Фото: „Нова Македонија“

Историските корени на нихилизмот на грчката православна црква кон МПЦ-ОА во контекст на идентичните актуелни заложби на Цариградската патријаршија (2)

Цариградската (Вселенска) патријаршија на 16 јануари 1767 година успеа да издејствува од турскиот султан да издаде ираде, акт за укинување на древната Охридска архиепископија. Нудењето „вселенски томос за автокефалност“ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија со условување првин таа да се откаже од идентификациската придавка „македонска“, односно да прифати да се преименува во „Православна црква на Северна Македонија“, е директно продолжение и надоврзување на активностите на Цариградската патријаршија на тие активности од 18 век

Крсте Мисирков во „За македонцките работи“ ќе каже мисла што и денес има огромно и вонвременско значење: „Верата и јазикот, тоа сет душата на еден народ“. Во својата студија „Македонскиот конфликт. Етничкиот национализам во транснационалниот свет“ од 1996 година, светски познатиот антрополог Лоринг Денфорт, пишувајќи за создавањето на националните идентитети на Балканот, нагласува: „Еден од најважните чекори за градење на една нација на Балканот е востановувањето нејзина автокефална национална црква“.
Создавањето на современите балкански држави – нации од крајот на 19 век е поврзано со создавањето и на помесните автокефални цркви. Повеќе истражувачи на политичката и националната историја на балканските држави ги поврзуваат создавањето на современите нации – држави на Балканот и создавањето на нивните национални автокефални цркви, застапувајќи ја т.н. теорија за автокефалноста како функција на националниот идентитет.
– Автокефалната црква станува „основа на националната и политичката независност“, статусен симбол на новата „христијанска нација“ на Балканот – напиша протопрезвитерот Александар Шмеман во својот научен труд со наслов „Смислена бура – црква, свет, мисија“, објавен во 1979 година во Њујорк.
Шмеман, еден од водечките православни теолози во светот, бил поранешен професор по црковна историја и литургиска теологија на Универзитетот „Колумбија“ и Универзитетот во Њујорк, во САД. Тој не случајно укажал дека балканските држави предизвикуваат „смислена бура“ околу прашањата на автокефалноста на помесните национални држави во Балканот, односно поврзано и со автокефалноста на МПЦ-ОА, што го прават со години и сега Цариградската патријаршија и Бугарската црква, покрај другите.
Во ваков контекст и во ваква смисла, во својата докторска дисертација од 2005 година со наслов „Автокефалијата како функција на институционалната стабилност и на организациската промена во Источната ортодоксна црква“, д-р Чарлс Вегенер Сандерсон ја споменува и Македонија. „Во 19 век да се биде нација значело да се има сопствена црква, но и да се има право на сопствена држава. Спротивно на ова, за Македонците, како дел од оспорените народи, беше тврдено дека ‘немаат вистинска историја’ и оти зборуваат на ‘дијалектите’ на другите ‘историски’ народи. На Македонците им беше ускратено правото да имаат своја автокефална црква“.

Бесмислено е и контра продуктивно да се бара нечија „милост“

Заедничкото сослужување на бугарскиот патријарх Даниил и на цариградскиот грчки патријарх Вартоломеј на 27 декември 2025 година во Истанбул беше можеби одредено навестување дека тие и нивните црковни организации бездруго допрва ќе ги забревтуваат обидите за уништување на црковно-народниот и духовен идентитет на македонскиот народ преку обезименувањето и на тој начин разнебитувањето на Македонската православна црква како легитимна наследничка и продолжителка на традициите на Охридската автокефална архиепископија и архиепископијата Јустинијана прима. Затоа, се наметнува прашањето: што да се прави натаму?
На Македонската православна црква – Охридска архиепископија не ѝ е потребен „томос за автокефалност“ од Цариградската патријаршија, која не ја прифаќаат баш сите помесни цркви како „Вселенска патријаршија“. Бесмислено е и контрапродуктивно да се бара нечија „милост“, некој да ѝ биде „мајка“ или „татко“ на МПЦ, кој било да ѝ дава автокефалност, која МПЦ ја има сама по себе со наследувањето и продолжувањето на реално незгаснатата Охридска архиепископија.
Македонскиот народ веќе ѝ даде самиот тој најавтентичен можен томос за автокефалност на својата црква на Македонскиот црковно-народен собир, одржан на 4 и 5 март 1945 година во Скопје. Тој црковно-народен собир следуваше веднаш по ослободувањето како одраз на сенародните стремежи и долгото чекање цели 178 години да се возобнови духовната и идентитетска закрилничка и заштитничка на македонскиот народ, откако во 1767 година цариградскиот патријарх Самоил издејствувал турскиот султан да ја укине Охридската архиепископија.
На овој исклучително значаен црковно-народен собир, кој претставуваше највисок чин на одразување на волјата на македонскиот народ во верско-духовната сфера, беше донесена резолуција, која, покрај другото, ги содржи и следниве две клучни точки: „1. Да се обнови Охридската архиепископија, како Македонска православна црква, која нема да биде потчинета на која и да било помесна национална православна црква“ и „2. Да има свои народни епископи и народно свештенство, за да се запазат карактерните особености на македонскиот народ и тој да биде поблизок до својата родна Црква“.
Оваа резолуција е тој томос што народот веќе ѝ го даде на Македонската православна црква да биде автокефална. Овој вистински томос беше официјализиран на 18 јули 1967 година на следниот Македонски црковно-народен собор, одржан не случајно во Охрид, кога Светиот синод на Македонската православна црква (МПЦ) донел одлука за прогласување автокефалност на МПЦ како наследничка на обновената Охридска архиепископија. „Трчањата“ низ Балканот да се бараат „томоси за автокефалност“ де од овој, де од оној, барањето оваа или онаа црква да ѝ биде „црква мајка“ на МПЦ-ОА може да се сфатат единствено како „сигнал“ дека МПЦ-ОА и Македонците се „сираци“ во овој регион, без свои историски темели и традиции, па, ете, сега оти ќе требало некој „црковно – мајчински да ги згрижува“.

Свето Тоевски

(продолжува в понеделник: МПЦ-ОА мора да остане надвор од геополитичките и црковно-хегемонистичките судири)