Кучиња скитници низ Битола

Кога пред речиси една година, заменик-градоначалникот на Битола, Бојан Бојковски, за првпат од говорницата во Советот на Битола изјави дека зачестеното каснување на кучињата скитници во градот под Пелистер на некои битолчани им стана доходен бизнис, кој постојано ја празни општинската каса, никој во Битола не му придаде некое посебно внимание. Но кога во Битола сфатија дека овој проблем не само што не е наивен туку дека секојдневно ја празни општинската каса, од локалната самоуправа на Битола реагираа со барање ОЈО да се заинтересира за санкционирање на овој нов начин на заработување пари

Како во Битола каснувањето од кучиња скитници стана предмет на Основното јавно обвинителство

Тврдам дека во Битола има организирана група што работи во болницата и адвокати што прават организиран криминал. Тие им се јавуваат на луѓето кога ќе ги каснат кучињата скитници уште неизлезени од болницата и им велат „јас ќе ти бидам адвокат“. Ова е организиран криминал што се случува во Битола и граѓаните треба да го знаат тоа. Ги повикувам надлежните институции да го испитаат овој случај. Дури има и фингирани каснувања од бездомните кучиња, истакна своевремено Бојкоски на седницата на Советот на Битола, а во излагањето тој ја аргументираше тезата дека на граѓаните каснати од бездомни кучиња тоа им стана доста исплатлив бизнис, вклучувајќи и одредена група адвокати.

Иницијатива до ОЈО на Битола за отворање постапка и спроведување истрага во врска со пријавите за каснување од кучиња скитници

Но и покрај ваквите укажувања на Бојковски, сепак надлежните институции и служби не направија ништо да се откријат и санкционираат ниту граѓаните, ниту пак адвокатите, кои од каснувањето од кучињата скитници дебело заработуваа(т) и ја испразнија општинската каса за десетици илјади евра.
Со оглед на тоа што ниту надлежните институции, ни јавното обвинителство не поднесоа какво било барање за спроведување истрага по укажувањето на заменик-градоначалникот на Битола, Бојан Бојковски, или по допрен глас, за да се утврди дали при барањето отштета од Општината за каснувањето од бездомни кучиња се испочитувани сите медицински, етички и законски норми и прописи, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, вчера до Основното јавно обвинителство на Битола поднесе иницијатива за отворање постапка и спроведување истрага во врска со пријавите за каснување од кучиња скитници што се доставуваат до Општината. Тој побара Обвинителството да спроведе соодветна постапка, анализа, но и истрага, при што ќе бидат oтстранети сите сомнежи што постојат за лажно пријавување каснување од улично куче или ќе се утврди кривична одговорност против оние што извршиле злоупотреба и го оштетиле буџетот на Општина Битола, а се стекнале со материјална корист.
Според градоначалникот Коњановски, иницијативата произлегува по укажувањата од надлежните служби, но и правните застапници на Општина Битола, дека постои основан сомнеж за сторени злоупотреби од страна на сите вклучени субјекти во постапката во предметите за надомест на материјална и нематеријална штета предизвикана како резултат од напад на куче скитник, кои во изминатиот период се со зголемен број, а врз основа на што Општина Битола трпи сериозна материјална штета. Тој додаде дека Општината стои на располагање на ОЈО да ги достави сите потребни списи од овие предмети и друга документација на увид.

Организирана мрежа за испумпување пари од општинскиот буџет?!

Советникот и заменик-градоначалник на Битола, Бојан Бојковски, минатата година на седницата на општинскиот Совет јавно кажа дека исти адвокати и лекари дури по пет пати на ден издавале документи за каснување од куче, што го тера да се сомнева дека се работи за организирана мрежа.
– Лично мене телефонски ми се јавиле неколкумина граѓани што вистински биле каснати од кучиња. Велат уште не излезени од болница, им се јавил адвокат нудејќи им да ја тужат Општината. Граѓаните се прашуваат од каде адвокатот дознал за нивните случаи и од каде им ги дознал телефонските броеви. На некои дури им нудел усна спогодба, тој да ги застапува во тужењето, а кога ќе го добијат случајот и стигнат парите за отштета дел од нив да земе адвокатот, а дел повредениот – тврди заменик-градоначалникот на Битола, Бојан Бојкоски.
Инаку, кога станува збор за проблемот со кучињата скитници во Битола, Општината Битола досега од општинската каса има исплатено десетици илјади евра.


По индициите за постоење организирана мрежа за испумпување пари
од општинскиот буџет, на случаи изградени со фингирано каснување
од кучиња скитници

Неопходност од воспоставување системска соработка за борба против новиот облик на криминалитет

До градоначалникот и општинскиот Совет, правни експерти предлагаат изнаоѓање можни начини за решавање на проблемот. Ја наведуваат потребата од систематска соработка со Клиничка болница – Битола и МВР. Според нив, потребно е да се издејствува објективност во извештаите на докторите што ги прегледуваат пациентите. Во нив јасно да наведат дека анамнезата е исклучиво по кажување на пациентот, а дека тие не можат да потврдат дека раната настанала од животно. Да не се поставува дијагноза рана од каснување од куче, туку да биде само рана, а од што е настаната да биде предмет на докажување. Во извештаите да има задолжителен опис на повредата – големина, место, старост и други карактеристики. За МВР-Битола предлагаат со секоја пријава за напад и каснување од куче скитник од страна на специјализираните служби на МВР, односно од крим-техника да се изврши фотографирање и опис на раните. Да се бара податок за приближно точно време на каснувањето и точна локација на настанот за да се изврши проверка преку видеоснимки од околните објекти или од лица што биле на тоа место.
Иницијативата на Коњановски, ОЈО-Битола да се позанимава со овој проблем, доаѓа откако Државното обвинителство неодамна изјави дека надлежните институции треба да ги документираат сите сомнежи за лажно пријавување за каснување од улично куче заради отштета и да поднесат пријави до надлежните обвинителства, со цел откривање евентуални организирани криминални спреги со исплатата на обесштетувањето.


Токму доцнењето со изградбата на стационарот за згрижување на кучињата скитници беше една од причините за раскинување на коалицијата помеѓу независната листа „Поинаку“ и ВМРО-ДПМНЕ и смена на мнозинството во Советот на Битола, по што ВМРО-ДПМНЕ замина во општинска опозиција

Прифатилиштето за бездомни кучиња
во Битола ќе чини околу еден милион евра

Битолчани долго време стрпливо чекаа(т) да се изгради стационарот за кучиња скитници (што по предлог на претседателката на Советот, Габриела Илиевска, го доби името Хачико, по името на кучето Хачико, кое според легендата долго време го чекало својот газда на железничка, станица).
Во настојувањето да се реши овој проблем градот изгради стационар за згрижување на кучињата скитници, кој се наоѓа кај Земјоделското училиште. Општина Битола неодамна од Агенцијата за храна и ветеринарство доби дозвола за работа на стационарот и сега Општината ќе може да ги заловува кучињата и да ги згрижува.
Според зборовите на Бојан Бојкоски, советник од ВМРО-ДПМНЕ, прифатилиштето за бездомни кучиња ќе ја чини Битола ни помалку ни повеќе, туку околу еден милион евра.
За решавање на проблемот со бездомните кучиња беше ангажиран и меѓународен експерт, Брајан Фолкнер, од Кралското здружение на Велика Британија, за спречување суровост врз животните и тој во неколку наврати беше во работна посета на Битола.
– Систематски сакавме да пристапиме и да го решиме овој проблем. Ако сме сложни и ако изгласаме милиони евра ќе дадеме за прифатилиштето за бездомни кучиња. Но си има правила и прописи што се почитуваат за да биде нешто функционално. Вие мислите тап и одма прифатилиште ќе се направи – изјави тогаш заменик-градоначалникот Бојан Бојкоски, алудирајќи на инсистирањето на независната група „Поинаку“ што побрзо да се изгради стационарот.
Токму доцнењето со изградбата на стационарот за згрижување на кучињата скитници беше една од причините за раскинување на коалицијата помеѓу независната листа „Поинаку“ и ВМРО-ДПМНЕ и смена на мнозинството во Советот на Битола, по што ВМРО-ДПМНЕ замина во опозиција. М.М.