Илустрација: „Нова Македонија“

Во согласност со ваквата практика, произлегува дека борбата со корупцијата ќе се сведе на затворање на случаите така што обвинетите ќе признаваат вина, а за возврат ќе добиваат условни казни и во најголем дел ќе си го задржат сето она што нелегално го стекнале. Тоа упатува и на уште еден друг момент, односно дека на овој начин повторно многумина ќе влегуваат во коруптивни активности со пресметан ризик, свесни дека во секој момент ќе можат да се спогодат со обвинителството

СПОГОДБИТЕ СО ОБВИНИТЕЛСТВОТО САМО ДОПОЛНИТЕЛНО ЌЕ ГИ СТИМУЛИРААТ КОРУПТИВНИТЕ АКТИВНОСТИ

Главните предизвици со кои треба да се соочи Македонија во текот на преговорите со Европската Унија во најголем дел се владеењето на правото и борбата со корупцијата, но она што државата го покажува на тој план веќе подолг период не гарантира добивање преодна европска оценка. Впрочем, и сите досегашни извештаи на Европската комисија за напредокот на државата ги нотираат токму овие два момента како најпроблематични, а кои во исто време и се клучни доколку Македонија сака да ги заврши преговорите со ЕУ за релативно пристоен временски рок.
Последниот случај со изрекувањето условна казна на поранешниот народен правобранител и член на Советот на обвинители Иџет Мемети за примање поткуп испраќа уште една погрешна порака до меѓународните партнери, дека најавите за борба со корупцијата всушност се само вербални, додека во пракса се прави нешто сосема друго.

Спогодбите ќе го скријат вистинскиот габарит на криминалот и корупцијата

Имено, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција направи спогодба со членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети како второосомничен во случај за примање поткуп. Тој признал дека со врховниот судија Наќе Георгиев помогнале поранешниот градоначалник на Ново Село да добие помала затворска казна и дека за тоа биле наградени, но наместо судски процес во кој му се закануваше затвор до пет години, Мемети се одлучил за спогодба. Осуден е на условна казна од една година затвор, која нема да ја одлежи ако во следните три не го повтори делото. Покрај тоа, добил и забрана за вршење јавна функција.
Соочен со собраните докази, Мемети со самото потпишување на предлог-спогодбата ја призна вината, односно не го спори кривичното дело за кое се товари и се согласува со предложената кривична санкција. Мемети во меѓувреме поднесе и оставка од Советот на јавни обвинители.
Според обвинителството, со прифаќањето спогодби за осомничени што признаваат вина се крати траењето на кривичната постапка за случаи со доволно докази за стореното кривично дело.
Во согласност со ваквата практика, произлегува дека борбата со корупцијата ќе се сведе на затворање на случаите така што обвинетите ќе признаваат вина, а за возврат ќе добиваат условни казни и во најголем дел ќе си го задржат сето она што нелегално го стекнале. Тоа упатува и на уште еден друг момент, односно дека на овој начин повторно многумина ќе влегуваат во коруптивни активности со пресметан ризик, свесни дека во секој момент ќе можат да се спогодат со обвинителството.
Од една страна, државата ќе прикаже дека ја засилила борбата со корупцијата, но, од друга страна, повторно некој ќе се богати врз грбот на граѓаните и за тоа ќе минува со мали казни, кои се на иста линија со неказнивост.
Очигледно со ваквите примери само дополнително ќе се стимулира корупцијата на секое ниво, а промените на Кривичниот законик и дополнителното ублажување на казните само им одат во прилог на оние што свесно калкулираат со висината на нелегалната заработка стекната преку коруптивни активности и потенцијалната казна.

Ваквата фиктивна борба со корупцијата остава можност за нови вета на патот кон ЕУ

Граѓаните сметаат дека ваква борба со корупцијата е само обично мачкање очи, без реален ефект.
– Да беше некој обичен граѓанин, макар и за најситен прекршок, за него немаше да има спогодба, ќе го пикнеа веднаш в затвор. Од друга страна, функционерите се штитат меѓу себе. Колку од нив беа фатени во голем број коруптивни активности, па минаа во куќни притвори, фиктивно им беше одземен некој имот, за потоа повторно по некои канали да им биде вратен. Сѐ е претстава за обичните граѓани, една голема лакрдија. Поранешниот правобранител си зел мито, си завршил некоја работа со тие пари, па сега ќе признава вина и за тоа ќе биде условно казнет. Тоа не е борба со корупцијата. Вистинска борба е кога судските инстанци во согласност со собраните докази ќе осудат некого и ќе му го конфискуваат имотот, ќе го натераат да ги врати сите пари, а да се прашувам јас, би одел и подалеку, би го конфискувал и имотот на најблиски членови на семејството, синови, ќерки, сопруги, за да почувствува секој дека криминалот не се исплати. На овој начин, со вакви условни казни, само се стимулира дополнително корупцијата – вели Благоја Стаменковски, правник.
Комуникологот Петар Арсовски во гостувањето на „Вести плус“ на телевизијата Канал 5 наведе дека смета дека ќе беше многу подобро институциите да изречеа пресуда отколку целата работа да заврши спогодбено.
– Затворањето на случајот со присуство на вина на членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети е подобро отколку да се влече до бесконечност. Но, пресуда ќе беше уште подобро. Македонија мора да влезе во една ситуација во која борбата со корупцијата ќе се постави како национален приоритет. Таа не само што го нарушува имиџот на државата туку го прави државниот апарат целосно нефункционален и ги прави граѓаните нелојални кон државата. Какво било затворање на случај е подобро отколку затворање нецелосно. Но, подобро ќе беше државните институции сами да ја докажат вината. Околностите во кои се затвори случајот не ме прават среќен – вели Арсовски.
Доста остра во реакцијата за спогодбите што обвинителството ги склучи со судијата Георгиев и со членот на Советот на јавни обвинители и поранешен народен правобранител Иџет Мемети беше професорката Мирјана Најчевска.
– Не треба да се сменат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Треба да се отпуштат од работа сите судии и сите јавни обвинители. Тие се легло на криминалот, заштитници и поддржувачи на криминалот. Корупцијата и криминалот во Македонија цветаат затоа што нема судии и јавни обвинители што имаат интелектуален и морален капацитет да се спротивстават. Засрамете се сите вие што склучувате ваква спогодба и сите вие што молчите за ова – порача Најчевска во објава на социјалната мрежа Фејсбук.
Некои од експертите во делот на евроинтеграциите сметаат дека со ваквите потези Македонија повторно наесен ќе добие редица забелешки во извештајот на ЕК во делот на владеењето на правото и борбата со корупцијата.
– И за ЕУ ова е фарса од некаква борба со корупцијата. ЕУ беше против измените на Кривичниот законик, но се изгласаа. Брисел бара решителна борба со корупцијата, немешање на политиката во судството и воспоставување на принципот на казнивост, а не на неказнивост. Очигледно и натаму постојат силни спреги меѓу политиката и судските инстанци, па се одлучува поинаку од она што е востановена европска практика при случаите со коруптивни активности. И во ЕУ пред извесно време имаше неколку коруптивни афери, но сите тие актери беа приведени, беше поведена соодветна постапка и сите си ја добија заслужената казна. Таквиот пример мора да го следи и Македонија ако сака да биде дел од европското семејство. Со ваквите лоши практики всушност им даваме оправдани аргументи на сите утре повторно да нѐ блокираат на европскиот пат и без да го прават тоа Бугарија или Грција, а тоа не е нималку добар развој на настаните за нас – констатираат европските експерти.