Фото: „Нова Македонија“

Ние сега треба да преземаме иницијатива, бидејќи правото и правдината се на наша страна. Ова е во контекст на претходните мои констатации каде што се обидувам да наметнам мислење дека се неопходни квалитет, стратегија и континуитет во дипломатијата. На што алудирам? Имено, ние имаме основ за поднесок во врска со непочитување на Европската конвенција за човекови права од страна на Бугарија, со непризнавањето на одлуките на Европскиот суд за човекови права. Тоа дополнително ќе му даде поголема тежина на целокупниот процес во кој сега моментално се наоѓа Македонија како пред Советот на Европа така и пред Европската Унија. И тоа ќе даде поголем аргумент дека Бугарија нѐ уценува. Основата на новата тужба може да биде исклучување, барање за исклучување на Бугарија од Советот на Европа! Тоа е многу сериозна работа и мислам дека е возможна, и тоа многу е возможна, тврди адвокатот Тони Менкиноски, правниот застапник на Македонците од соседството пред Советот на Европа и пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП)

Деновиве група новинари од нашата редакција во неколку наврати имаа исклучително квалитетни разговори со адвокатот Тони Менкиноски, правниот застапник на Македонците од соседството пред Советот на Европа и пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).
Впечатокот на редакцијата е дека адвокатот Менкиноски мошне умешно го приближи прашањето за нашиот меѓународен предизвик и предизвикот на нашите сонародници од соседството и нивните секојдневни проблеми со кои се соочуваат, а сето тоа поврзано со индивидуалните и колективните човекови права, како и нашиот интегрален заеднички етнички македонски идентитет, јазик и историја.
Од повеќето поенти во брифингот со експертот за човекови права Менкиноски издвојуваме некои становишта и препораки што досега во јавноста не биле предмет на дискусија, а се шанса за еден наш квалитетен исчекор за операционализација на нашите заложби и цели. Менкиноски го препознава моментумот во кој треба сега „ние Македонците да најдеме модус вивенди според кој ние треба да дејствуваме, не дефанзивно, не да се браниме, ниту да се докажуваме дека ние сме Македонци. Ние сме Македонци, тоа никој не може да ни го одземе, но поентата е во делот на меѓународната политика, од еден друг аспект да дејствуваме, а да не влегуваме во нивните замки“. Во тој контекст во денешното второ продолжение ја изнесуваме неговата идеја за поднесување фомалноправно „барање за исклучување на Бугарија од Советот на Европа“

Офанзивна, антиципативна, априори – македонска дипломатија! (2)

Во претходниот дел зборувавме за фактот што Европарламентот (ЕП) во основа донесе нешто што е надвор од неговата ингеренција. ЕП со изземањето, фактички бришењето на идентитетот на Македонецот и македонскиот јазик од извештајот за напредокот на Македонија во евроинтеграциите, покажа една друга димензија. Бугарската дипломатија во случајов, заштитена и предводена од грчката дипломатија, успеа да ја врати Европа во 1941 година.
– Морам да кажам, дека овој случај како преседан во меѓународното право, во меѓународната политика, нема некое големо значење. Тој е меѓународен извештај, но она што морам да го подвлечам е фактот, потврден и со овој пример во Европскиот парламент (ЕП), што Бугарија и Грција се поуспешни во дипломатијата. Тука нема дилеми. Но ние треба сега да преземаме иницијатива, бидејќи правото и правдината се на наша страна. Ова е во контекст на претходните мои констатации каде што се обидувам да наметнам мислење дека се неопходни квалитет, стратегија и континуитет во дипломатијата.

Што претставува тужбата пред Европскиот суд за човекови права во согласност со Европската конвенција за човекови права

Имено, пред Европскиот суд за човекови права во согласност со Европската конвенција за човекови права се дозволени два типа на тужби. Едниот тип е на индивидуа против држава во која живее или престојува, а вториот тип на тужби е држава против држава за непочитување на Европската конвенција за човекови права. Вакви тужби има, во процес се, и интересно е што ваквите тужби ги суди Големиот судски совет.
На што алудирам? Имено, ние имаме основ за поднесок во врска со непочитување на Европската конвенција за човекови права од страна на Бугарија, со непризнавањето на одлуките на Европскиот суд за човекови права. Тоа дополнително ќе му даде поголема тежина на целокупниот процес во кој сега моментално се наоѓа Македонија како пред Советот на Европа така и пред Европската Унија. И тоа ќе даде поголем аргумент дека Бугарија нас нѐ уценува.

Што би добила Македонија со ваквата тужба?

– Основата на новата тужба може да биде исклучување, барање за исклучување на Бугарија од Советот на Европа!
Тоа е сериозна работа и мислам дека е возможна, и тоа многу е возможна. Зборуваме за 99 отсто возможност Бугарија да биде исклучена од Советот на Европа доколку некој поведе ваква постапка бидејќи има аргументи, не се почитуваат одлуките на Европскиот суд за човекови права. Во согласност со протоколот 14 на Европската конвенција за човекови права, одлуките на Европскиот суд за човекови права се задолжителни за земјите членки.
Доколку некој не ги почитува овие одлуки, не ги имплементира, имплементацијата не значи само плаќање пари, туку и примена и останување на ваквото однесување од страна на одредена држава. Очигледно дека Бугарија сака вешто да ги избегне тие обврски, што на Македонија ѝ дава право да поднесе тужба и да го добие предметот пред Европскиот суд за човекови права. Ние, како Македонци, имаме многу голем аргумент Бугарија да ја ставиме на столбот на срамот од аспект на непочитување на основните човекови права – вели адвокатот Менкиноски.

Да бидеме малку и самокритични

– Предходно Македонците, знаеме историски, чекале во ходниците кога се решавало за нивните права. Сега ние сме на масата, без разлика во која институција. Дали сме во ОБСЕ, во ОН, во Советот на Европа, имаме аспирација за Европската Унија и третман кон нас како на поинаков субјект, а имаме и членство во НАТО.
Ние сега треба да имаме офанзивна политика, која ќе ја подготвиме добро и добро ќе ги образоваме овие дипломати што си одат одовде парите што ги земаат таму си ги оправдаат. А парите што ги земаат тие дипломати се од граѓаните на Република Македонија, не се од некој друг. Ако сакаме да имаме прогрес, мора да бидеме и самокритични.
Да, погрешивме, да признаеме. Самокритиката е неопходна за да може човек да биде флексибилен во функција на целите што сакаме да ги постигнеме. Ги оценуваме своите активности, спроведени мерки и чекори и проценуваме дали тоа наше однесување води кон посакуваната цел, дали однесувањето е во согласност со усвоениот систем на вредности, дали избраните цели се соодветни, реални во одредени временски рамки или требаат уште време и други методи… На овој начин ние, преиспитувајќи ги своите постапки, се коригираме и хармонизираме со актуелните промени (глобални политики и настани, меѓународна политика и трендови, мултилатерализам, суверенизам, влијание на големите сили итн.). Самокритиката често се толкува како некое незадоволство или загриженост кога се забележува несовпаѓање помеѓу посакуваната и моменталната состојба. Но тоа не треба да се сфаќа така. Прегледувањето на сопственото однесување тогаш е корисно, бидејќи претставува вовед во посакуваните промени. Самокритичноста, многупати го имам истакнато тоа, не само јас и меѓународни правници, е клуч кон уште поголем исчекор кон својата, кон нашата цел. Имам и пример за тоа, со Грција… Но тој случај го гледав само како обичен гледач. Таму не се побараа репарации, материјална штета. Да, ние ја осудивме Грција, но што добивме? Тоа е вербален деликт. Ништо не добивме.

Менкиноски: Во Македонија постојат ретроградни болшевичко-врховистички структури

Во оваа пригода издвојувам дека минирањето на одредени процеси доаѓа оттука, од Македонија, од одредени структури, тоа се болшевичко-врховистички структури, кои, морам да ги напоменам. Причината зашто не сме во Европската Унија досега се тие, според мене, и тие многу добро знаат и многу добро се прикриени, ги има во сите партии, а нивниот интерес е Македонија да не биде прогресивна држава!
Имаме аргументи, аргументите се на наша страна, треба само да ги презентираме пред меѓународни форуми, не треба да ги премолчуваме тие аргументи, тие се многу добри аргументи.
Премиерот е многу јасен. Морам да кажам дека со неговата функција како премиер, тој застана зад браникот на македонските работи. Но премиерот е премиер, тој е извршна власт. Меѓународните односи, меѓународната политика е во рамките на претседателката и во рамките на Министерството за надворешни работи.