат трамваите, па можете да се упатите каде што сакате. Главна градска бизнис и шопинг-улица е Илица, која тргнува од кај плоштадот „Бан Јелачиќ“, а завршува кај алејата. Ова е најголемата улица со над 500 куќни броеви.
Катедралата на вознесението на блажената Девица Марија и Свети Степан и Ладислав е еден од најзначајните верски објекти не само во Загреб туку и во цела Хрватска. Препознатлив симбол на градот, а нејзините кули се гледаат речиси од сите страни. За жал, не може да се влезе внатре, бидејќи сѐ уште се реконструира, па посетителот може да се восхитува само надворешно на историското ремек-здание. Камената врата е еден од најстарите и најзачувани споменици од средновековниот период на Загреб. Правоаголна кула е со премин – една од преостанатите од четирите, од 13 век, во чија средина е капелата со сликата на Богородица, со златна круна. Пред камената врата е споменикот на Свети Јуриј на коњ, кој го убива змејот. Тука има постојано посетители, а некои и се молат.
Продолжуваме кон црквите „Св. Катерина“ и „Св. Марко“. Првата црква е од 17 век, изградена врз стара доминиканска црква, и е интересна градба, една од најубавите барокни зданија, покрај која има самостан, во кој сега се наоѓа уметничка галерија. Најпознатата црква и симболот на Загреб е црквата „Свети Марко“, од 14 век, обновена во 19 век. Позната е по покривот на кој е вграден грбот на Хрватска, Словенија и Далмација и грбот на градот Загреб. Има доста впечатлив и препознатлив покрив. За жал, не можевме да се приближиме до црквата поради оградите што беа поставени од безбедносни причини. По улицата Свети Кирило и Методиј се слегува до кулата „Лотршчак“, изградена во 13 век, една од најдобро зачуваните делови на некогашната стара градска фортификација, со изглед од 19 век. Препознатлива е по тоа што тука пука топ точно напладне. Оттука има преубав поглед на Загреб, па затоа туристите тука најмногу се задржуваат. И тука е убаво украсено, светликаво, во божиќно и новогодишно руво. Пред кулата се наоѓа и Музејот на распаднатите врски. По скалите надолу се слегува повторно на плоштадот „Бан Јелачиќ“ и тука завршува разгледувањето на стариот дел на градот, а кога малку ќе заминеш десно по улицата Илица ќе наидеш на тунелот Грич, проектиран во Втората светска војна. Тука е и градската жичница, најкратка на светот со пруга долга само 66 метри, која го поврзува долниот со горниот град. Интересно е што возењето трае над една минута.
Во Загреб можат да се разгледаат уште Музејот на осумдесеттите, Народниот театар, паркот „Мирогој“, кој изобилува со извонредни скулптури од врвните хрватски уметници и други знаменитости, ама ако сакаш да одиш во шопинг најблиску е подземниот центар со голем број продавници до железничката станица.
Да го посетиш Загреб, а да не ги вкусиш специјалитетите, особено загорските, или да не се облажиш со бајадера-торта, е вистински грев. А цените се приближно како кај нас, иако стандардот на Хрватите е повисок. Освен она што се нуди по божиќните штандови, особено е убаво да се седне во некој од традиционалните ресторани во стариот град, за што е потребна претходна резервација, каде што најубаво ќе се вкусат загорските домашни јадења. И така ќе ви поминат двата убави дена во Загреб, а посетата ќе ви остане во сеќавање, нормално сето тоа ќе треба да биде поткрепено со фотографии за спомен.
Каролина Мицевска
































