Бистри води вардарски

Во последно време решив да пешачам. Од раѓање ни кажуваат дека откога ќе ги направивме првите чекори, значи сите пешачиме, новината е што почнав да практикувам рекреативно пешачење. И досега во населбата Ченто правев кратки прошетки, ама има многу кучиња и ги одбегнувам колку што можам. Не поради кучињата, кои ги сакам а сепак се плашам од нив, туку одлучив еднаш во неделата кога времето е убаво, односно кога не врне, да одам со колата до центарот на градот и од „Холидеј ин“, покрај кејот, почнувам со рекреативно одење кон Градскиот парк. Кејот беше изненадување, знаев дека по поплавата од шеесет и втора и по земјотресот од наредната година беа преземени силни зафати за уредување на коритото на Вардар, но едно е да слушнеш или да видиш, друго е кога ќе почнеш да користиш нешто што беше неколку години во градба. Моето изненадување е токму во тоа, кејот не го замислував ваков, од двете страни на реката зелени простори за рекреација, покрај нив патека за велосипеди, друга за пешаци, мостови за премин од едната страна на реката кон другата колку сакаш, ми се пристори како да влегов во друг свет! Одозгора по патеките пристојна бројка млади луѓе возат велосипед, одат по патеките или трчаат, има и повозрасни што ѝ пркосат на возраста или на некоја здравствена аномалија. Да се чудиш, на неколку места поставени железни направи за вежбање, за жал, некои од нив по малку ’рѓосани и со искршени делови поради што изгледаат како да се хендикепирани помагала.
Во младоста имав можност неколку месеци да престојувам во Лондон, паркот од престолнината на Британското Кралство, „Хајд парк“, по големина е половина од нашиот Градски парк, само што тој во Лондон е декориран со скулптури, пример, има скулптура на Чаплин во природна големина и е поставена на тревата во паркот, нема постамент и изгледа како Чаплин да е заедно со посетителите во познатиот парк на Лондон.

Неколку години живеев во Париз, Булонската Шума ги претставува дишните органи на Градот на Светлината, и таму има скулптури колку сакаш, не пречат, напротив го красат просторот од овој парк. Сега, ако кај нас спомнете скулптури поставени на јавен простор знам дека некому му се дига косата од глава, ако ја има, дури веднаш некои ќе речат, ве молам немојте повеќе да спомнувате стиропор! Не е така, стиропорот е партиска и политичка фарса, тоа е една работа, втора, спомениците се повеќе од потребни, тие ја содржат нашата колективна историска меморија, без неа иднина нема. Меѓу паркот во Лондон, Шумата од Париз и нашиот парк има еден парадокс, таму нема исушени дрвја, во нашиот парк ги има премногу, и тоа големи исушени дрвја, не знам зошто не се исечат и не се посадат нови, освен ако некој овие иреални споменици, кои се плод на немарноста, ги смета за скулптури!
На враќање кон центарот на градот следуваше друго изненадување, не дека не го забележав кога одев кон паркот, туку не сакав двете изненадувања да ги измешам, убеден дека со тоа ќе се изгуби поентата. Пред дваесет и пет години беше промовирана песната „Бисер балкански“ во изведба на Гоце Николовски, во дел од текстот на песната се вели, се пее: „…сплоти Пирин, Егеј син, со бистри води Вардарски“. Одејќи, си помислив колку времето брзо минува, бистрите води вардарски ги нема, на нивно место по Вардар пливаат најлон-ќесиња и други пластики, градежен материјал, гранки од дрвја заглавени на столбовите од мостовите, по целото течение има израсната густа дива трева, а водата катран-црна, ниту трага од бистрина. Од сето тоа што се влечка по водите на Вардар може да се изгради цела Вавилонска кула. Ваква грда работа во животот немам видено, а имам доста прошетано. Двете галии се готови рушевини, третата облеана со цвеќиња, веројатно што се спасила од смртната казна изречена од Шилегов! Се вели, по делата се препознаваат добрите мајстори, по сѐ изгледа дека ние сме чурук и дембел-мајстори.


Знам, гледам и слушам, пивара од секое продадено пиво дава денар, не е важно колку, за прочистување на Охридско Езеро. Одлична идеја, ако државата нема пари, ако градот исто нема средства за вакви акции за чистење, градоначалничката одамна е забегана во вселената, во таков случај зошто неколку наши успешни компании не се здружат и не направат акција за чистење на коритото на Вардар, заедно со нас граѓаните и да направиме да излезат бистри води вардарски и македонски. За такво нешто не треба многу, мала слога и завршена работа. Важна река што тече низ главен град на една држава и да се остави во таква состојба е повеќе од недолично. Градот Костур има многу сличности со Охрид, има цркви колку и Охрид, на еден од ридовите покрај Костурско Езеро има црква што потсетува на Канео во Охрид. Езерото во Костур имаше драматична еколошка состојба, беше загадено од кожната индустрија, јужниот сосед се труди да го врати езерото во нормална состојба и да му посакаме да успее, ако не за друго барем за драматичната глетка што се гледа од Костур кон моето изрушено село Бапчор!

Во колата, одејќи кон дома, од радио слушам пладневни вести. Замислете ѝ отвориле патеки за трчање кон ЕУ само на Албанија, Македонија ја оставија да чека зад европската рампа! Веднаш по „радосната“ вест што дојде од Брисел се јави Филипче и нѐ убедува, овие од новата власт, замислете, за само неполни сто дена ја разнебитија Македонија и сѐ што беше бистро во неа! А бре Филипче, ако овие што сега се на власт направија такво нешто, зошто вие за седум години не го исчистивте коритото на Вардар, по што ќе се чуеше шумолењето на бистрите води Вардарски? Подобро молчете бидејќи заклучивме дека не ве бидува ниту корито да исчистите. Од друга страна, „обесправениот“ Али-команданте вели дека во октомври ќе ја пушти водата да тече низ Вардар, кој, пак, за дваесет години не се решил да исчисти речно корито, кое има секакви валканици и ги носи кон Егеј каде што овие денови Ципрас доби висока државна награда за добро завршената работа во преспанското село Нивици. Борисов се фали дека заслугата што Албанија нѐ остави на балканскиот кеј и сама ќе продолжи да шета кон ЕУ е заслуга на бугарската политика! Во колата си велам, овие нашиве влажни трупци пуштени низ Вардар навистина така мислат како што и кажуваат, или? Пред два месеца, на француски ТВ-канал гледав емисија поврзана со бегалците што пристигнуваат во Италија и Франција, а потоа се шират низ цела ЕУ. Премиерката на Италија, Џорџа Мелони, се обрати до Советот или до Комисијата при ЕУ, велејќи ќе го реши проблемот со бегалците! Како ќе го реши? Мелони разговарала со челните личности од Албанија тие да примат неколку илјади бегалци, а за возврат Албанија да добие лижавче, слично како нашето од Нивици! Тоа е причината зошто Албанија доби патека за почнување на преговорите со ЕУ. Кога и дали ќе биде примена, тоа е друга и долга приказна!
Бугарија не е таа што ги отвори вратите за Албанија и ги затвори за Македонија, мижи бабо да те лажам! Источниот сосед отсекогаш играл погрешни улоги во трагични претстави. За наша среќа, истовремено несреќа за бегалците, покрај нивните егзодуси и страданија, Македонија не е земја за нивните благонадежни дестинации.