Наодите на богатото археолошко откритие од селото Корошишта им припаѓаат на Античките Македонци
- Во гроб во струшко Корошишта се пронајдени осумдесет наоди, а меѓу нив има бронзен шлем, златни прстени, килибарни и стаклени перли, златни фолии со различни форми и декорација, сребрени игли, бронзен сад за вино, сребрен кантарос, бронзени чинии итн. Според нашите соговорници, кои се добро запознаени со оваа проблематика, станува збор за нов локалитет, досега непознат во историската наука и археологија, но особено важен за дополнително запознавање со минатото од просторите на Македонија. Доколку се земат предвид артефактите што се пронајдени во богатиот гроб од селото Корошишта, но и начинот на закопување и материјалната култура во целина, новиот локалитет е неразделно поврзан со т.н. кнежевски гробници, каде што се откриени златни погребни маски, златни сандали, белезици, златен и сребрен накит, масивни бронзени кратери, сребрени пехари и ритони, бронзени шлемови итн., велат нашите соговорници
- Во минатото во научните кругови се водеа спорови за потеклото на т.н. кнежевски гробници, но повеќе нови истражувања, особено она на проф. д-р Наде Проева, потврдуваат дека станува збор за гробни наоди што му припаѓале на античкото македонско племе Енгелани (Енхелејци). Енгеланите го населувале Охридско-Струшкиот Регион и ги основале градовите Лихнид (Охрид) и Енхалон (Струга), но се составен дел од поголемата македонска група на племиња што се познати под заедничкото име Дасарети. Во историските извори се наведува дека Дасарети живееле на север од Епир, односно од реките Апсос и Еордеик. Наде Проева со своите истражувања ја докажа поврзаноста на Енгеланите со Бригите (стар балкански народ што ја населувал цела Македонија), како и нивното учество во формирањето на етногенезата на Античките Македонци
Богатото археолошко откритие во струшкото село Корошишта, гробот за кој се верува дека е од шестиот век пред нашата ера, е уште една потврда за богатото културно наследство на Македонија. Според досегашните информации, во гробот се пронајдени осумдесет наоди, а меѓу нив има бронзен шлем, златни прстени, килибарни и стаклени перли, златни фолии со различни форми и декорација, сребрени игли, бронзен сад за вино, сребрен кантарос, бронзени чинии итн. Според нашите соговорници, кои се добро запознаени со оваа проблематика, станува збор за нов локалитет, досега непознат во историската наука и археологија, но особено важен за дополнително запознавање со минатото од просторите на Македонија. Доколку се земат предвид артефактите што се пронајдени во богатиот гроб од селото Корошишта, но и начинот на закопување и материјалната култура во целина, новиот локалитет е неразделно поврзан со т.н. кнежевски гробници, каде што се откриени златни погребни маски, златни сандали, белезици, златен и сребрен накит, масивни бронзени кратери, сребрени пехари и ритони, бронзени шлемови итн., велат нашите соговорници.
Енгеланите и кнежевските гробници
Во минатото во научните кругови се водеа спорови за потеклото на т.н. кнежевски гробници, но повеќе нови истражувања, особено она на проф. д-р Наде Проева, која неодамна почина, потврдуваат дека станува збор за гробни наоди што му припаѓале на античкото македонско племе Енгелани (Енхелејци). Енгеланите го населувале Охридско-Струшкиот Регион и ги основале градовите Лихнид (Охрид) и Енхалон (Струга), но се составен дел од поголемата македонска група на племиња што се познати под заедничкото име Дасарети. Во историските извори се наведува дека Дасарети живееле на север од Епир, односно од реките Апсос и Еордеик. Наде Проева со своите истражувања ја докажа поврзаноста на Енгеланите со Бригите (стар балкански народ што ја населувал цела Македонија), како и нивното учество во формирањето на етногенезата на Античките Македонци.
Според професор д-р Наде Проева, македонските Енхелејци, за разлика од беотските, во најстарите извори се споменуваат околу Охридско Езеро и не се Илири, тие се дадени одделно од Илирите или се во војна со Илирите. Во однос на кнежевските гробници, Проева вели дека аналогно на Линкестите, Пајонци и др., многу е веројатно дека имале локална династија, за што сведочи некрополата во селото Требениште.
Потврда дека станува збор за македонско племе се гробовите во селото Требениште, кои имаат директни аналогии во некрополата во Синдос кај Солун, како и гробот што беше пронајден од археологот Паско Кузман во 2002 година. Според Наде Проева, некрополата во Синдос не може да биде грчка, бидејќи маските не се карактеристични за Грците, а уште помалку се илирски. Македонски гробници не се пронајдени ниту во области што со векови биле под власт на македонските династии, па очигледно станува збор за обичај што бил поврзан со Македонија во потесна смисла на зборот, според Наде Проева.
– Со оглед на тоа што на овие простори во наративните извори се посведочени Енхелејците, чие име било потиснато од Дасаретите, би било поправилно да се поврзе со Енхелејците. Разликата во материјалната култура е конзистентна со ономастиката: најголем дел од илирските од јужноилирските простори нема во северноилирската област. Конечно, треба да се спомене и изјавата на Плиниј дека Дасаретија се протегала на север од Епир до дивите варвари на Дарданците – што е во согласност со Страбоновото искажување – посочува проф. д-р Наде Проева во нејзините истражувања за оваа тематика.
Розетата од Корошишта е уште една потврда за распространетоста на сончевиот култ кај Македонците
Според нашите соговорници, дека станува збор за античко македонско племе и одделна култура што е поврзана со другите антички македонски племиња потврдува и новиот богат гроб во струшкото село Корошишта. Имено, меѓу наодите се забележува и сонцето како симбол. Тоа не треба да изненадува бидејќи култот кон Сонцето бил најважен и најраширен култ кај Античките Македонците. Овој култ во хеленското толкување одговарал на култот на Хелиј, а не на Аполон.
Најстариот податок за овој култ кај Античките Македонците се сретнува кај Херодот, а Максим од Тир запишал дека кај пајонските племиња бил раширен култот кон Сонцето, велејќи дека „Пајонците го слават Хелиј носејќи лик на пајонскиот Хелиј во вид на мал диск ставен на долга мотка“.
Истражувањата покажаа дека кај Античките Македонците сончевата розета е еден од најчестите симболи. Оваа розета се сретнува на македонскиот штит, а ја има на многу други предмети, како што се накитот и оружјето, нешто што се потврди од новите наоди во селото Корошишта. Најран приказ на сончева розета е прикажан на една бронзена дијадема од деветти век пред нашата ера во некрополата во Кутлеш. Сончевата розета ја има и кај пајонските племиња на нивните монети од шестиот век пред нашата ера, а розетата е прикажана и на саркофагот на Филип Втори Македонски.
Шематизирани прикази на розета се среќаваат на македонските штитови, честопати придружувани со ѕвезди или полумесечина, како и на надгробните споменици од римско време, најчесто по средниот тек на реката Вардар, во некогашната Пајонија. Д.Ст.
Наде Проева – еден од најистакнатите познавачи на Античка Македонија
На 75-годишна возраст во четвртокот почина Наде Проева, историчарка, универзитетска професорка од Институтот по историја на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, експертка по античка историја. Професорката Проева важеше за бескомпромисно принципиелен научник, секогаш на страната на историската вистина и на историската правда. Нејзините студенти ја паметат како професорка што целосно одговора на описот „строг, но правичен учител“. Нејзината книга „Историја на Аргеадите“ (2004) е прв учебник за историјата за Античките Македонци и прв напишан учебник за студентите на Катедрата за историја.
Нејзина особена професионална специјалност беа Историјата на стариот век, и Историјата на Античките Македонци, предмети што до пензионирањето им ги предавала на студентите по историја. Наде Проева е родена на 9 септември 1949 година во Ресен, каде што завршува средно образование – гимназија. Дипломирала на античка археологија во 1973 година на Филозофскиот факултет во Белград, на темата „Четири необјавени доцноантички некрополи од околината на Прилеп“.
На Филозофскиот факултет во Белград, во 1978 година ја брани магистерската тема „Типологија на надгробните споменици во југословенскиот дел во римската провинција Македонија“, а во декември 1992 година на групата за историја ја брани и докторската теза „Влијание на доселениците на развојот на културните прилики во римската провинција Македонија“.
Од 1979 до 1981 била на специјализација во Париз, на универзитетот „Сорбона“, каде што се стекнала со диплома за продлабочени студии од областите епиграфика, нумизматика и религија. Повеќепати била на студиски престои во странство: Полска (1977), Француска археолошка школа во Грција (од 1992 речиси секоја година), Француски институт во Истанбул (1993), Австриска академија на науките (1998), универзитетите во Нанси и во Нантер-Париз X и др.
Учествувала на меѓународни научни собири во Франција, Канада, Србија Бугарија, Хрватска, Естонија, Русија, Романија, Италија, Полска, држела предавања во Хрватска, Словенија, Франција, Холандија. Исто така учествувала во ископувањата антички и средновековни локалитети во Македонија, Србија, Полска и Грција; во проекти на Археолошки институт во Белград, на МАНУ, на САНУ и на Берлинската академија на науките. Како визитинг професор има одржано предавања на универзитетите во Франција (Нанси, Нантер-Париз X), како и низа јавни предавања за разни прашања за Античките Македонци.
Професорката Наде Проева до последните денови од својот живот беше ангажирана преку свои критички текстови и публикации за праведно решение за, како што велеше, „неправдите што современата политика им ги нанесува на Македонија, Македонците и македонскиот национален идентитет“. Д.Ст.
Некрополата Требеништа
Некрополата Требеништа се наоѓа југозападно од селото Горенци и еден и пол километар јужно од селото Требеништа. Во текот на Првата светска војна бугарската армија случајно откри неколку гроба, по што следуваа првите археолошки ископувања од бугарските археолозите Карл Шкорпил и Богдан Филов. Во 1927 година за првпат беа публикувани наодите од некрополата. Во периодот 1932-1934 година истражувањата ги продолжи српскиот археолог Никола Вулиќ, кој откри нови гробници. Оттука, две златни маски се наоѓаат во Националниот институт и музеј при Бугарската академија на науките во Софија и две во Народниот музеј во Белград. За забележување е дека овој локалитет е поврзан со археолошкиот наод на Паско Кузман кај Горна порта во Охрид, во текот на 2002 година, тогаш покрај другите предмети, беше пронајдена и златна маска, со што се потврди поврзаноста на Охрид со некрополата Требениште, но и со новите наоди од селото Корошишта. Д.Ст.