Конечно правото и здравиот разум дојдоа до израз: Руските „замрзнати средства“ нема да се користат за ЕУ-финансирањето на војната во Украина
Голем триумф извојува белгискиот премиер Барт де Вевер на самитот во Брисел, во неговата борба против неолибералните милитаристички комбинаторики креирани од раководството на Европската Унија. Триумфот подразбираше отфрлање на контроверзните планови на Европската комисија за финансирање на Украина со замрзнатите руски пари, држени во белгиската банка Евроклир. Ова апсолутно може да се смета и за успех на меѓународното право и на поредокот заснован врз универзални вредносни принципи и правила. Белгискиот премиер Де Вевер остана истраен, наспроти силните двомесечни притисоци на лидерите на ЕУ за користење на руските пари. За потсетување, тој и претходно не потклекна пред ЕК, на претходниот самит на ЕУ во октомври. Другите лидери неделава ја разгледувале и екстремната идеја за надгласување на Белгија како последно средство за постигнување договор, но попусто.
– Де Вевер во основа доби сè што сакаше – рече еден дипломат на ЕУ откако самитот заврши во раните утрински часови во петокот.
Иницијалниот план за финансирање на Украина со руски пари сега е во распад, откако претставниците на ЕУ на самитот се согласија да ѝ испратат на Украина 90 милијарди евра преку бескаматен кредит финансиран преку заедничкиот долг на ЕУ. На Киев му се потребни околу 136 милијарди евра во 2026 и во 2027 година за да го одржи функционирањето на земјата и да продолжи со војување, според процените на Европската комисија. Без нови средства до пролет, голема е веројатноста Украина да банкротира, не можејќи да им овозможи одржливост на армијата, полицијата и на образовниот сектор.
Засега преовладаа правото и здравиот разум
Рускиот преговарач Кирил Дмитриев беше меѓу првите што се огласи во врска со постигнатиот договор во Брисел, со што ќе се прекине „долевањето масло за разгорување на војната“, на што инсистираат воените јастреби од Брисел.
– Засега преовладаа правото и здравиот разум – напиша Димитриев на социјалните мрежи, опишувајќи ја одлуката донесена во Брисел како „смртоносен удар“ врз политичарите, кои, како што наведува, „туркаат кон војна“, притоа споменувајќи ги имињата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер.
Лидерите на ЕУ минатата година се согласија да ја користат каматата од замрзнатото суверено богатство на Русија за да ја финансираат Украина. Но користењето на основните средства е многу поконтроверзен чекор, па Брисел, Париз и Берлин стравуваа дека ќе ја нарушат довербата на глобалните инвеститори во еврозоната ако посегнат по тие пари.
Нивните ставови се променија во октомври кога релативно новиот германски канцелар Фридрих Мерц решително се заложи за план за користење на средствата без конфискација.
Белгија: Планот на ЕУ беше фундаментално погрешен!
Белгија, каде што се држи најголем дел од руските средства, го опиша тој план на ЕУ како „фундаментално погрешен“. Белгиската влада тврдеше дека планот би се сметал за конфискација и дека без силни гаранции од ЕУ би можела да остане без милијарди евра ако Евроклир се соочи со руска тужба. Белгиската влада, исто така, побара и други земји со замрзнати руски средства да ги користат за финансирање на Украина, вклучувајќи ги Велика Британија, Јапонија, Канада, САД, Швајцарија и Норвешка.
Од Русија, пак, порачаа дека користењето на замрзнатите средства за финансирање на заем би претставувало „кражба на туѓ имот“. Рускиот претседател Владимир Путин и неговите советници издадоа предупредувања за последиците врз европската економска стабилност и довербата на инвеститорите во еврозоната ако бесправно се користат замрзнатите руски пари. А Централната банка на Русија поднесе барање за отштета од 230 милијарди долари против белгиски Евроклир. Рускиот претседател Путин потпиша серија декрети со кои му се овозможува на Кремљ да заплени западни приватни и државни средства во Русија, како одговор за каква било конфискација на руски пари. Р.С.
Изнудениот план Б за Украина е колосален неуспех на Фон дер Лајен и Мерц
- Со постигнатата спогодба од т.н. резервен (изнуден) план на ЕУ, сепак, некако се планира да се инјектираат финансиски средства за продолжување на војната во Украина. Но тоа не е решението за кое Германија и Европската комисија (ЕК) се залагаа во пресрет на самитот. За издвојување е дополнителниот удар врз единството на ЕУ со неучеството на самитот на три земји членки – Унгарија, Словачка и Чешка
Европските влади не успеаја да постигнат договор за испраќање на руските замрзнати државни средства во Украина по 16-часовниот самит во Брисел, што се смета за голем неуспех за германскиот канцелар Фридрих Мерц и за претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Претставниците на Европската Унија наместо нивната првична замисла, беа принудени да се согласат за итен „резервен план“ врз основа на заедничкиот долг на ЕУ, за кој се залагаше белгискиот премиер Барт де Вевер. Овој план беше сметан за малку веројатен сè до неколку часа пред да биде усвоен.
Така, со постигнатата спогодба од т.н. резервен план на ЕУ, сепак, некако се планира да се инјектираат финансиски средства за продолжување на војната во Украина. Но тоа не е решението за кое Германија и Европската комисија (ЕК) се залагаа во пресрет на самитот. За издвојување е дополнителниот удар врз единството на ЕУ со неучеството на Самитот на три земји членки – Унгарија, Словачка и Чешка.
Со недели, извршната власт на ЕУ и Берлин вршеа притисок врз земјите членки да го финализираат контроверзниот план за користење до 210 милијарди евра замрзнати државни средства на Русија за финансирање на Украина, но белгискиот премиер Де Вевер повторно се погрижи да не се случи тоа, откако веќе ја попречи шемата за руски средства за време на претходниот самит во октомври.
Наместо тоа, лидерите во очај се согласија заеднички да позајмат 90 милијарди евра за финансирање заем за Украина во текот на две години. Ова ќе биде гарантирано од заедничкиот буџет на ЕУ. Р.С.

































