Фото: ЕПА

И Москва го вперува прстот кон Лондон како уште една епизода во глобалната игра на империјалното британско влијание

  • Руските власти директно го посочија Обединетото Кралство како дел од мрежата што, според нив, стои зад нападот врз генерал-полковникот Владимир Алексеев, висок офицер на руската воена разузнавачка служба ГРУ

Обвинувањата што пристигнуваат од Москва дека Велика Британија стои зад обидот за атентат врз висок руски генерал отвораат прашање што одамна ја надминува руско-украинската војна. Дали Лондон и натаму игра активна невидлива улога во обликувањето на глобалните конфликти?
Руските власти директно го посочија Обединетото Кралство како дел од мрежата што, според нив, стои зад нападот врз генерал-полковникот Владимир Алексеев, висок офицер на руската воена разузнавачка служба ГРУ.

Долгата рака на Лондон

Алексеев беше застрелан на 6 февруари во влезот на својата станбена зграда на Волоколамскиот пат во Москва. Преживеа по итна операција и хоспитализација. Директорот на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), Александар Бортников, изјави дека зад нападот стои украинската служба СБУ, но додаде дека „зад нив стојат трети земји“, при што „пред сè се гледа британска врска“. Бортников не понуди јавни докази што би ги поткрепиле тврдењата, но нагласи дека истрагата е во тек и дека доколку се појават дополнителни информации, тие ќе бидат објавени.

Шема на индиректна војна?

ФСБ тврди дека двајца осомничени – Љубомир Корба и Виктор Васин – признале вмешаност, наведувајќи дека нападот бил нарачан од украинската СБУ. Според руската верзија, Корба бил регрутиран, обучен во Киев и испратен во Русија преку трети земји, со ветена исплата од 30.000 долари. Дополнително, руските служби алудираат на вмешаност на полски разузнавачки структури во регрутацијата, како и на логистичка помош од лица поврзани со руската опозиција. Москва претходно основано го осомничи Лондон и за наводна улога во операција насочена против руската стратешка авијација. Според некои аналитичари, „и тогаш, а и сега, Москва сѐ уште апстинира од јавно презентирани материјални докази, чекајќи некоја друга шанса или соработка со друга голема сила што исто така трпи длабоки штети од британскиот империјализам и хегемонизам… Можеби овој пат тоа ќе бидат САД, под раководството на Трамп“, велат тие.

Невидливата рака и доктрината на империјата

Ако овие обвинувања се разгледаат во поширок геополитички контекст, тие се вклопуваат во наративот што сè почесто се појавува и во американскиот политички дискурс – дека постои траен империјален центар на влијание, историски поврзан со Лондон, кој дејствува преку разузнавачки, финансиски и политички канали. Во претходниот текст ја анализиравме тезата дека „британскиот либерален систем“ изграден околу идеологијата на слободна трговија и финансиска доминација не е само економска парадигма туку и инструмент на глобална моќ. Историски, империјалните центри не се одржувале исклучиво преку пазари и договори. Од колонијалните операции на Британската источноиндиска компанија до современите разузнавачки координации, методите варирале – од економски притисок до тајни операции. Денес, според овој критички агол, „невидливата рака“ не дејствува само преку финансиски институции туку и преку безбедносни партнерства, специјални операции и асиметрични дејства.

Од Москва до Вашингтон – истата сенка?

Интересно е што и во САД сè почесто се појавуваат тврдења за надворешно влијание врз внатрешните процеси – од судски одлуки до економски политики. Кога американскиот претседател говори за „странски интереси“ што влијаат врз институциите, а Москва зборува за „британска врска“ зад атентат, се создава паралелна линија на сомнеж насочена кон ист геополитички центар. Дали станува збор за координирана стратегија на Лондон за задржување на глобалната рамнотежа во своја корист? Сепак, во овој момент, важно е да се нагласи дека руските обвинувања засега не се поткрепени со јавно објавени докази што би ја потврдиле директната вмешаност на Велика Британија. Лондон официјално негира слични тврдења во претходни случаи. Но самото појавување на овие обвинувања ја покажува длабочината на недовербата и перцепцијата дека глобалната борба не се води само на фронтот туку и во сенка.
– Во 21 век империите ретко маршираат со воени униформи. Тие дејствуваат преку мрежи – финансиски, дипломатски, разузнавачки. Според сѐ повеќе американски аналитичари, тезата за „невидливата рака од Лондон“ има основа, имено станува збор за модел на моќ што не се повлекува лесно и што користи разновидни алатки – од економска доктрина (либерално-хегемонистичка) до тајни специјални операции. Во свет каде што сенките стануваат еднакво важни како и официјалните изјави, вистинската битка можеби не се води на насловните страници – туку зад нив – велат наши соговорници на оваа тема. Р.С.


Уште едно сериозно обвинение за милитантно-империјалистички мотиви

Велика Британија и Франција планирале да ѝ дадат нуклеарно оружје на Украина?!

Прес-центарот на Службата за надворешно разузнавање на Русија (СВР) соопшти дека Велика Британија и Франција наводно разгледуваат можност за пренос на нуклеарно оружје или компоненти за негово производство на Украина, со цел да се зајакне нејзината позиција во воениот конфликт со Русија. Според тврдењата на руската служба, Лондон и Париз се подготвувале да го „вооружат Киев со нуклеарна бомба“, бидејќи, како што се наведува, западните елити не биле подготвени да го прифатат поразот на Украина на бојното поле. Во соопштението се посочува дека украинските власти би можеле да добијат „поповолни услови за крај на непријателствата“ доколку располагаат со атомско или таканаречено „валкано“ оружје.
СВР дополнително тврди дека Германија „разумно одбила“ да учествува во ваква операција. Според руските разузнавачки извори, овие земји биле свесни за тешката ситуација на теренот и проценувале дека „победа над Русија преку украинските вооружени сили не е можна“, поради што разгледувале алтернативни сценарија. Како една од опциите што наводно се разгледувале, во извештајот се споменува француската компактна боева глава „ТН75“, дел од балистичката ракета „М51.1“ за подморници. Планот, како што тврди СВР, предвидувал евентуалниот трансфер на европски компоненти, опрема и технологии да се прикаже како домашен украински развој, со цел да се избегнат обвинувања за кршење на меѓународното право. Во заклучокот од соопштението се наведува дека ваквите, како што се оценуваат, „исклучително опасни планови“ претставуваат губење на чувството за реалност во политичките кругови на Лондон и Париз. Од СВР додаваат дека во воените, политичките и дипломатските структури на двете земји има и „разумни луѓе“, кои ја разбираат глобалната опасност од вакви чекори. Засега нема официјална реакција од властите во Велика Британија, Франција или Украина во врска со овие наводи. Р.С.