Пораките упатени на генералната дебата на 80. сесија на ГС на ОН повеќе од јасни
- Низ годините што минуваа се покажа дека светската организација не само што го занемари почитувањето на меѓународното право туку се стави во функција на силните и моќни држави, кои го користеа Советот за безбедност на Обединетите нации да ги наметнат сопствените хегемонистички политики. Цената за ваквото однесување на ОН ја плаќаа помалите и послаби земји, а Македонија го увиде тоа директно врз својот грб
Голем број светски државници се изредија деновиве пред говорницата на Генералното собрание на Обединетите нации, од каде што говореа за проблемите со кои се соочуваат нивните земји, но и за глобалните светски проблеми што го засегаат целото човештво. Она на што сите укажаа и на некој начин го потенцираа како заеднички именител што во најголем дел придонесе за генерирање низа светски проблеми е потребата од итни реформи на Обединетите нации бидејќи тие се оддалечија од својата основна функција, да бидат чувар и промотор на меѓународното право.
Низ годините што минуваа се покажа дека светската организација не само што го занемари почитувањето на меѓународното право туку се стави во функција на силните и моќни држави, кои го користеа Советот за безбедност на Обединетите нации да ги наметнат сопствените хегемонистички политики.
Цената за ваквото однесување на ОН ја плаќаа помалите и послаби земји, а Македонија го увиде тоа директно врз својот грб, кога токму ОН беа тие што спротивно на меѓународното право наложија прием на земјава со референца наместо под нејзиното уставно име, преседан што само потврди дека светската организација уште одамна е зрела за целосен ремонт.
Силјановска-Давкова: Која е поентата да се членува во нефункционална, нерелевантна и маргинализирана меѓународна организација?
Од говорницата на Генералното собрание на ОН во рамките на 80-та сесија, претседателката Гордана Силјановска-Давкова уште еднаш ја истакна потребата од реформи на светската организација.
– Реформите на Обединетите нации зависат од тоа дали на нив се гледа како на можност за обнова на меѓународниот поредок втемелен на право и правила или како оспорување на привилегиите на некои земји членки. Но која е поентата да се биде привилегирана земја членка на нефункционална, нерелевантна и маргинализирана меѓународна организација?
За ефективни Обединетите нации, потребно е да се реформира Советот за безбедност, за да биде поинклузивен, поотчетен и поодговорен за одржувањето на меѓународниот мир и безбедност. Генералното собрание мора да прерасне во претставнички орган за креирање политики, наместо да остане дебатен клуб. Имплементацијата на пресудите на Меѓународниот суд на правдата мора да стане задолжителна за сите земји членки, обезбедувајќи владеење на правото – порача Силјановска-Давкова.
Според неа, реформата на ОН е потребна затоа што светот и во иднина ќе се соочува со многубројни предизвици, а вакви какви што се, ОН не успеаја да ги решат ниту сегашните проблеми во светот.
Остри критики кон ваквите Обединети нации од говорницата во свој стил упати и американскиот претседател Доналд Трамп, жалејќи се дека организацијата не ги следела американските напори за смирување на воените жаришта.
– Обединетите нации не беа со нас. Во тој случај, која е целта на Обединетите нации? ОН имаат огромен потенцијал…, но не живеат до него, барем засега, сè што прават е да напишат силно формулирано писмо и потоа никогаш да не го следат – истакна Трамп, со што уште еднаш ги потврди своите претходни заложби дека има потреба од „храбри реформи“ што можат да ги направат Обединетите нации „поголема сила за мир“.
Експерти: Пет до 12 помина, реформи веднаш и сега
За потребата од реформи на ОН подолго време говорат голем број експерти од областа на меѓународното право.
– Конфликтите што избувнаа во последните четири децении се директно поврзани со нефункционирањето на ОН. Имено, светската организација, поточно Советот за безбедност, се стави во функција на големите и моќни земји и под притисок носеше разни резолуции и одлуки, кои најчесто беа втемелени на лажни податоци, па се започнуваа војни што веднаш иницираа миграциски бранови, односно се создаваше општ хаос на кој сега сведочиме. Ако ОН останеа на својата повелба од времето кога што беа формирани, односно ако се држеа стриктно до меѓународното право, светот денеска ќе беше многу поубаво место за живеење – нагласуваат соговорниците.
Според нив, ова е последен момент да се направи нешто со ОН или, како што велат, оваа организација ќе замине во историјата.
– Ако сега не се направи нешто, тогаш понатаму нема никаква потреба од постоење кабаста светска организација што служи само еднаш годишно да ги угости светските лидери да си ги кажат маките од говорницата. Мора да се направат реформите и во Советот за безбедност, но и во сите тела на ОН, од најкрупно, до најситно, да се воспостави нов систем на работа втемелен врз доследното почитување на меѓународното право – заклучуваат експертите по меѓународно право.