Балканот е центарот каде што со векови се вкрстуваат мечовите на големите сили

Фељтонот „Војната во Украина како предуслов за нов светски поредок и реперкусиите врз Западен Балкан“ од д-р Маја Мишковска дава еден сопствен поглед на случувањата во Украина и нивниот одраз врз светската политичка сцена, со посебен акцент на Западен Балкан. Преку опсежна анализа на украинско-руските односи, па преку одразот врз нивните сојузници, авторката на фељтонот презентира и
некои помалку познати ликови и настани од минатото, со што ја дополнува сликата на она што се случува денес во Украина, за на крајот да го насочи фокусот кон Балканскиот Регион, кој не е поштеден од последиците на актуелниот конфликт на истокот од континентот

ВОЈНАТА ВО УКРАИНА КАКО ПРЕДУСЛОВ ЗА НОВ СВЕТСКИ ПОРЕДОК И РЕПЕРКУСИИТЕ ВРЗ ЗАПАДЕН БАЛКАН (7)

За Русија процесите на проширување на Западен Балкан кон НАТО и ЕУ се потенцијална закана, бидејќи тоа би го оттргнало регионот подалеку. Напорите се насочени кон поткопување на мировните договори постигнати од 1990-тите, со кои се разграничија границите. Од друга страна, САД преку случувањата на северот на Косово со можност за ескалација се стремат да ја ослабат позицијата на Белград, што се гледа во постојаната координација на мисијата на КФОР на Косово и на европската мисија Еулекс (како секундарен фактор за безбедност), која им помага на косовските власти и на косовската полиција во обезбедувањето на редот и мирот на Косово уште од масовните оставки на Србите од косовските институции. И во БиХ исто, иста песна но друг пејач!
Западните интервенции во Југославија – особено бомбардирањето од НАТО на Косово во 1999 година, a Косово веќе беше отцепена покраина од Србија – беа прв моќен сигнал на Вашингтон за намалувањето на влијанието на Кремљ. За Путин, кој ја презеде власта за помалку од една година, тоа значеше повлекување на своите мировни сили од Косово во 2003 година и блокирање на признавањето на ОН за прогласување независност на Косово во 2008 година.

Оваа година, 14 години подоцна, на 2 октомври во Република Српска се одржаа општите избори и резултатите на опозицијата беа оспорени за претседателот на РС, во кој кандидатот на Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД), Милорад Додик, го победи Тривиќ. И таму се одржаа протестни собири „поради изборна кражба“ и се побара пребројување на гласовите, а до Обвинителството на БиХ опозицијата поднесе кривична пријава против повеќе лица, меѓу кои и Милорад Додик. За да му изрази отворена поддршка на претседателот Милорад Додик, интересно е движењето поддржано од рускиот милијардер Константин Малофеев, кој како моќен православен бизнисмен ги поддржа руските проекти на Крим и Донбас, а организира и посета на главниот град на Република Српска, Бања Лука, од страна на голема група Козаци.
Балканот е во центарот каде што со векови се вкрстуваат мечовите на големите сили. Распадот на Југославија во 1990-тите и конфликтите што настанаа го вратија Источноевропскиот Регион во првите редови на европската политика, додека Западен Балкан позициониран на вага постојано балансира меѓу безбројните етнички и верски премрежиња.
Приврзаноста на Кремљ кон Западен Балкан отсекогаш постоела. На 7 март 2019 година, Метју Палмер, заменик на помошник-државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, во интервју во Загреб истакна дека „Русија работеше многу напорно за да го поткопа неодамнешниот договор меѓу Грција и Македонија и ги зајакнува аспирациите на босанските Срби да се отцепат од Босна и Херцеговина“.
Во меѓувреме, по инвазијата на Украина, мировната мисија на ЕУ во Босна и Херцеговина (ЕУФОР) речиси ги удвои своите сили, додека поборниците за побрз влез во НАТО го искористија моментот на руската инвазија на Украина за да побараат побрз начин за влез во Алијансата.

Западен Балкан – пауза околу владеењето на правото

Изминативе 30 години, по распадот на Југославија и по падот на Берлинскиот ѕид, регионот Западен Балкан беше предмет на поделби и несогласувања. Но последниве две години стана регион на добрососедски односи и зголемена меѓусебна регионална соработка за забрзување на процесот на приближување на земјите од Западен Балкан и ЕУ. Берлинскиот процес како историски проект за Западен Балкан се фокусира во повеќе сфери, меѓу кои изградба на заеднички регионален економски и енергетски пазар. Руската инвазија на Украина одекна особено во Западен Балкан, регион во кој Москва, Брисел и Вашингтон се залагаат за влијание.
По неколку години пауза, особено по започнувањето на војната во Украина, Берлин преку Берлинскиот процес упати порака дека регионот на Западен Балкан ѝ припаѓа на Унијата и се реактивира, при што во рамките на Берлинскиот самит, а во организација на германската влада, во ноември 2022 од страна на шефовите на владите на Србија, Црна Гора, Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово беа потпишани три договори за мобилност. Регионалните договори вклучуваат признавање на високообразовните квалификации, признавање на професионалните квалификации на медицина, лекари, стоматолози и архитекти, за слободно движење на луѓе, стоки и услуги, капитал.
Тоа го потврдува и изјавата на германскиот канцелар Олаф Шолц, кој потенцира дека обврските што ги преземаат кон Западен Балкан се категоризирани како итни и дека „руската брутална агресија врз Украина“ ги натерала земјите-членки на ЕУ да застанат заедно за да ги зачуваат европската слобода и безбедност и дека е крајно време да се надминат регионалните конфликти. И претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, се вклучи активно, истакнувајќи дека ЕК ќе поднесе енергетски пакет од една милијарда евра во вид на грантови за регионот. За итни грантови се издвоени 500 милиони евра, додека преостанатата половина е предвидено да биде наменета за инвестиции во енергетика.
Од друга страна, американскиот Конгрес предвидува техничка помош од околу четири милијарди долари за Западен Балкан, на прво место за: борба против корупцијата, независно судство, бидејќи едното без другото не функционира, економски реформи, потесна економска интеграција со ЕУ, антикорупциски стратегии, заштита на културните разлики. Со техничката помош владите треба да развијат национални стратегии за борба против корупцијата и овие пари со придружните програми ќе треба да се реализираат во текот на шест години.
Со помошта се опфатени шест држави од Западен Балкан, меѓу кои Македонија, Србија, Црна Гора, Косово, Босна и Херцеговина и Албанија, држави што треба да бидат асоцирани за да им се помогне на владите на идната мини Европа да развијат регулативи за обезбедување правични и ефикасни инвестиции и алатки за скрининг, за да се идентификуваат злонамерните инвестиции и други криминални економски практики.

Д-р Маја Мишковска

(продолжува)