Со полагањето на свечената заклетва, новите полициски службеници дадоа и завет на чесност и професионалност, почитување на Уставот и законите на Македонија, завет за бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата, а над сѐ грижа за безбедноста на секого и на сите граѓани и целото македонско општество
Свечена промоција на новите полициски службеници – генерација 2024-2025
Во Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи во Идризово се одржа свечена промоција на новите полициски службеници – генерација 2024-2025, кои им се приклучуваат на силите што ги штитат редот и безбедноста на Македонија. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја поздрави новата генерација, нагласувајќи дека оваа година МВР добива 497 нови полициски службеници, „синови и ќерки на Македонија“, кои ќе ги штитат граѓаните и ќе работат на заштита на безбедноста.
– Ве повикувам, при полагањето на свечената заклетва, секој од вас да прифати свој личен аманет, завет на чесност и професионалност дека секогаш ќе ги почитува Уставот и законите на Македонија, ќе води бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата и ќе се грижи за безбедноста на секого и на сите граѓани и целото македонско општество. Благосостојбата и напредокот на едно општество се темелат на функционирање на законите и поредокот, на правната држава, чија основа е успешното функционирање на безбедносниот систем. Тоа значи да создаваме, да градиме и да унапредуваме една модерна, опремена, стручна и професионална, но секако и задоволна полиција, која своите задачи и обврски ќе ги извршува максимално законито, стручно, одговорно и транспарентно, во име на граѓаните, во име на својот народ што ја плаќа – истакна министерот Тошковски.
Новите полициски службеници беа повикани нивниот професионален век да биде детерминиран од вредностите на хуманост, чесност, посветеност, одговорност и пожртвуваност – вредности по кои се препознаваат сите оние што одлучиле да бидат во служба на својот народ, своите граѓани, својата татковина. На свечената промоција беа презентирани активностите во МВР за дигитализацијата на процесите и услугите, градењето нови полициски станици, обновата на возниот парк, планираната набавка на нови модерни и функционални униформи, новата систематизација за подобра ефикасност, планираната реформа на враќање на средното полициско училиште и планираното зголемување на примањата на полициските службеници.
Пред присутните на промоцијата се обрати и помошник-министерот на Центарот за обука, Влатко Митковски, презентирајќи го унапредениот модел на едукација на Центарот за обука при МВР, препознатлив по својот квалитет во регионот и пошироко.
– Во рамките на тековните реформи, со гордост можам да истакнам дека направивме промена на начинот на спроведување на основната обука за полицаец, па така, новата генерација кандидати за полицаец ќе се обучува наменски, и тоа за следните сегменти: општа надлежност и сообраќајна полиција, гранична полиција и специјални полициски операции. Мотото е повеќе од јасно, а тоа е да се создаде центар за полициска обука рамноправен по квалитет со преостанатите центри за обука од регионот и Европа, за што се почна со иницијатива за формирање регионална асоцијација на центри за полициска обука и полициски академии, каде што заедно со нашите партнери од регионот ќе развиваме соработка во делот на полициската обука и образование и ќе вршиме размена на наставен кадар, обучувачи и современи наставни програми, формирајќи притоа регионална листа на полициски обучувачи – истакна Митковски.
Тој информираше дека основната обука за полицаец започна во 2024 година, со вкупно 558 кандидати, а обуката успешно ја завршија 497 кандидати, 376 од машки пол и 121 од женски, со среден успех на генерацијата од 522 бода од можни 600.
На церемонијата беа доделени плакети за најдобри тимови од оваа генерација, а за најдобар од генерацијата 2024/2025 беше прогласен Владимир Зиморкоски, кому му беше доделена свечена плакета од страна на министерот Тошковски, а доби и пригоден подарок од Македонскиот полициски синдикат, по што сите кандидати за полициски службеници од генерацијата 2024-2025 дадоа свечена изјава пред присутните.П.Р