Ексклузивно од брифинг со дипломат од Брисел: ЕУ на раскрсница меѓу консензусот и ефикасноста
- Европа е пред избор што ја дефинира нејзината иднина. Расправата за укинување на ветото не е само техничко или институционално прашање. Таа навлегува во самата природа на Европската Унија – дали ќе остане заедница изградена врз консензус и рамноправност или ќе се трансформира во поцентрализирана политичка сила способна за брзо дејствување во сè понепредвидлив свет
Копјата во Брисел веќе се кренати. Прашањето е само: кој модел на Европа ќе преживее? Додека станува сè појасно дека Европа повеќе не може безусловно да смета на трајна американска безбедносна заштита, во Брисел се заострува една од најдлабоките и најчувствителни дебати во историјата на Европската Унија: дали е време да се укине правото на вето и Унијата да премине кон одлучување со квалификувано мнозинство.
Проблемот е структурен. За клучните прашања – надворешната и безбедносната политика, како и одлуките за проширување – и натаму е потребна едногласна согласност на сите 27 земји членки. Тоа ѝ дава огромна моќ на секоја поединечна држава, но истовремено ја прави ЕУ бавна, ранлива и често парализирана.
Ветото како кочница: 30 блокади за шест години
Истражувачки извештај подготвен за Европскиот парламент покажува дека меѓу 2016 и 2022 година, земјите членки го искористиле правото на вето најмалку 30 пати. Во време на геополитички потреси, војна во Украина и нестабилни односи со САД, ваквата практика сè почесто се доживува како луксуз што Европа веќе не може да си го дозволи.
Токму затоа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во говор за состојбата на Унијата во септември, јавно повика на радикален пресврт.
– Верувам дека треба да преминеме на гласање со квалификувано мнозинство во одредени области, на пример во надворешната политика. Време е да се ослободиме од оковите на едногласноста – порача таа.
Америка се повлекува, Европа останува сама
Овие расправи добиваат дополнителна тежина во светло на новата Американска национална одбранбена стратегија за 2026 година. Во документот јасно се наведува дека приоритети на САД се сопствената држава, западната хемисфера и Индопацифичкиот Регион, додека Европа сè повеќе се третира како подрачје од секундарно значење.
Според „Дефенс24“, ваквиот пристап е последица на слабеењето на релативната економска и геополитичка моќ на Европа – што дополнително ја засилува потребата ЕУ да дејствува побрзо, поединствено и поодлучно.
Стравот на малите: Ќе бидеме надгласани
Но предлогот за укинување на ветото наидува на жесток отпор, особено кај помалите земји членки. Тие стравуваат дека во систем на квалификувано мнозинство ќе бидат редовно надгласувани од поголемите и повеќебројни држави, особено кога станува збор за прашања што ги сметаат за витални за националните интереси.
Анализа на германскиот Институт за меѓународни и безбедносни прашања (СВП) покажува дека токму овие држави ја гледаат едногласноста како последна линија на одбрана од политичка маргинализација во рамките на Унијата.
Проширувањето, пак, е уште еден голем камен на сопнување
Европскиот парламент неодамна усвои извештај за институционалните последици од проширувањето на ЕУ, во кој се отвора можност за укинување или за заобиколување на ветото во одредени фази од пристапните преговори.
Тој предлог предизвика особено силни реакции од земји со историско искуство на хегемонија.
– Земјите што ја отфрлија доминацијата на „големите браќа“ во минатото – било советската, било југословенската – никогаш нема да прифатат нерамноправна положба во процесот на проширување – се наведува во критичките реакции.
Ова се однесува на Хрватска, но за Македонија многу е важно што за ова особено силно ќе реагира Софија, која никојпат нема да допушти да биде надгласана во врска со (НЕ)допуштањето на членството на Македонија во ЕУ.
Парадоксот на реформите: За промена е потребно токму ветото
Аналитичкиот центар ЦЕР (Центар за европска реформа) идентификува два можни пата за промена: долга и ризична измена на договорите на ЕУ или активирање на т.н. премостувачки клаузули (passerelle clauses), кои овозможуваат побрз премин кон мнозинско гласање.
Но тука се појавува клучниот парадокс: и за двата механизма е потребна едногласна согласност – токму од државите што најмногу профитираат од правото на вето и најсилно му се спротивставуваат.
Во крајна инстанца, постои и членот 7 од Договорот за ЕУ – познат како „нуклеарна опција“ – кој овозможува суспензија на правото на глас на држава што ги крши темелните вредности на Унијата. Но во пракса, овој инструмент речиси е неупотреблив, бидејќи повторно бара едногласна согласност од сите други членки.
Саскија Холандер од холандскиот институт „Клингендаел“ смета дека ветото нема лесно да исчезне.
– Укинувањето на ветото би можело да создаде повеќе проблеми отколку што би решило. Иако го отежнува донесувањето одлуки, тоа поттикнува компромиси и широк консензус – а токму тоа е една од најголемите сили на ЕУ – вели таа.
Спротивен став неодамна изнесе американскиот филозоф Френсис Фукујама. Во текстот „По Давос“, објавен на платформата „Персуејжн“, тој отворено повикува на напуштање на едногласноста.
– ЕУ мора да премине на одлучување со квалификувано мнозинство за да не може еден мал играч како Унгарија или Словачка да ја блокира целата Унија. Само со таква централизација Европа може да има влијание пропорционално на својата големина и економска моќ – пишува Фукујама. Р.Н.М.
































