Понудите од Берн и од Белград доаѓаат во момент кога новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп се обидува да го убеди рускиот претседател Владимир Путин да ја прекине војната во Украина
Швајцарија и Србија понудија да бидат домаќини на средбата помеѓу Трамп и Путин
Швајцарија и Србија понудија да бидат домаќини на потенцијална средба меѓу идниот американски претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин, неколку дена откако беше отворена можноста за такви разговори, пренесува „Јуроњуз“. Трамп, кој следниот понеделник повторно ќе ја заземе функцијата во Белата куќа, минатата недела изјави дека неговиот тим работи на закажување средба со Путин. Новоизбраниот американски претседател се надева дека ќе ја искористи можноста за да го исполни своето ветување дека ќе стави крај на тековната сеопфатна војна на Русија во Украина што е можно поскоро.
Швајцарија би дала гаранции за средбата со исклучок од налогот на МКС
Швајцарското Министерство за надворешни работи во неделата соопшти дека веќе изразило подготвеност да биде домаќин на мировните преговори.
Пречка за потенцијалниот состанок би можел да биде налогот за апсење на Путин од Меѓународниот кривичен суд. Иако Швајцарија ќе биде законски обврзана да го приведе Путин, Николас Бидо, шефот за комуникации на Одделот за надворешни работи на земјата, рече дека швајцарските власти можат да дадат исклучок и гаранции за мировните преговори.
Вучиќ ја истакнува популарноста на Трамп и Путин во Србија
Во меѓувреме, српскиот претседател Александар Вучиќ во неделата рече дека неговата земја ќе биде „исклучително соодветно“ место за таква средба меѓу Трамп и Путин поради популарноста на двајцата во Србија.
Во изјава за српскиот јавен радиодифузер РТС, Вучиќ, кој ја претставува својата земја како неутрална во борбата меѓу Русија и Западот, тврдеше дека Трамп има повеќе поддржувачи во Србија отколку во која било друга земја надвор од САД.
– Нема земја што може да се спореди со Србија во однос на нивото на поддршка за претседателот Трамп. А од друга страна, тоа е земја во која претседателот Путин сè уште е многу, многу популарен – порача Вучиќ.
Истовремено се посочува и дека Србија одбива да се приклучи кон меѓународните санкции против Москва по војната во Украина. Српскиот претседател додаде дека неговата земја исто така е идеално место бидејќи не е дел од воените сојузи како што е НАТО.
Неизвесно присуството на Зеленски на средбата?
Трамп минатата недела тврдеше дека Путин изразил желба за средба, додека Кремљ одговори дека е отворен за разговори. Советникот на Трамп за национална безбедност, Мајк Волц, потврди дека САД „се подготвуваат“ за средба меѓу Трамп и Путин. Тој истакна и дека форматот на средбата, вклучувајќи ја и можноста за учество на украинскиот претседател Володимир Зеленски, не е поставен. Волц, сепак, очекува барем телефонски разговор меѓу Трамп и Путин во „наредните денови и недели“.
Новоизбраниот претседател на САД вети дека ќе ги доведе Киев и Москва на преговарачка маса, во еден момент тврдејќи дека може да ја заврши војната во рок од еден ден. Администрацијата на американскиот претседател во заминување, Џо Бајден, ѝ дава на Украина колку што може повеќе воена поддршка, вклучувајќи и пакет оружје од 500 милиони долари, со цел Киев да се стави во најсилна можна позиција за потенцијални преговори за ставање крај на војната.
Р.С.
Русија подготвена да ги проучи мировните иницијативи на Трамп за Украина
Русија е подготвена да ги проучи мировните иницијативи на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за војната во Украина, кога следната недела ќе ја преземе функцијата, изјави шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров. Тој предупреди дека Трамп зборувал за војната пред неговата инаугурација, но додаде дека Русија го поздравува фактот што тимот на Трамп почнува да зборува за „реалноста на теренот“ кога станува збор за Украина. Шефот на руската дипломатија рече дека тоа се одразува во изјавите и на Трамп и во коментарите на неговиот иден советник за национална безбедност Мајк Волц.
Трамп најавува скорешна средба со Путин
Војната мора да заврши на зелена маса
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека „многу брзо ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин откако ќе ја преземе функцијата следната недела“, но не прецизираше термин или место за состанокот, кој ќе биде прв меѓу лидерите на двете земји од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година. Трамп даде и појаснување за својата стратегија за ставање крај на руско-украинскиот оружен судир.
– Па, има само една стратегија и таа зависи од Путин. И знам дека сака да се сретнеме и јас ќе се сретнам многу брзо. Ќе го направев тоа порано, но… мора да стапиш на функција. За некои работи, мора да бидеш таму – објасни Трамп.
Трамп и Путин досега се сретнаа пет пати. Нивната најпозната средба се случи на 16 јули 2018 година во Хелсинки, каде што разговараа повеќе од два часа во придружба на преведувачи.
Каков е ставот на Трамп во врска со развојот на настаните во Украина?
Американскиот конгресмен Мајк Волц, идниот советник на Трамп за национална безбедност, изјави за „Еј-би-си“ во неделата дека војната станала „мелница за месо на луѓе и ресурси“ во стилот на Првата светска војна со „последици за трета светска војна“.
– Сите знаат дека ова мора да заврши некако дипломатски. Едноставно мислам дека не е реално да се каже дека ќе го протераме секој Русин од секоја педа украинска почва, дури и од Крим. Претседателот Трамп ја призна таа реалност и мислам дека е огромен чекор напред што целиот свет ја признава таа реалност. Сега да одиме напред – рече Волц, лојалист на Трамп, кој исто така служеше во Националната гарда како полковник.
Р.С.