Божиќ во Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија негува мноштво традиции за време на овие празници. Традицијата вели дека за Бадник не се оди никаде, туку празникот се поминува дома. Свештениците и теолозите велат дека Бадник е најава на празникот Божиќ и очекување на Христовото раѓање. Затоа на Бадник семејството е црква. Секоја куќа е црква. Во секој дом се палат свеќа, темјан и кандило. На Бадник е и последната посна трпеза, со овој ден завршуваат божиќните пости

Негување на традициите за големите христијански празници

Еден од најголемите христијански празници Божиќ и Бадник плетат една од најубавите празнични приказни во кои семејствата се зближуваат и заеднички ја практикуваат традицијата на празнување. Божиќните празнувања започнуваат со Бадник, денот кога на посна трпеза, било за ручек или вечера, се најавува една од најрадосните вести – раѓањето на Господ Исус Христос. Ден по Бадник, Божиќ, се прославува доаѓањето на спасителот на човечкиот род, раѓањето на Христа.
Македонија негува мноштво традиции за време на овие празници. Традицијата вели дека за Бадник не се оди никаде, туку празникот се поминува дома. Ручекот или вечерата треба да бидат посни, на масата вообичаено има посно гравче и риба, лепче, костени, портокали… Вечерата почнува со кршење на лепчето, во кое има паричка. Се верува дека на тој што ќе му падне паричката, ќе го следи среќа целата година.
Свештениците и теолозите велат дека Бадник е најава на празникот Божиќ и очекување на Христовото раѓање. Затоа на Бадник семејството е црква. Секоја куќа е црква. Во секој дом се палат свеќа, темјан и кандило. На Бадник е и последната посна трпеза, со овој ден завршуваат божиќните пости.

Подароци на Бадник – една од највеселите традиции за најмладите

Бадник значи будност. Самиот збор доаѓа од старомакедонскиот збор б’дник, будник, што значи бдеење, будност, неспиење во ноќта спроти Божиќ. Будни поради очекувањето на денот на Христовото раѓање. Таа будност, тоа бдеење на Бадник, доколку не е молитвена будност, со присуство на сеноќно бдение, тогаш е богоугодна и домашната будност со читање на Библијата – читање за настаните поврзани со Христовото раѓање или будност во домашен разговор за библиските настани. Така е најдобро и најпријатно се подготвува верникот за пречек на Господа.
Во Македонија, според традицијата, Бадник е поврзан со обредниот оган, како и со горењето дрво. Во минатото, а и денес, во македонските села и градови во помали или поголеми групи деца палат оган и го прескокнуваат. Според традицијата, рано изутрината на Бадник, децата пеат и одат по куќите каде што добиваат подароци. На овој начин, децата го најавуваат големиот христијански празник Божиќ.
Како и секоја година, така и оваа, Македонската православна црква излезе со апел до верниците да не се палат бадникарски огнови. Дополнително, веќе неколку години свештениците не ги благословуваат масовните гозби со бадникарски огнови, каде што се присутни сечењето бадникарски гранчиња, пиењето ракија и вино. Велат дека Бадник треба да се помине со молитвено бдеење во храмовите.

Значењето на Божиќ

Во вторник православните верници го прославуваат Божиќ, еден од трите најголеми празници, кога, според христијанското верување, е роден Синот божји, Исус Христос. Божиќ е семеен празник и се одбележува во домовите и црквите. Луѓето на Божиќ се поздравуваат со „Христос се роди – Навистина се роди“.
Според стариот јулијански календар се раководи Македонската православна црква – Охридска архиепископија, заедно со најголемиот број православни верници во светот, како тие на Ерусалимската патријаршија, Српската, Руската, Грузиската црква, и на Света Гора се одбележува Христовото раѓање според јулијанскиот календар. Централната прослава за Божиќ, пак, традиционално ќе биде во Соборниот храм, а празнични литургии ќе се одржуваат и во сите храмови низ земјата.
Рождеството Христово или Божиќ меѓу народот е познат како најрадосниот празник, а наедно тоа е празник од кој следуваат сите други господови празници, како Богојавление, Преображение, Страдања, Крстовден, Воскресение и Вознесение. Според теолозите, на Божиќ се сеќаваме на Христовото раѓање. Го славиме Господа Исуса Христа.

Кога почнал да се слави Божиќ

Меѓу дванаесетте големи христијански празници Божиќ се празнува најсвечено. На овој ден се празнува раѓањето на Господ Исус Христос, второто лице од Светата Троица. Истражувачите велат дека во првите три века од појавата на христијанството, денот на Христовото раѓање не бил познат. Подоцна кога христијанската црква настојувала да се одбере датум за одбележување на Христовото раѓање се одлучила за денот што бил поврзан со празнувањето на денот на младото сонце, односно 25 декември по грегоријанскиот или 7 јануари по јулијанскиот календар. Се верува дека Божиќ можеби и порано се празнувал, а за најрано спомнување или востановување се смета кога папата Либериј во 354 година го празнувал во Рим. Според други истражувачи, Божиќ за првпат бил празнуван во Константинопол (денес Истанбул), каде што бил востановен од Св. Григориј Богослов.
За Божиќ е поврзана поговорката „пред Божиќ, зад Божиќ, кај да си, дома да си“, со симболика дека за време на големиот празник треба да се биде во кругот на фамилијата и тука да се слушне веста за раѓањето на Исус Христос. Според македонската православна традиција, на Божиќ се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин се приготвува богата трпеза, на која речиси е задолжително свинското месо.
Божиќ, според црковниот календар, се празнува три дена. Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик. Во некои македонски краеви на овие празници луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божиќ, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Свети Стефан. Од Божиќ почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сѐ до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Д.Т.З.