Илустрација: „Нова Македонија“

Потребата за реформи на ООН станува CONDITIO sine qua non за развој на стабилен меѓународен поредок

 

  • ОН се единствената универзална организација со легитимитет да донесува обврзувачки одлуки, а се виде дека без функционални ОН, меѓународното право се сведе на право на посилниот, ад хок коалиции, селективна примена и толкување правила. Затоа ваквите нереформирани ОН не се гарант за ништо, туку само обичен форум каде што светските лидери еднаш годишно ги изразуваат сопствените ставови

Големиот број преседани на кои светот сведочеше последните нешто помалку од четири децении ги оставија Обединетите нации целосно на маргините на светските случувања, па наместо да дејствува како чувар на мирот и на меѓународното право, организацијата се претвори во обична алатка за задоволување на апетитите на големите сили.
Процесот на напуштање на меѓународното право ОН го започнаа со приемот на Македонија во членство во 1995 година, кога потпаѓајќи под грчките притисоци и силното грчко лоби внатре во Светската организација, го спречија приемот на Република Македонија под нејзиното уставно име, па наметнаа референца и наложија преговори за името, што беше невиден преседан. Тој преседан потоа почна да станува пракса, па ОН ги немаше при воздушните напади на НАТО врз тогашната СР Југославија во 1999 година, кога нападите се случија без одлука на Советот за безбедност. Без дозвола на ОН се случија и нападите на САД и Велика Британија врз Ирак во 2003 година, а ОН не реагираа ниту во 2008 година за време на нападот на Русија врз Грузија. ОН беа делумно заобиколени и во 2011 година, кога НАТО ја нападна Либија, а без одобрување на ОН помина и руската анексија на Крим во 2014 година. ОН немаа јасно изразен мандат ниту при нападите врз Сирија во 2014 година, уште помалку при упадот на руската војска во Украина во 2022 година.
Со други зборови, во изминатите речиси четири децении ОН најчесто биле заобиколени кога има внатрешен конфликт меѓу големите сили, кога некоја постојана членка има директен интерес или, пак, кога се повикува на самоодбрана или хуманитарна нужност.
Сите овие случаи директно придонесоа за денешниот мултиполарен и фрагментиран светски поредок, каде што меѓународното право сè почесто се толкува „селективно“.

Последна шанса за враќање на меѓународното право во целосен капацитет

Токму поради ваквиот игнорантски однос кон ОН од страна на големите сили, одредени центри почнаа да ја пласираат тезата околу оправданоста од постоењето на светската организација. Нивната интенција е во новиот мултиполарен свет одлуките да ги носат неколку центри на моќ што ќе ги предводат идните сфери на влијание во светот и чии контури како полека да почнуваат да се исцртуваат.
Сепак, остварувањето на таквите замисли може да значи дефинитивен крај на владеењето на меѓународното право, а со тоа малите земји, меѓу кои и Македонија, едноставно се оставени сами и незаштитени на геополитичката ветрометина и постои реална опасност тие едноставно да бидат проголтани од моќните светски сили.
Од тие причини сега е последен момент да започне процесот на реформи на Обединетите нации, бидејќи само така светот ќе задржи некакви правила на однесување устроени врз принципот на меѓународното право, во спротивно забрзано ќе се движи кон целосен хаос.
Како и да е, ОН се единствената универзална организација со легитимитет да донесува обврзувачки одлуки, а се виде дека без функционални ОН меѓународното право се сведе на право на посилниот, ад хок коалиции, селективна примена и толкување на правилата.
Затоа ваквите нереформирани ОН не се гарант за ништо, туку само обичен форум каде што светските лидери еднаш годишно ги изразуваат сопствените ставови без некаков сериозен ефект.

Реформите бараат отворен, искрен и чесен пристап од сите

Повеќето експерти од областа на меѓународното право сметаат дека ОН мора да започнат процес на длабоки внатрешни реформи, но додаваат дека тоа само по себе нема да биде доволно.
– Меѓународното право секогаш зависело од рамнотежата на моќ, дури и во периоди кога институциите биле посилни (пример: Студената војна). Ниту една институционална реформа не може целосно да ја надмине геополитиката, па во тој контекст дури и реформирани ОН повторно ќе зависат од волјата на големите сили бидејќи немаат сопствена армија и немаат автоматски механизам за спроведување одлуки. Реформата на ОН е важна особено за малите држави како Македонија, кои добиваат правен јазик за заштита на своите позиции, меѓународна видливост, колективна легитимност, дури и кога нема сила. Силни ОН се важни за заштитата на малите држави со помош на норми, процедури, мултилатерални рамки. Сегашната реалност покажува дека малите држави преживуваат преку комбинација од ОН, регионални организации (ЕУ, НАТО, ОБСЕ), билатерална дипломатија, како и стратегиска усогласеност, сето она што Македонија го прави сега.
Од друга страна, постојат неколку клучни идеи како ОН вистински да се реформираат, без тоа да биде само козметика. Пред сè, потребно е да се интервенира при одлуките за вето, односно да се ограничи ветото при масовни злосторства, но и да се суспендира ветото при хуманитарни кризи. Добар чекор би било и проширување на Советот за безбедност на ОН со вклучување на Африка, Латинска Америка, Индија и на тој начин да се даде поголем легитимитет при носењето одлуки. Потребно е при тие реформи да се зајакне и улогата на Генералното собрание на ОН, особено во случаи кога СБ е блокиран. Во суштина, овие денешни ОН не се распаѓаат затоа што се лошо дизајнирани, туку затоа што светот стана поконфликтен и помалку подготвен за компромис – констатираат експертите.
И професорот по меѓународно право Игор Јанев од Институтот за политички студии во Белград смета дека се потребни реформи во ОН, особено во делот на употребата на ветото од одделни земји членки.
– Поради недонесување на резолуцијата на СБ на ОН со која јасно би се осудило киднапирањето на претседателот на Венецуела, мислам дека ООН, преку дополнувања на Повелбата на ОН, мора да се реформира на следниот начин:
Правото на вето мора да се ограничи за секоја членка што го поседува ова право, доколку мнозинството на членките на СБ на ОН донесе резолуција со која се носи одлука спротивна на волја на членката или членките носители на ова право;
Доколку мнозинството на членките на СБ на ОН донесе резолуција спротивна на волјата на членката или членките носители на правото на вето, ваквата членка со таквото право од истото мнозинство на членките на СБ на ОН, доколку се оглуши на одлуката или резолуцијата, може да биде суспендирана во ООН или исклучена од членството на ООН – заклучува професорот Јанев.