За помалку од еден ден по укинувањето на балансерот како еден од, наводно, најнадежните, а најпрактикувани, но најгрешни инструменти наметнати со Охридскиот рамковен договор се појавија и замреа веќе видени заканувачки реакции на политичките партии, кои очигледно брзо сфатија колку и за што мери и чука македонскиот политички часовник! Зошто?
Како балансерот од инструмент за прекин на т.н. војна во 2001 година како дел од Охридскиот рамковен договор се претвори во генератор на криза во државното функционирање
Опозициската ДУИ и Алијансата на Албанците по инерцијата, која сѐ уште ги држи од времето додека беа во власта, од позиција на сила пробаа со блеф да ги уплашат домашната и меѓународната јавност, со изјави дека ако се укине едно во сериозна криза стекнато право на државно работно место и буџетска плата, за која најголемиот број нивни партиски членови само формално беа присутни, а некои ниту се појавуваа на работното место во државната администрација, ќе се случеле политички и јавни граѓански немири и демонстрации. Но брзо ретерираа… Очигледно причината за тоа е многу подлабока од обично вработување на граѓани во државната администрација. Што се случува со години?
АЛБАНСКИТЕ ПАРТИИ СО АЛАТКАТА БАЛАНСЕР НАЈМНОГУ ГО ТЕРОРИЗИРАА(Т) – АЛБАНСКОТО НАСЕЛЕНИЕ!
Политичкиот метод, кој веќе близу 30 години го применуваат некогашната ПДП (Партија за демократски просперитет) и ДПА (Демократска партија на Албанците) и кои и го потпишаа Охридскиот рамковен договор, а ги наследи ДУИ (Демократска унија за интеграција), на што се повикуваат и тие што го злоупотребуваат и тие што го бранат балансерот, е форма на владеење.
Албанците во Македонија од првиот парламентарен состав на Собранието беа предмет на стравотна партиска манипулација од албанскиот партиски кампус. Под покритие за остварување на малцинските национални права, преку наводната војна во 2001 година кога со Охридскиот рамковен договор беше наметнат балансерот како еден од условите за прекин на воените судири…
Ноторен факт е дека Албанците во Македонија како услов за вработување во јавната администрација мораа да прифатат членство и покорност кон некоја од албанските политички партии, попрецизно кон партијата на власт, која со вработувањето обезбедува своја партиска војска за програмата на партија за политички притисоци и контрола, но се покажа дека е и за криминал и корупција.
Но токму како резултат на таквата политичка практика цели региони и градови во Македонија како Гостивар, Тетово, Кичево и Струга сега се целосно испразнети, а жителите иселени. Изградени домови и објекти, вредни стотици илјади и милиони евра, пропаѓаат заклучени. Празните села и цели градски квартови, како и во многу региони населени со Македонци и со население од друга малцинска националност се резултат на партиската политика на ПДП, потоа на ДПА, ДУИ… Впрочем, кај овие партии скриената матрица е анационална политика, а главната стратегија им беше и сѐ уште блефираат со граѓански судири и војна, но сега веќе поради празната држава немаат кого да плашат и да владеат со својата стратегија за власт, која ја истурија врз своите сонародници, што резултираше со губење на власта на ДУИ на последните парламентарни избори, иако близу е и актуелната коалиција на власт ВЛЕН!
ПОЛИТИКАТА И ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ ВЕЌЕ НЕМААТ МАТЕРИЈАЛ ЗА „БАЛАНСИРАЊЕ“
Во ваква ситуација балансерот, или неговото нефункционално спроведување, доведе до партиско-криминализирана администрација до ниво на изолирани државни институции со 80-90 отсто вработени по партиски национален клуч, не само од албанските партии туку и од другите, вклучувајќи и од македонската мнозинска национална заедница, кои со постојани или привремени вработувања нефункционално го празнеа државниот буџет, многу често и со криминал за кој администрацијата можеше или да учествува или да молчи!
Токму овде се поставува прашањето како балансерот од инструмент за прекин на таканаречената војна во 2001 година како дел од Охридскиот рамковен договор, кој за волја на вистината беше донесен како готов акт од надворешните актери во неговото потпишување, се претвори во генератор на криза во државното функционирање!? И тоа особено што македонските страни во Охридскиот договор беа ставени во позиција на потписници и реализатори, а надзорот беше утврдено да го вршат евроатлантската заедница, преку НАТО, ЕУ, ОБСЕ и Америка, секој во своите надлежности!?
Сега се поставува и прашањето кој од овие фактори ја згреши работата поради што „македонската криза, формално без воени судири, продолжува следниве, веќе 23 години, а сега е во нејзиниот врв со оглед дека државата веќе не може самостојно да функционира без странски кредити“!
Иако може да звучи дегутантно, се поставува и прашањето за тоа кој е генераторот на кризата поради што фактички и Охридскиот рамковен договор ниту е спроведен и спроведлив, бидејќи би било уште подегутантно, малку и опасно смешно, да се постави тезата дали политичките групи криминалци и блефери кај нас во државава ја надиграа евроатлантската заедница, која го вршеше надзорот над спроведувањето на Охридскиот договор, или тоа беше дел од стратегијата за целосно демонтирање на унитарна Македонија, како одмазда што целосно не им успеа да го решат тоа со конфликтот во 2001 година!? Р.Н.М.