Низ годините се одржаа десетина состаноци во рамките на Берлинскиот процес, но од тогаш до денес речиси и да нема некое поголемо придвижување на земјите што се дел од овој процес, туку преовладува растечкото разочарување од европското лицемерно однесување. Србија и Црна Гора преговараат подолго од 14 години, а сѐ уште се на почетокот, Македонија остана заглавена поради наметнатите вета од Грција и Бугарија, за сега во пакетот за проширување на земјите од Западен Балкан да се придодадат и Украина и Молдавија, со што Унијата испрати директна порака дека за неа проширувањето заврши со Хрватска, а сето друго е купување време за да се изнајде некакво решение со кое земјите ќе останат во рамките на европската сфера на влијание
Една деценија од иницијативата Берлински процес
Најавуван помпезно како главна иницијатива со која земјите од Западен Балкан ќе ги забрзаат евроинтеграциите, Берлинскиот процес и по 10 години од неговиот почеток не успеа во својата главна цел, земјите од регионот да станат полноправни членки на Европската Унија.
Берлинскиот процес го иницира тогашната германска канцеларка Ангела Меркел откако тогашниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, најави дека во наредните пет години ќе нема проширување на ЕУ, сакајќи на некој начин да го амортизира разочарувањето кај земјите кандидати, но и да го спречи растот на евроскептицизмот во овие земји така што ќе ги држи постојано во своја близина, но доволно далеку од членството.
Берлинскиот процес како утешна награда
Откако повиците од солунскиот самит за брзо проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан одекнаа во празно низ европските ходници, Брисел мораше да изнајде начин како да го одржи процесот на проширување во живот и без да постои реално проширување, а исходот од таквите планови беше Берлинскиот процес, кој се изроди веднаш по приемот на Хрватска во Унијата. Со првиот состанок во Берлин пред 10 години беше ставена точка на проширувањето, а тогаш моќното германско европско лидерство на чело со канцеларката Меркел требаше да ги убеди земјите од Западен Балкан дека Германија стои зад нив на европскиот пат за да не се разочаруваат и да не се дозволи празниот простор да го пополнат трети страни.
Низ годините се одржаа десетина состаноци во рамките на Берлинскиот процес, но од тогаш до денес речиси и да нема некое поголемо придвижување на земјите што се дел од овој процес, туку преовладува растечкото разочарување од европското лицемерно однесување. Србија и Црна Гора преговараат подолго од 14 години, а сѐ уште се на почетокот, Македонија остана заглавена поради наметнатите вета од Грција и Бугарија, за сега во пакетот за проширување на земјите од Западен Балкан да се придодадат и Украина и Молдавија, со што Унијата испрати директна порака дека за неа проширувањето е завршена приказна со влезот на Хрватска, а сето друго е купување време за да се изнајде некакво решение со кое земјите ќе останат во рамките на европската сфера на влијание. Таа замена е Европската политичка заедница форсирана од актуелниот француски претседател Емануел Макрон, кој се обидува да се наметне како нов европски лидер по заминувањето на Меркел во пензија. Несомнено ЕПЗ веќе функционира и на сите им е јасно дека е европската втора лига и дека сакале или не ќе мораат да се задоволат со тоа. Во таа насока треба да се разбере и воведувањето на ЕТИАС-системот што ќе почне да функционира од ноември, а со кој граѓаните од земјите од Западен Балкан ќе мора да плаќаат такси и да пополнуваат формулари за влез во ЕУ, со што де факто се враќа визниот режим без оглед колку европските челници да го тврдат спротивното и да говорат за некакво приближување кон ЕУ.
Германската амбасадорка во земјава, Петра Дрекслер, нагласи дека Берлинскиот процес не е алтернатива за членство во ЕУ, туку двигател што ќе овозможи побрзи и поконкретни чекори кон европската интеграција, што всушност и претставува крајна цел.
– Без разлика на сите политички промени, посветеноста на сите наши земји кон Берлинскиот процес е нешто што постојано опстојува и е основен фактор на оваа заложба и одлучувачки фактор за успехот на оваа иницијатива е вклученоста на националните парламенти. Парламентарниот дијалог во рамките на Берлинскиот процес овозможува уникатна платформа преку која се останува поврзан без разлика на промени на персоналот, уште повеќе овозможува годишни средби на кои се создаваат идеи и се донесуваат одлуки. Исто така, овозможува и да се погледне што било направено, како и да проникнуваат нови идеи и да се придвижуваат понатаму. Уште една причина зошто опстојува Берлинскиот процес се позитивните промени и резултатите што тој ги овозможува, освен што има директно позитивно влијание врз граѓаните во смисла на мобилност и економски можности, добро е да се спомне дека промената не се случува прекуноќ и затоа така се менува овој процес – рече Дрекслер.
Иницијатива што повеќе се грижи за европските интереси
Познавачите на состојбите не го делат отимизмот на германската амбасадорка, туку се на ставот дека Берлинскиот процес не ја оправдал улогата што ја имал.
– Кога имаме десетгодишна иницијатива што требаше да ги доближи земјите од Западен Балкан кон ЕУ, а притоа ниту една не е ниту блиску до членство, тогаш единствениот логичен заклучок е дека има фелер во самата иницијатива. Вишеградската група беше една таква иницијатива формирана од Чешка, Унгарија, Полска и Словачка, но нејзината работа по 14 години резултираше со зачленување на четирите земји во ЕУ. Берлинскиот процес не дава резултати во таа насока, туку многу повеќе има намена да ги држи земјите кандидати поблиску до европската идеја, но во исто време, да ги користи човечките и другите економски ресурси за сопствени потреби. Работната сила од земјите од Западен Балкан се одлеа во Европа, а тука нашите работодавци бараат работници од Непал, Пакистан, Бангладеш и слични земји, кои само што ќе пристигнат, за месец-два исчезнуваат барајќи ја среќата во некоја друга европска земја. За регионална и каква било друга соработка на земјите не им е потребен Берлинскиот процес бидејќи и без него тие соработуваат, а тоа се виде за време на пандемијата кога Европа го остави Балканот на цедило, а земјите од Западен Балкан самите си помагаа. Без реален рок кога би се случило проширувањето, ниту Берлински, ниту париски, ниту какви било други процеси нема да имаат ефект. Граѓаните се уморни и разочарани и сакаат да ги почувствуваат придобивките веднаш. Наместо да им се олесни патувањето, сега од ноември дополнително им се отежнува влезот во ЕУ. Зошто ЕУ не го укина роамингот и со земјите од Западен Балкан? Зошто секаде не се признаат возачките дозволи? За каков процес на приближување тогаш зборуваме – велат аналитичарите.
Разочараност од Берлинскиот процес постои и кај сите влади во регионот, кои недостигот од реална временска рамка за зачленувањето во ЕУ го манифестираат со помала желба за спроведување на проектите иницирани во рамките на европските иницијативи, свесни дека Европа само ги залажува и затоа повеќе се фокусираат на работите што се важни за нивниот политички рејтинг.
– Веќе и од изјавите на повеќето политичари во регионот може да се слушне дека се свесни оти Европа нѐ лаже, така што присуството на состаноците во рамките на Берлинскиот процес повеќе е од куртоазна природа, без никакви очекувања. Сите знаат дека ЕУ преку ваквите иницијативи бара начини како таа да профитира, а не да ги поврзува регионалните пазари, влади и слично. Тие се поврзани многу одамна и пред Берлинскиот процес. Единствена реална иницијатива е таа што ќе излезе со датум, ќе каже дека сите земји до 2030 година влегуваат во ЕУ ако го исполнат тоа, тоа и тоа. Тогаш да видиме дали некоја земја ќе се однесува лежерно кон таквата иницијатива. Вака, и по 10 години од Берлинскиот процес стоиме на истото место, ни чекор напред кон ЕУ – заклучуваат соговорниците.
Што претставува Берлинскиот процес
Берлинскиот процес почна како иницијатива на тогашната канцеларка на Германија, Ангела Меркел, на конференцијата одржана во Берлин, во 2014 година. Освен државите од Западен Балкан, во процесот беа вклучени 10 држави членки на ЕУ: Австрија, Бугарија, Хрватска, Франција, Чешка, Германија, Грција, Италија, Полска и Словенија, како и (тогаш членка на ЕУ) Велика Британија. Во рамките на Берлинскиот процес лидерите на државите се среќаваат на годишни самити, на кои им претходат министерски состаноци за: економија, транспорт, внатрешни и надворешни работи. Досега, самити се одржаа во: Виена (2015); Париз (2016); Трст (2017); Лондон (2018); Познањ (2019); Софија (2020) – организиран за првпат од членка на ЕУ – Бугарија и држава од Западен Балкан – Македонија; Берлин (2021) и оваа година одново во Берлин.
Во првите години, основата на Берлинскиот процес беше, таканаречената, „Агенда за поврзување“ (Connectivity Agenda), која подразбираше развој на транспортната и енергетската инфраструктура во регионот, подобрување на регионалната поврзаност и олеснување на движењето на добра и луѓе. Во 2017 година, Берлинскиот процес е проширен со реформски активности од областа наречена: Четири слободи на ЕУ, во агенда наречена: Регионална економска област (Regional Economic Area – REA), за која беше создаден и Повеќегодишен акциски план (Multi-annual Action Plan – MAP). Планот беше замислен како четиригодишна агенда поставена врз четири столба: слободно движење на добра и услуги (според правилата на ЦЕФТА), инвестиции, мобилност на работната сила и дигитализација. Активностите во рамките на МАП РЕА требаше да му овозможат на приватниот (деловен) сектор во државите од Западен Балкан да користи, таканаречена, економија на обем (пазар од околу 18 милиони луѓе), како и рефокусирање на развојот на регионот кон ендоген модел на долгорочен пораст. Во таа смисла, активностите беа насочени кон: унапредување на трговската интеграција, создавање динамичен регионален инвестициски простор, олеснување на движењето на работната сила и создавање дигитална интеграциска платформа. Сето тоа со цел да му се помогне на регионот во исполнувањето и на економските критериуми за членство во ЕУ. Спроведувањето на активностите им беше доверено на државите од Западен Балкан (на нивните државни администрации), со силна поддршка од Регионалниот совет за соработка. Во 2021 година, пак, Берлинскиот процес ја започна својата последна фаза за создавање единствен регионален пазар. С.Т.
Мал прогрес во делот на заедничкиот регионален пазар и зелената агенда
По четири години од преземените акциски планови од страна на владите во Берлинскиот процес околу делот на заедничкиот регионален пазар и зелената агенда, прогресот не е голем. Сѐ уште најголемото достигнување е слободниот роаминг што е постигнат за земјите од Западен Балкан, што е реална придобивка, меѓутоа далеку е од тоа дека е доволно и доволен аргумент да се каже дека е направен прогрес. Ова беше констатирано на презентација на извештаите од набљудувањето на акциските планови за Заеднички регионален пазар и Зелена агенда од страна на институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС), која завчера се одржа во Собранието.
– Волјата на државите е делумно тука, но и делумно е проблем бидејќи билатералните спорови, особено помеѓу Србија и Косово, но тука е делумно и Босна вклучена, исто така ги оневозможуваат овие заеднички придобивки да се постигнат, бидејќи мора да се носат на консензуално ниво, да бидат прифатени од сите за да функционираат за сите. Уште еден индикатор, како владите се фокусираат само на проблемите наместо да се фокусираат и за решенијата што се од заеднички интерес за сите нас. Тука се и зелените ленти, односно појасите на граничните премини што треба да овозможат непречен проток на камиони, тука се дипломите, мобилноста, дигитализацијата, процесите на декарбонизација на нашата економија. Почва, вода, воздух итн., придобивки од декарбонизацијата, туку и реално нашата економска активност, економскиот сегмент ќе страда бидејќи странските инвеститори се пенализирани внатре во своите земји доколку своите производи ги создаваат преку нечиста енергија, што кај нас доминира итн. – рече Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија – ИДСЦС.