„Нова Македонија“ стекна увид во алармантни статистики за демографската состојба во земјава врз основа на истражување податоци објавени од домашни и странски институции, спроведено од редакцијата, кое ќе го објавиме во неколку продолженија. Денеска го објавуваме второто продолжение
Истражување на „Нова Македонија“ за демографската состојба во државата
Во период од десет години, од 2013 до 2023 година, бројот на живородени деца се намалил од 23.138 (во 2013 година) на 16.737 (во 2023 година), при што пресметавме дека ова намалување изнесува 27,7 проценти! Во овој период бројот на живородени деца е намален за 6.401. Според податок во публикацијата „С. Македонија во бројки, 2024 година“, објавена од Државниот завод за статистика (ДЗС), во периодот од 2013 до 2023 година „стапката на наталитетот се намалила од 12 на 9,2 отсто (живородени на илјада жители)“.
Во последните 10 години континуирано се намалува бројот на родени деца
Во текот на последните петнаесет години, во вкупно три години (и тоа во рамките на периодот од 2009 до 2014 година), бил зголемен бројот на живородени деца во однос на претходната година. Имено, во 2010 година се зголемил за околу 2,5 проценти во однос на претходната година (23.684 живородени деца во 2009 година, 24.296 во 2010 година).
Во 2012 година процентот на живородени деца се зголемил за околу 3,5 отсто во однос на 2011 година (22.270 живородени деца во 2011 година, 23.568 во 2012 година). Две години подоцна, во 2014-та, се зголемил за околу два процента во однос на 2013 година (од 23.138 живородени деца во 2013-та на 23.596 во 2014 година).
Затоа, пак, во следните десет години, од 2014 година заклучно со 2023-та, континуирано, секоја година, се намалува бројот на живородени деца во однос на претходната година.
Особено во последните пет години (од 2019 до 2023) е, според нас, многу намален бројот на живородени деца. Во 2019 година имало 21.333 живородени деца, а во 2023 година 16.737, што е намалување за 4.596 живородени деца Пресметавме дека во 2023 година, споредено со 2019 година, намалувањето изнесува дури 21,56 проценти!
Процентите даваат приказ за етничките заедници
Анализиравме и во однос на припадноста кон етничка заедница (ЕЗ) на мајката. Имено, констатиравме дека во делот население и социјални статистики, во графата (рубриката) „живородени деца според припадноста кон етничка заедница на мајката и на таткото…“, во периодот од 2011 до 2023 година се наведени седум етнички заедници: македонска, албанска, турска, ромска, влашка, српска и бошњачка (покрај овие седум колони, има податоци уште за „друго“ и „непознато“).
Констатиравме дека најмногу живородени деца, и според процентот, се од македонската етничка заедница. Ги пресметавме следните нешта. Процентот се движел во распон од најмалку 50 проценти, до 53,4 проценти од вкупниот број живородени деца во Македонија. Притоа, во седум од вкупно тринаесет години, процентот се движел помеѓу 50 и 51, а две години бил поголем од 52 отсто.
Најмногу умрени лица, и според процентот, се од македонската етничка заедница. Пресметавме дека процентот на учеството од вкупниот број починати во Македонија бил најмал во 2020 (70,8) и 2021 година (72,5), а во преостанатите единаесет години се движел во распон од 73,9 до 76,4 отсто (во 2022 година).
Го споредуваме и соодносот на процентот помеѓу живородени деца и починати лица по седум етнички заедници, колку што се наведени во овие неколку (четири односно три) страни што се во рамките на делот „Население и социјални статистики“, во рамките на публикациите.
Утврдивме дека процентот на умрени од македонската етничка заедница е за минимум околу 40 проценти поголем од бројот на живородени деца од македонската етничка заедница.
Констатиравме дека, во најголемиот број од овие тринаесет години (2011 – 2023), имало, грубо речено, за околу 100 проценти повеќе живородени деца отколку починати лица што се од албанската етничка заедница. Процентот на живородени деца од албанската етничка заедница, во однос на вкупниот број живородени деца од сите етнички заедници, се движел во распон од 33 до 36,4 отсто. Најголем бил во последните пет години (вкупно околу 36 отсто). Само во три години (од 2014 до 2016) бил помал – се движел помеѓу 33 и 34 проценти.
Процентот на умрени лица од албанската етничка заедница, во однос на вкупниот број починати од сите етнички заедници, се движел во распон од 15,6 до 20,6. Најголем бил процентот во 2020 (20,6) и 2021 година (19), а само во уште две година бил минимум 17 (поточно 17 и 17,4). Во преостанатите девет години распонот бил помал, помеѓу 15,6 и 16,9 проценти.
Најголем позитивен сооднос помеѓу живородени деца и починати лица пресметавме дека имало кај ромската етничка заедница. Во најголемиот број од овие тринаесет години имало, грубо речено, минимум за околу 150 проценти повеќе живородени деца отколку починати.
Процентот на живородени деца од ромската етничка заедница, во однос на вкупниот број живородени деца од сите етнички заедници, се движел во распон од 5,5 до 6,9. Во три години (од 2015 до 2017) бил помал од 6 проценти, а во преостанатите десет години бил помеѓу 6 и 6,9 проценти.
Процентот на умрени лица од ромската етничка заедница, во однос на вкупниот број починати од сите етнички заедници, се движел во распон од 2,2 до 2,6. Најголем бил во 2012 година (2,6).
Процентуално гледано, позитивен сооднос, сличен како кај албанската етничка заедница, утврдивме и кај турската етничка заедница. Во најголемиот број од овие тринаесет години имало, грубо речено, за околу 100 проценти повеќе живородени деца отколку починати лица кај турската етничка заедница.
Процентот на живородени деца кај турската етничка заедница, во однос на вкупниот број живородени деца од сите етнички заедници, се движел во распон од четири (во 2020) до 4,8 отсто (во 2013 и 2014 година). Процентот на умрени од турската етничка заедница, во однос на вкупниот број починати од сите етнички заедници, се движел во распон од 2,1 (во 2016 и 2022 година) до 2,7 (во 2014).
Кај бошњачката етничка заедница, во најголемиот број од овие тринаесет години имало, грубо речено, за приближно околу минимум 40 проценти повеќе живородени деца отколку починати лица. Процентот на живородени деца, во однос на вкупниот број живородени деца од сите етнички заедници, се движел во распон од најмалку 0,9 (во 2011 година) до 1,1 (во пет години: од 2012 до 2015, уште во 2023 година). Процентот на умрени, во однос на вкупниот број починати од сите етнички заедници, бил помеѓу 0,5 (во 2011 година) и 0,8 отсто (во 2018 година).
Забележан и негативен процентуален сооднос
Слично како кај македонската, негативен процентуален сооднос – повеќе починати од живородени – има и кај влашката етничка заедница. Имало, грубо речено, кај влашката етничка заедница имало за околу 100 проценти повеќе починати лица отколку живородени деца. Процентот на живородени деца во единаесет години бил 0,1, а во две години (2017 и 2023) бил 0,2. Кај починатите лица од влашката етничка заедница, најмал процент – од 0,2 имало во седум од тринаесетте години. а најголем (0,4) имало во 2011 година.
Најголем негативен процентуален сооднос – повеќе починати отколку живородени – има кај српската етничка заедница. Во десет од тринаесетте години имало минимум за 200 проценти повеќе починати лица отколку живородени деца. Во преостанатите три години негативниот процент бил поголем за минимум 100 проценти (поточно: за 100, 150 и околу 160 проценти повеќе починати лица отколку живородени деца).
Кај живородените деца во дванаесет години процентот бил 0,5 односно 0,6 – само во 2020 година процентот бил 0,4. Кај умрените лица, во осум години процентот изнесувал 2,1 односно 2,2. Во преостанатите пет години процентот се движел помеѓу 1,2 (во 2023 година) и 1,8 отсто (во 2017 година)
Живко Здравкоски
Продолжува