Во денешниов есеј ќе се задржам на еден парадоксален заклучок што произлегува од следнава теорема (докажана од Емил Борел во 1913 г.): дадена бесконечна низа од букви и знаци од конечна азбука при што секоја буква/знак се избра со еднаква веројатност и независно од претходниот избор, тогаш секоја конечна низа речиси сигурно ќе се појави во бесконечната низа. Да претпоставиме дека конечната азбука се педесетте копчиња на една тастатура (на која се наоѓаат и буквите на македонската азбука) и, понатаму, да претпоставиме дека некој апстрактен уред произведува бескрајна случајна низа од букви и знаци. Тогаш теоремата тврди дека зборот „весник“ речиси сигурно (тоа значи со веројатност многу блиска до 1) ќе се појави во низата
Темата „бесконечност“ е фасцинантна – повеќето луѓе имаат некаква концепција за поимот бесконечност, оттука не е чудно што таа била и сѐ уште е предмет на проучување во математиката и филозофијата, но се среќава и во космологијата, физиката и теологијата. Во современиот македонски јазик постои опсег на употреба на зборот „бесконечно“: хиперболично значење се користи за „неодредено или претерано големо“, строго, но сепак нематематичко значење се користи за „неизмерливо големо по обем или во времетраење“, „неограничено“, „бескрајно“ – (оваа смисла често се применува на Бога и божествените атрибути, но и на просторот, времето и универзумот), и во строга математичка смисла „бесконечните“ величини се дефинираат како мерливи величини, чии вредности што се мерат не се конечни.
Бесконечноста раѓа голем број парадокси, а во денешниов есеј ќе се задржам на еден парадоксален заклучок што произлегува од следнава теорема (докажана од Емил Борел во 1913 г.): дадена бесконечна низа од букви и знаци од конечна азбука при што секоја буква/знак се избра со еднаква веројатност и независно од претходниот избор, тогаш секоја конечна низа речиси сигурно ќе се појави во бесконечната низа. Да претпоставиме дека конечната азбука се педесетте копчиња на една тастатура (на која се наоѓаат и буквите на македонската азбука) и, понатаму, да претпоставиме дека некој апстрактен уред произведува бескрајна случајна низа од букви и знаци. Тогаш теоремата тврди дека зборот „весник“ речиси сигурно (тоа значи со веројатност многу блиска до 1) ќе се појави во низата.
Објаснувањето е едноставно: веројатноста неинтелигентен уред што случајно типка по тастатурата да ја напише буквата „в“ е 1/50 (тастатурата има 50 типки), веројатноста на втората, третата, …, шестата буква е исто така 1/50. Оттука, веројатноста првите шест букви (независни настани) да го формираат зборот „весник“ е шест пати бројот 1/50 да се помножи сам со себе и таа веројатност не е нула, туку 0,000000000064, додека, пак, веројатноста уредот да не го напише зборот „весник“ е 1 – 0,000000000064 = 0,999999999936. Веројатноста уредот да не го напише зборот „весник“ во првите n блокови од шест букви е 0,999999999936n (бројот 0,999999999936 на n-та степен). Ако бројот n е голем, на пример n = 100 милијарди, тогаш веројатноста уредот да не го напише зборот „весник“ во првите 100 милијарди блокови од шест букви е приближно 0,0017. Како што n се приближува до бесконечност, веројатноста уредот да не го напише зборот „весник“ во првите n блокови од шест букви се приближува до нула, или речиси сигурно уредот ќе го напише зборот „весник“. Последица од теоремата е дека, всушност, не само зборот „весник“ туку сите текстови во „Нова Македонија“, сите книги напишани (и ненапишани) на македонски јазик ќе се содржат во бесконечната низа (како и во библиотеката на Борхес) – последица од фактот дека една бесконечна низа ги содржи сите конечни низи во себе.
Филозофските импликации на оваа теорема се, барем на прв поглед, фасцинантни: еден неинтелигентен уред што продуцира случајно букви (со еднаква веројатност) всушност го крие во себе целокупното човечко знаење (кое е конечно). Решавањето на парадоксот е исто така едноставно: ако претпоставиме дека бројот на уреди што пишуваат е еднаков со бројот на атоми во видливиот универзум и дека секој уред работи екстремно брзо: трилиони пати повеќе од староста на универзумот, пресметките покажуваат дека, сепак, веројатноста сите уреди да реплицираат барем една страница од „Нова Македонија“ е незамисливо мала. Или, со други зборови кажано, под одредени вредности на веројатност, терминот неверојатно во физичкиот свет е функционално еквивалентен на терминот невозможно.
Ако неинтелигентен уред е невозможно да напише барем една страница од „Нова Македонија“, тогаш потрагата по „интелигентни“ уреди што ќе можат да го прават тоа е предизвик што последниве дваесетина години е во интересот на компјутерските науки и компјутерското инженерство, математиката и филозофијата. Тоа се уредите, за што пишував во „Нова Македонија“ (7 мај 2024 г.), што користат вештачка интелигенција. Историјата на вештачката интелигенција е куса: 68 години. Потребата за пресметување при крајот на 19 век и почетокот на 20 век иницираше воведување нови работни места: „компјутери“ – тоа се луѓе асистенти што пресметуваат напамет, во согласност со некои „ефективни методи“ обезбедени од страна на тој што ги надгледува работите пред да почнат пресметките. Терминот „компјутерска машина“ се користи само за да означи сметачки машини што механизираат некои елементи од работата на човекот – тие, всушност, се „мали човечки суштества“, кои пресметуваат побрзо отколку човекот без асистенти, но тие не прават ништо повеќе што не може во принцип да биде направено од страна на асистентот. Подоцна, терминот „компјутер“ се користи за да означи сметачка машина: на 21 јуни 1948 година во Манчестер почна да работи првиот компјутер: „бебето на Манчестер“. Терминот „вештачката интелигенција“ – или науката и инженерството за правење интелигентни машини за првпат се користи во 1956 година. Дисциплината вештачка интелигенција, во последните шеесет и осум години, од 1956 г. до денес, помина низ повеќе циклуси на оптимизам, проследени со разочарување и губење на финансирањето, за во 2020 година да пристигне нејзината пролет: се појавија моделите што користат генеративна вештачка интелигенција.
На прашањето кои се границите на вештачката интелигенција ќе одговорам со спомнување на осумте несовршености – инхерентни ограничувања на сегашната генерација на вештачката интелигенција, кои ги посочува книгата „Максимизирање на вредноста со автоматизација и дигитална трансформација“ (Maximizing Value with Automation and Digital Transformation) објавена во 2024 година
За многу мислители во 21 век, компјутерските науки ќе имаат одлучувачка улога во овозможувањето економски развој на една држава, оттука, нагласувајќи ја, уште еднаш, потребата Македонија да вложува во истражувањата за вештачката интелигенција, на прашањето кои се границите на вештачката интелигенција ќе одговорам со спомнување на осумте несовршености – инхерентни ограничувања на сегашната генерација на вештачката интелигенција, кои ги посочува книгата „Максимизирање на вредноста со автоматизација и дигитална трансформација“ (Maximizing Value with Automation and Digital Transformation) објавена во 2024 година: (1) Вештачката интелигенција е нецелосна – таа има тенденција да биде многу добра во ограничени работи (на пример, генерирање текст или слики), но е далеку од флексибилноста и умешноста на луѓето. (2) Вештачката интелигенција е нетранспарентна – таа, често, донесува одлуки и препораки што се нетранспарентни: тие не може да се ревидираат, па дури, понекогаш, ниту да се реплицираат. Денес истражувачите работат на отстранување (или, барем, намалување) на нетранспарентноста што доаѓа со вештачката интелигенција. (3) Вештачката интелигенција е алчна – таа има потреба од големи множества на податоци за обука, меѓутоа и од процесорска моќ, меморија и енергија. (4) Вештачката интелигенција е површна (плитка) – таа продуцира одлуки и тврдења без разбирање, креативност, сочувство и размислување. (5) Вештачката интелигенција е манипулативна – дигитализацијата прави одлуките да се подложни на манипулации од страна на корпорациите и владите или отворени за хакирање од страна на злонамерни актери. Вештачката интелигенција додава нови пософистицирани предизвици кон вродените проблеми на социјалните медиуми и пребарувачите што се опишуваат накусо со слоганот „ако не плаќате за производот, вие сте производот“. (6) Вештачката интелигенција е пристрасна – таа е инхерентно пристрасна, што произлегува од предрасудите присутни во податоците за обука. (7) Вештачката интелигенција е инвазивна – приватните податоци таа ги трансформира во стоки, оттука приватноста изумре. (8) Вештачката интелигенција создава привид – таа не е креативна, тука таа вешто создава лажна креативност; таа не е емоционална, туку лажира емоции; таа не го разбира текстот што го предлага, туку таа само креира привид дека разбира.
А, кои се границите на човечката интелигенција? Во писмото од 19 февруари 1880 г. на Густав Флобер до Ги де Мопасан, Флобер ќе напише: „Но, кој знае? Земјата има свои граници, но човечката глупост е бесконечна!“ Во изминатите триесетина години бевме сведоци, особено во надворешната политика, на нецелосност, нетранспарентност, алчност, површност, манипулативност, пристрасност, инвазивност и привидност, но, за жал, често и на бесконечна глупост. Се надевам и посакувам веќе никогаш да не се повтори тоа.