Тоа беше момент кога требаше да се осамостоиме сосема и во историска смисла е многу битен за постоењето и опстанокот на македонскиот народ. Ние сите бевме свесни за тежината на моментот. И она што е клучно, сите сакавме да успее, сите сакавме да придонесеме, на некој начин да учествуваме. Во рамките на оваа општа желба, јас бев само еден дел од таа буица што се раѓаше од народот, за да крикне и да каже – самостојна и суверена Македонија, вели универзитетскиот професор Митко Хаџи-Пуља, кој во разговор за „Нова Македонија“ ги објаснува концептот на плакатот за референдумот за независност од 1991 година, инспирацијата за создавањето на неговото дело, тогашните околности, како и расположението меѓу народот во текот на периодот поврзан со стекнувањето на независноста на државата

Разговор со професор Митко Хаџи-Пуља, автор на плакатот за референдумот од 1991 година

Кога пред околу еден месец ја посети редакцијата на „Нова Македонија“ со многу вреден подарок – оригиналниот плакат за референдумот за суверена и независна Македонија од 1991 година, кој е негово дело, професорот Митко Хаџи-Пуља од Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје навистина пријатно нѐ изненади. При тогашниот разговор, ентузијазмот, искрените емоции и енергијата на гостинот кога тој зборуваше за плакатот, за историската важност на референдумот, како и за околностите во кои Македонија стекна самостојност, беа веднаш воочливи за сите присутни. Токму затоа се договоривме по повод претстојниот ден на државноста – 8 Септември, тој да ги сподели неговите сеќавања и впечатоци поврзани со тој период, на кој е особено важно да се потсетиме во денешните состојби, кога Македонија се соочува со голем број предизвици.

Како дојде до создавањето на плакатот, можете ли подетално да ни го објасните процесот и да го опишете концептот на Вашето дело?

– Плакатот за референдумот всушност претставува повик за сите да се приклучат кон една стварност, да го потврдат своето чувство кон неа, со тоа што афирмативно ќе се изјаснат. Зборот „ЗА“ е она што е клучно, позитивниот став. Графички, претставува мисла, збор, текст, кои беа суштествени во тој момент. Сакавме да се поддржи желбата за народот за самостојност и сувереност и во графичкиот дел нагласката е на зборот, поточно на мислата. Тоа е текст што треба да биде воздржан, силен, еднозначен, јасен и фокусиран на тоа што го кажува. А тоа што го кажува е повикот „за“, позитивниот став за самостојна и суверена Македонија. Јас тогаш бев во комуникации со премиерот Никола Кљусев и со професорот Љубомир Фрчковски, кој тогаш беше министер без ресор. Во тие разговори се појавија два концепта. Едниот беше плакатот на Никола Фидановски-Кочо, кој се темели на концептот на наративност, сликовитост и емпатија. Јас мислев дека е добро тој концепт да се дополни со друг концепт, односно плакат, кој повеќе ќе асоцира на вербалниот, појмовниот аспект на пораката и поради тоа предложив да биде само текст, збор. Длабоко бев убеден дека зборот треба да ја претставува таа слика што треба да ја видиме од растојание, кога ќе се движиме замислени, уморни, дека она што ќе го видиме е само „за“. Зборот „за“ е недвосмислен, црно-бел, подвлечен е со црвено за да се нагласи, а внатре во него е направен гест со две димензии – рационална со правиот агол и личносна, ирационална димензија, преку линија што е малку слободна. Тогаш немаше фонтови, особено не ваков, кој подразбира исполнетост. Фонтот со кој е напишан текстот е оригинален. Секоја буква ја цртав рачно. Не е преземен од компјутер, туку специјално е нацртан за плакатот. Беше прекрасно и што плакатот е направен на јазиците на сите луѓе што живеат во Македонија. Со истата смисленост и структурираност е и на влашки, албански, турски, српски и на ромски јазик, сите рамноправни со македонскиот. Тоа покажа што сакаме да бидеме, повика на општост и на соборност. Во тој период, мислам дека на нашето општество му требаше момент на соземање, на концентрација на силите и тоа се покажа. Мислам дека е многу важно сеќавањето на тие мигови, за свесноста што сме ја имале.

Фото: „Нова Македонија“

Какви Ви беа замислата и инспирацијата за создавањето на плакатот? Како гледате на Вашето дело од денешна перспектива?

– Тогаш чувствував силна потреба да ја поддржам Македонија. Тоа го чувствувам и сега, се сеќавам дека сум сакал и знам дека ќе сакам и понатаму. Најважно е што сите чувствувавме и верувавме дека Македонија ќе успее. Македонија успеа, како што успева и сега, независно од сите слабости за кои сме свесни, независно од процесите во кои сме втурнати од различни центри на моќ. Ние сме нападнати од моментот на осамостојувањето, само што тогаш не бевме свесни за тоа. Македонскиот народ се наоѓа во војна, од своето осамостојување, па дури и претходно. Проблемот е што таа војна не се објавува за да може човек да се брани. Тоа е суштината на таа воена стратегија во која македонскиот народ постепено губи разни свои вредности, бидејќи не му е објавено дека е во војна и нема чувство дека треба да се брани, па не го активира својот имунолошки систем. Македонскиот народ е симбол на обединување – ние сме цивилизација на светлината, на конструирањето, соединувањето, ние сме цивилизација на создавањето. Не сме цивилизација на темнина и владеење со разделување. Знаејќи дека сме обединети, дека имаме заедничка волја, дека припаѓаме на димензија што е заедничка, во која секогаш наоѓаме мир и енергија, ние ќе се бориме. Јас сега имам поголема свесност за значењето на плакатот. Тогаш беше чувство на љубовта што излегуваше, без директна перцепција за тоа како влијае плакатот. Повеќе чувствував радост за мигот на раѓањето на Македонија во тој облик, суверена и самостојна. Не ми беше важен личниот прилог, туку ми беше важно што тоа се случува како целина. Се чувствував како дел од тој бран што се воздига кон небото. И плакатите и сето тоа го гледав како дел од таа приказна, а не како нешто лично. И сега е така. Воопшто не го чувствувам плакатот како мое лично дело. Тоа едноставно се случи, без да го планирам.

По што ги паметите тогашните околности во државата и расположението меѓу народот? Какви емоции Ви буди Вам тој историски важен период кога се сеќавате на тие денови?

– Желбата за поддршка на државата што се раѓаше како самостојна беше специфична поради раздвојувањето и моментот на притисоци. Мораше да се биде внимателен и добро е што пропагандниот елемент беше релативно тивок, не беше многу нагласен. И тоа зборува за квалитетот на македонскиот народ, за чувствителноста кон сите други. Тоа беше момент кога требаше да се осамостоиме сосема и во историска смисла е многу битен за постоењето и опстанокот на македонскиот народ. Ние сите бевме свесни за тежината на моментот. И она што е клучно, сите сакавме да успее, сите сакавме да придонесеме, на некој начин да учествуваме. Во рамките на оваа општа желба, јас бев само еден дел од таа буица што се раѓаше од народот, за да крикне и да каже – самостојна и суверена Македонија. Во тој момент мене ми претставуваше посебна чест да бидам вклучен во еден историски миг што го чувствувавме сите. И тоа би сакал да го доживуваме повторно, со враќањето кон тие генерички, историски и многудецениски мигови на нашата држава, Република Македонија. Ние сега се наоѓаме во стравотна цивилизациска стапица, во која одредена група луѓе, за жал, го изгубиле сеќавањето. Дел од тоа битијно сеќавање за траењето е и овој спомен што го поттикнувате и му се враќаме, еве сега со 8 Септември. Е.Н.М.


Колективот на „Нова Македонија“ беше на ниво на својата државничка улога, како соучесник и поткрепа на свеста на Македонецот

Како дојдовте на идеја да ѝ подарите на „Нова Македонија“ оригинален примерок од плакатот?
– Плакатот беше печатен во колективот на „Нова Македонија“. Со тогашниот директор Панде Колемишевски имав кратка, но плодотворна средба. Тој ми ги отвори сите врати и јас оттогаш имам посебно чувство на почит и благодарност кон него и сакам на некој начин да му се заблагодарам за сиот труд, интерес и разбирање. Колективот на „Нова Македонија“ беше на ниво на својата државничка улога и го поддржа тој процес како што требаше, на вистински начин. И тоа треба да се памети и да се знае. Сеќавањето за духовноста на тој момент, за поддршката на медиумите, која беше спонтана. Тоа беше особено важен момент да ги отвориме срцата, зашто таа отвореност го одржува овој народ. Мене ми е чест што сега присуствувам во вашиот колектив затоа што сум свесен за историската вредност на весникот „Нова Македонија“, уште од неговото историско раѓање, од раѓањето на Македонија, како соучесник и поткрепа на свеста на Македонецот. Највисокото професионално ниво што го гледаме во уредувачката политика, особено во последниве години, е клучно и релевантно во расветлувањето на несреќните моменти на наша реидентификација и е во буквална смисла педагошко за сите нас. Ја поздравувам професионалноста, таа ми е драга и ми дава надеж дека ние имаме интелектуален капацитет да издржиме и нема да се предадеме на буицата што треба да нѐ однесе од историската сцена. Свесен сум за вредностите што ги прокламира и за кои се бори „Нова Македонија“ како колектив, како медиум… Јас посакав да ги споделам истите чувства на колективот, на скромен начин. Поседувам два плаката, еден за мене и еден за вас. Мислев дека ова е вистинското место на кое ќе се чува споменот на борбата којашто ќе трае и понатаму. Ние имаме вредности, сеќавања, волја и љубов, ние ќе опстоиме.