Првпат инициран од Германија, Берлинскиот процес имаше цел да доближи шест земји од Западен Балкан до Европската Унија. Но сепак и германски „Дојче веле“ токму на деценискиот јубилеј се произнесе со ставот дека тоа се „10 години на надежи и разо
Десет години од иницијативата за
доближување на Западен Балкан во ЕУ
Пофалбите за придонесот на Берлинскиот процес изнесени од страна на германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на тековниот самит во Берлин, не успеваат да ги стивнат мислењата за неуспешноста на иницијативата за меѓувладина соработка, односно неможноста таа да испорача конкретни резултати од кои корист би имале земјите од Западен Балкан, во десетте години од нејзиното активирање.
Шолц и Фон дер Лајен на заедничка прес-конференција во Берлин зборуваа за придонесот на процесот за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ. Додека пред десет години, кога започна Берлинскиот процес, проширувањето не беше на врвот на агендата, денес ситуацијата е многу поинаква, рече Фон дер Лајен. Во својот говор Шолц истакна дека шесте земји од Западен Балкан се дел од европското семејство и дека нивната иднина е во ЕУ, додавајќи дека на самитот е постигнат важен напредок што ќе им го олесни животот на граѓаните на Западен Балкан.
Првпат инициран од Германија, Берлинскиот процес има цел да доближи шест земји од Западен Балкан до Европската Унија, но германски „Дојче веле“ го окарактеризира јубилејот како „10 години на надежи и разочарување“, осврнувајќи се и на неисполнетите ветувања. Самитот на Западен Балкан под името Берлински процес се одржува секоја година од 2014 година.
Се истакнува важноста на Западен Балкан, но нема проширување на ЕУ уште од 2013 година
Германскиот канцелар Шолц во понеделникот им посака добредојде на лидерите на шест земји од Западен Балкан за време на самитот во Берлин, чија цел беше воспоставување поблиски врски меѓу тие нации и ЕУ. На самитот присуствуваат премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, на Србија, Милош Вучевиќ, на Црна Гора, Милојко Спајиќ, на Хрватска, Андреј Пленковиќ, на Албанија, Еди Рама, на Косово, Албин Курти, како и претседателката на Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто.
Во разговорите учествуваа и претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, претставници од девет земји членки на ЕУ и меѓународни организации. На самитот присуствува и унгарскиот премиер Виктор Орбан, според владиниот портпарол Золтан Ковач, кој рече дека Унгарија била поканета на состанокот „поради нејзиното влијание на Западен Балкан и нејзиното актуелно претседавање со Европскиот совет“.
Целта на самитот е постепено да ги приближи Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Македонија до членство во ЕУ. Од нив, само Косово не е официјална земја кандидат за членство во ЕУ, додека 27-члениот блок нема нова членка уште од Хрватска во 2013 година.
Претставници на ЕУ во минатото изјавија дека војната во Украина и другите геополитички проблеми ја истакнуваат важноста на стратегиското партнерство меѓу ЕУ и Балканот.
Предвидено е на самитот во Берлин да биде потпишан акциски план за заеднички регионален пазар и нов договор за мобилност, вклучувајќи пристап до високото образование.
Отсуство на конкретни резултати, запрено спроведувањето на потпишаните спогодби
Премиерите на шесте земји што го сочинуваат Западен Балкан – Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија – потпишаа три договори во ноември 2022 година со кои се обврзаа за заемно признавање на лични карти, универзитетски дипломи и некои професионални квалификации. Сепак, имплементацијата е запрена, наведува „Дојче веле“.
– Но ова не е единственото неисполнето ветување на Берлинскиот процес – вели Александра Томаниќ, директорка на Европскиот фонд за Балканот со седиште во Белград.
Таа има критички поглед на она што го постигна Берлинскиот процес.
– Десет години откако беше инициран, Берлинскиот процес сè уште изгледа многу импровизиран. Исто како и проширувањето на ЕУ, најголемиот пропуст е политичката димензија на соработката, која е занемарена – смета Томаниќ, додавајќи дека иако има голем број формати и состаноци, се чувствува недостиг од опипливи резултати, а многу од постигнатите договори не се спроведени.
Првичната намера беше Берлинскиот процес да трае само четири години. Но, есенва, иницијативата слави десетгодишнина. Со текот на годините, процесот растеше и се прошири. Сега има десет земји партнери: Австрија, Бугарија, Хрватска, Франција, Германија, Грција, Италија, Полска, Словенија и Обединетото Кралство.
Балканскиот експерт Бодо Вебер од Берлин смета дека овие годишни состаноци се позитивен исход на Берлинскиот процес, но истакнува дека Берлинскиот процес не ги стабилизирал долгорочно односите во регионот. П.Р.
Секоја година се додаваат нови приоритетни области на агендата
Самитите во рамките на Берлинскиот процес секоја година се одржуваат во различен европски град, од 2014 година. Секоја година, земјите домаќини на самитите додаваат нови приоритетни области на агендата, активирајќи нови министерски конференции и области на фокус.
Една деценија по започнувањето на процесот, сега има годишни конференции за економска соработка, младинска размена, безбедност, дигитализација, зелена енергија, земјоделство и за родови прашања.
Сега, кога започнува единаесеттата година од Берлинскиот процес, Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) се обидува да ги приближи земјите од Западен Балкан до заедничкиот пазар на ЕУ. ЦЕФТА повеќе не го гледа Косово како протекторат на ОН, туку како независна држава.
Германскиот канцелар Олаф Шолц ја пофали и деблокадата на договорот ЦЕФТА бидејќи тоа, како што рече, овозможува активирање на неколку други договори, како договорите за работни дозволи и патеките на е-трговијата. П.Р.