ПО ФРЛЕНАТА РАКАВИЦА НА МИЦОТАКИС НА МАРГИНИТЕ НА САМИТОТ НА НАТО ВО ВАШИНГТОН
Оружјата на Грција се познати, ги искуси Турција, ги почувствува и Македонија, сега и Албанија, таа сака вечно да нѐ чува нас во чекалницата на ЕУ (заедно со Бугарија), затоа договорот со Орбан се гледа како контраодговор на тие стратегии и како најава за сериозна дипломатска војна
Мицотакис не престанува да ги покажува мускулите во Атина, а неодамна бевме сведоци дека тој и од Вашингтон, во присуство на грчки новинари, му се закани на македонскиот колега Христијан Мицкоски дека „ако продолжи да ја прекршува спогодбата од Преспа, нека му ја мисли – ќе употреби тајни оружја!“
Замислете во дијалог меѓу Кина и САД некој да рече ќе употребиме тајно оружје?! Или српскиот претседател така да му се обрати на хрватскиот колега – ќе ви употребиме тајни оружја! Но од Атина продолжуваат да стигнуваат само закани и конкретно бараат македонските политичари секаде и во секоја пригода да ја користат придавката „северна“ пред Македонија. Од ова е јасно дека „некој си ја има мувата на капата“, како и тоа дека Преспанскиот договор на многу места е нејасен и тешко применлив, особено е проблематичен – со придавките.
ГРЧКА ТАКТИКА: АТИНА НИКОГАШ НЕ Е ВИНОВНА
„Договорите мора да се почитуваат, ова го истакнав на пленарка во НАТО. Верувам дека сите наши сојузници го разбираат тоа. Сакаме Северна Македонија да преземе чекори кон европска интеграција, но тоа значи почитување на меѓународното право и на договорите што државата, очигледно, ги има потпишано…“.
Мицотакис само додаде дека „во овој момент нема да открие кои оружја ги има на располагање“ за да одговори на тактиката на раководството во соседството. Тоа значи дека Мицотакис отворено ја фрли ракавицата кон Скопје и практично тоа е повик до Мицкоски дека е време да влезе во вежбалница (дипломатски да се набилда) и да се подготви за нова од битките на сите нивоа што ни ги иницира Грција. Дали и како Мицкоски ќе го подготви својот тим засега не се знае апсолутно ништо, а и тешко е да се анализира оти владата само што е формирана. Особено голем проблем на новата влада е што претходната отишла предалеку во примената на договорите со Грција и со Бугарија, па сега сѐ што е спротивно на нивните очекувања се дочекува со хистерија.
Дел од грчката тактика е што таа воопшто не признава своја вина во непочитувањето и неспроведувањето на договорот од Преспа, како што се неусвојувањето на трите меморандуми и низа други прашања „од внатрешна природа“, како што е прашањето со положбата и статусот на македонското малцинство, но и раната што никогаш не заздраве – прогонот на македонските деца за време на Граѓанската војна во Грција. Дека станува збор за веќе дефинирана грчка тактика потврдува и изјавата на министерот за надворешни работи Гиоргос Герапетритис кој вели дека македонскиот државен врв „систематски го нарушува јадрото на Преспанскиот договор“. Притоа тој својата земја ја претставува како „столб на стабилноста во поширокиот регион на источниот Медитеран“.
АНТИМАКЕДОНСКИ БАГАЖ ОСТАВЕН ОД ПРЕТХОДНАТА ВЛАДА
Со еден тежок и во суштина антимакедонски багаж оставен од претходната влада, премиерот Мицкоски со дел од својот кабинет замина на самитот во Вашингтон, од каде што испрати порака дека долго време регионот и Македонија беа заложници на минатото и оти треба да се фокусираме на иднината, да бидеме добри соседи. Но притоа тој кажа нешто што одамна се нема чуено од македонски политичар: „Партнерството и добрососедството претставуваат двонасочна улица. Помина времето на свиткани кичми, помина времето на корумпирани политичари што доаѓаат од Македонија и кои се подготвени да направат буквално сѐ за да ги заштитат својата корупција и криминал. Да потпишат сѐ, да го прифатат секое понижување што ќе им биде понудено на маса. Тоа време е веќе минато“.
Ако зборуваме за понижување, но и далеку над тоа, всушност Македонија е ставена во анихилистичка центрифуга, тогаш јасно е дека изворот на тоа е во договорите со Грција и со Бугарија, потоа Тиранската платформа како документ што не дава надеж за внатрешни меѓуетнички искрени односи, како и преговарачката рамка со ЕУ, каде што владата на Заев давала „сѐ и сешто, без никаков реципроцитет“. Првите потези на претседателката Силјановска-Давкова, на премиерот Мицкоски (а наскоро и на спикерот Африм Гаши, за трилингот највисоки државни раководители да биде комплетен, а и во полн капацитет да се застане зад одбрана на името Македонија) кажуваат дека тие не се подготвени „северна“ да ја стават во дневна употреба ерга омнес секаде и на секое место, па и во домашен тоалет. И тоа е во моментов единствениот грев за кој Грција ќе употреби тајни оружја. Кои би можеле да бидат тие? Од искуство знаеме дека едно од најмоќните е нивното право на вето. Тоа не може да им помине во НАТО, зашто таму и ние, ако мали, сепак сме сојузници, а тоа значи „еден за сите, сите за еден“. Но ветото е веќе ставено од Бугарија и нема потреба Мицотакис да го вади тој ас од ракавот.
АРСЕНАЛ ОД СУПТИЛЕН ПРИТИСОК ДО БЛОКАДИ
Грција има цел арсенал оружја во ЕУ што ѝ стојат на располагање, како што е на пример блокада на средствата наменети од првата транша за Македонија од новиот механизам Пат за развој. Тоа се некаде околу 75 милиони евра. Овој механизам е поврзан со реформските агенди на шесте земји од Западен Балкан, а не се политички услови. Но, сѐ е можно. Потоа Атина може да стави блокади и сопки и за ИПА-фондовите. На располагање ѝ стои како „суверено право“ да го отежне преминот на нејзината граница, па дури да воведе и привремен визен режим за граѓаните на Македонија од на пример шест месеци, велат познавачи на проблематиката. Сепак нашите соговорници не очекуваат во моментов Атина да отиде на тоа ниво на употреба на оружјата, туку ќе се задржи на суптилниот притисок. А, токму за тој суптилен притисок се посочува примерот со Турција каде што Грција успева со децении да ги блокира турските аспирации за членство во Унијата. Турција крена раце од тој пат. Атина сега ја блокира Албанија и, исто како и во примерот со Турција, причина се наводно правата на грчкото малцинство во таа земја.
Од ова е јасно дека речиси сѐ сме виделе и сме искусиле од грчките тајни оружја. Дел од тоа сега искусува Албанија и практично сите земји во регионот се во некоја мрачна позиција, која личи на покажување апетити од времето на Балканските војни. Новото најавено стратегиско партнерство меѓу Орбан и Мицкоски, во еден регионален и поширок геополитички контекст, е новиот момент, при што Македонија се покажува како фактор. А кога е тоа така, тогаш без разлика што Атина и Софија се закануваат, сепак, ќе мора да се слуша и зборот на Македонија. Оти партнерството меѓу Македонија и Унгарија (дел од австроунгарскиот комплекс) ќе создаде и нови пријателства, нови сојузници и нови коалиции што ќе ја оснажат позицијата на Македонија. Тоа треба да биде силниот ветер во едрата ако се земе предвид дека Грција и Бугарија можат со децении да нѐ остават во чекалницата на ЕУ (како што е случајот со Турција) барајќи преку леб погача и да ставаат блокади и вета за сѐ и сешто.
Македонија има свои адути
Што ѝ стои на располагање на Македонија?
Постојат многу оружја, но треба да се знае која е крајната цел и за што сме подготвени да ја плаќаме цената. Меѓународното право е нашиот носечки столб. Натаму, правото на реципроцитет е оружје што го има секоја земја. Може да биде употребено во најостра форма по востановената практика во меѓународната заедница.
На пример најавениот договор со Унгарија за заем од половина милијарда евра не без причина предизвикува бура во регионот. Се јавија и домашните критичари, кои тврдат дека се против тоа „Орбан да ни биде некој вид господар“.
А, од друга страна, што е Грција денес во Македонија, ако не класичен „господар“? Имено, со перманентниот влез на грчки сериозен волумен на финансиски средства (од осамостојувањето) со кои Грците наместо пазарно да менаџираат, направија беспрекорна алатка за политички манипулации во Македонија, по теркот на Атина.
Секако, ова е сериозно прашање за анализа од МАНУ па до последниот политички лидер и сериозни невладини организации. Х.И.
Македонија спакувана како „слепо (инфраструктурно) црево“?!
Дали новата влада со гореспоменатиот колосален економско-финансиски потег со Унгарија удира во (бизнис) интересите и плановите и на оската од Истокот поставена меѓу Грција, Бугарија и Романија за развој на инфраструктурата, проекти што во одреден момент можат да ја стават Македонија во транспортен санитарен коридор (т.н. слепо инфраструктурно црево). Ако се земе предвид дека земјава е во подредена положба кон Грција и за гасоводната поврзаност, јасно е кои се тајните оружја со кои се фали Атина. Познавачите велат дека Грција може да предизвика и застој на железничкиот сообраќај, а ако се земе предвид дека Македонија нема излез на море, јасно е дека сериозно ќе биде погоден железничкиот транспорт, а со тоа и еден цел сегмент на проток на стоки на пазарите надвор од државава. Х.И.