Спортскиот фестивал „Илинден“ е автентичен спортско-туристички настан. Својата автентичност од една страна ја црпи од самата локација на одржувањето, тоа е реката Црн Дрим во централното градско подрачје, а од друга страна од природата на спортските дисциплини, кои се вкрстуваат заедно дента: ватерполо, пливање, кајак, веслање, трки со суп-штици и, се разбира, најпосебната за градот – скокот во реката Дрим, наречен такла. Стружаните, а и сите граѓани од државава се идентификуваат со фестивалот, па комплементарни активности ќе го придружуваат годинава: музички колаж, ликовен натпревар за деца и, се разбира, не би бил докрај автентичен ако не бидат приложени ракотворбите на дел од струшките креативци…

Струга ќе блесне со спортскиот фестивал „Илинден 2024“

Во чест на големиот празник Илинден, во Струга, на 2 август ќе одржи традиционалниот спортски фестивал „Илинден 2024“. Во рамките на своите психофизички предиспозиции и способности, силите ќе ги одмерат 200 натпреварувачи. Во 11 часот се отвораат вратите на фестивалот и редоследно се надоврзуваат ватерполо-турнир во соработка со Ватерполо-федерацијата на Македонија, пливачките трки, кајак-регатата, трките со суп-штици и за крај, на радост на сите македонски граѓани, а и гости, е натпреварувањето во т.н. такла, односно скокови од мост во реката Дрим, при што поентата е истиснување на што поголемо количество вода, во вид на капки во околната средина.
– Спортскиот фестивал „Илинден“ е автентичен спортско-туристички настан. Својата автентичност од една страна ја црпи од самата локација на одржување, тоа е реката Црн Дрим во централното градско подрачје, а од друга страна од природата на спортските дисциплини, кои се вкрстуваат заедно дента: ватерполо, пливање, кајак, веслање, трки со суп-штици и, се разбира, најпосебната за градот – скокот такла – вели проф. д-р Лиза Пантековска, членка на организацискиот одбор.
Ако за совладување на моторичките задачи што ги дефинираат првите треба определена возраст и време, за стружани таклата (скок во реката Дрим од мостовите н.з.) е моторичка задача што се совладува паралелно со проодувањето. Во својата основа спортскиот фестивал „Илинден“ се темели дека спортот е за сите, што значи дека натпреварувачката структура на учесниците ја сочинуваат вљубеници во спортот, полнолетни рекреативци, посочи Пантековска.
Спортско-рекреативниот клуб Соларис, кој се јавува како непосреден организатор на настанот, го востанови фестивалот пред три години, точно на Илинден, како форма на чествување на празникот, симболично афирмирајќи го спортот и потенцирајќи ја неговата улога во општествениот развој преку неговата вредност за градење на целовитоста на една личност од секој аспект, биолошки, социолошки и психолошки. Меѓутоа, овој настан дополнително праќа пораки, кои во основа секое спортско случување како функција треба да ги има: образовна, социокултурна, економско-туристичка и еколошка.
– Со задоволство констатираме дека стружани се идентификуваат со фестивалот, па комплементарни активности ќе го придружуваат годинава: музички колаж, ликовен натпревар за деца и, се разбира, не би бил докрај автентичен ако не бидат приложени ракотворбите на дел од струшките креативци.
Организацијата на едно случување практично е невозможно без покровители. Во таа насока им изразуваме благодарност на „Алкалоид“, „Пекабеско“, „Евроинс осигурување“, „Рехау“, БРАКО, „Скопска пивара“, „Фондација Фиданка“, „ДИНГ инжинеринг“, „Струшки градител“ и се разбира Вам како национален медиумски покровител. Сите вие заедно овозможивте фестивалот непречено да трае. Не би сакала да ги изоставам во овој контекст и помагателите во името на локалните компании, како и поддржувачите што се погрижија некои организациски аспекти на фестивалот да станат реалност – вели проф. д-р Лиза Пантековска. Д.Ст.


Да бидеш вистински стружанец значи да знаеш да скокаш такла

Еден од главните критериуми да се биде вистински стружанец е да се знае да се скока такла. Тоа е оној скок во вода што ќе го забележите секогаш кога ќе поминувате покрај Црн Дрим од доцната пролет до раната есен, со кој младите и стари стружани ги прскаат туристите и намерниците по се движат по кејовите или мостовите. Ако ги прашате стружаните, таклата е третиот моторички чин по важност по одењето и пливањето, па така, ќе забележите како ја скокаат мали дечиња што сѐ уште не ги развиле другите животни вештини од гореспоменатите. За потеклото на таклата и нејзината појава не се знае баш многу, се знае само дека стотина години се предава од колено на колено во две различни технички варијанти. Иако е неофицијална и ненатпреварувачка акробатска целина, таа има јасно утврдени правила на изведба. Постои „токмуноџечка“ такла, која се изведува со прави нозе, и „скрсноџечка“ такла каде што нозете се свиени во колената и вкрстени една кон друга со потколениците.
Таклата е типичен струшки бренд што се појавил и се развил на кејот на Црн Дрим. Името такла веројатно има провениенција од отоманско време бидејќи самиот збор на старотурски јазик означувал акробатски скок. Како и да е, постарите жители на градот се присетуваат дека скокот добива посебна атрактивност со уредувањето на коритото на реката и градењето на неколкуте моста во сега веќе далечните шеесетти години на минатиот век.
Од биомеханички аспект, таклата претставува сложен моторички чин, кој како и секој друг скок има три фази. Започнува со едно спуштање, кое дозволува телото да падне во водата што поблиску до неговата појдовна позиција. Оние поискусните го прават тоа со силно отскокнување без притоа телото да има хоризонтална проекција нанапред, туку вертикална нагоре за падот да се изведе што поблиску до платформата од која се изведува скокот. Наредната фаза, летот (или паѓањето), се изведува на тој начин што телото е оставено да пропаѓа во вертикална положба обезбедувајќи ја на тој начин оптималната позиција за завршната фаза, а тоа е слетувањето во водата, која наедно е и најважната фаза на скокот. Слетување започнува во моментот кога карлицата на скокачот се приближува до површината на водата, момент кога со трупот се прави силна постериорна проекција, легнување, кое при завршувањето на скокот треба да се израмни во хоризонтална линија во позицијата на карлицата и нозете. Така, водата што се наоѓа меѓу задникот и грбот на скокачот бидува силно потисната и исфрлена нагоре кон брегот. Секако, во согласност со физичките закони успешноста на таклата е зависна од масата на скокачот, но уште повеќе од точното погодување на моментот кога телото треба да биде зафрлено наназад.