Од редакциски агол

  • Нуклеарната технологија е врв на човечкото знаење. Таа е доказ за интелектуална зрелост, научна дисциплина и инженерска моќ. Но кога таа моќ се претвора во средство за уништување, тоа не е триумф на цивилизацијата – туку нејзин морален пораз

Во времиња на страв, политиката често посегнува по најгласниот симбол на моќта – оружјето. Денес, во сенката на новите геополитички тензии, Европа повторно расправа за проширување на нуклеарните арсенали. Извештаи како оној од Минхенската безбедносна конференција сериозно ја отвораат дилемата за иднината на нуклеарното одвраќање. Но ретко кој поставува едно поедноставно, подлабоко прашање: Дали човештвото навистина напредува ако најголемиот научен пробив на 20 век го мери во мегатони?
Нуклеарната технологија е врв на човечкото знаење. Таа е доказ за интелектуална зрелост, научна дисциплина и инженерска моќ. Но кога таа моќ се претвора во средство за уништување, тоа не е триумф на цивилизацијата – туку нејзин морален пораз.

Милитаризацијата како политичка инерција

За европските политички либерални елити е прифатлива логиката дека безбедноста се гарантира со поголем арсенал. Францускиот претседател Емануел Макрон отворено зборува за проширување на нуклеарната соработка. Други држави со неолиберални лидерства се залагаат за зајакнување на воениот „европски чадор“. Сето тоа се претставува како „рационална реакција на нестабилниот свет“!?
Но рационално ли е милијарди евра да се вложуваат во системи чија единствена функција е потенцијално уништување? Дали навистина веруваме дека стабилноста се гради со способност за апокалипса?
Милитаризацијата често се оправдува како „одвраќање“. Но одвраќањето не создава нови фабрики, не отвора работни места, не ја намалува цената на струјата и не ја зголемува конкурентноста на европската индустрија. Тоа е трошок што не произведува вредност – туку само одржува страв.

Алтернативата постои и се вика развој

Истата нуклеарна технологија може да биде столб на нова индустриска ренесанса. Наместо нови боеви глави, Европа може да гради нови реактори со најнапредни технологии. Наместо трка во вооружување, да се трка во иновации. Наместо стратегија на закана, да фаќа курс кон стратегија на продуктивност.
Нуклеарната енергија овозможува стабилна, нискојаглеродна и долгорочно предвидлива електрична енергија. Со неа може да се електрифицира тешката индустрија, да се поттикне дигиталната економија, да се обезбеди конкурентност на производството и да се создадат услови за вистински економски раст.
Замислете Европа што милијардите за модернизација на воени арсенали ги вложува во нови енергетски капацитети, во научноистражувачки центри, индустриски зони, технолошки стартапи, инфраструктура, здравство и образование…
Е, тоа би било вистинско одвраќање, и тоа одвраќање од сиромаштија, од зависност и од стагнација.

Цивилизациски избор

Нуклеарното оружје е симбол на најдлабоката недоверба меѓу државите. Нуклеарната енергија, пак, сосема обратно, може да биде симбол на доверба во сопствениот развој. Разликата не е техничка, туку морална и политичка.
Европа денес стои пред цивилизациски избор: Дали ќе инвестира во потенцијал за уништување или во потенцијал за создавање? Историјата покажала дека континентот напредувал кога вложувал во економија, интеграција и иновации – не кога се вооружувал.
Атомот може да биде закана. Но може да биде и светлина во домовите, енергија во фабриките и двигател на просперитет.
Прашањето е едноставно: Дали ќе го користиме за живот или ќе продолжиме да го чуваме за смртни закани? Р.Н.М.