Илустрација: „Нова Македонија“

„Неконсензуалното станува консензуално и обратно, кога и како си сакаат сегашните европски либерални елити“…, толкуваат аналитичарите за начинот на одлучување на последниот вонреден самит на Советот на Европа во Брисел во врска со Украина. Ваквиот лицемерен однос на европските челници дополнително ги фрустрира македонските граѓани, кои со право прашуваат зошто Македонија постојано е под блокада со образложение за консензуалното одлучување во Унијата кога многу други одлуки поминуваат и без консензус

Вонредниот самит на Советот на Европа експлицитно покажа дека ЕУ работи без правила и процедури туку според убедувања и потреби

Фамозното консензуално одлучување во Европската Унија ја држи Македонија во повеќе од дводецениско заложништво во делот на евроинтеграциите, а секој обид да се најде решение како да се отворат европските врати наидува на веќе излитената фраза повторувана безброј пати од европските бирократи, дека секоја одлука се носи со консензус.
И ваквата принципиелност, без оглед на апсурдноста на наметнатите услови за Македонија, можеби и може да се разбере донекаде, но само доколку таа се применува еднакво за сите одлуки, без никакви исклучоци. Но кога ќе почнат да се прават преседани и одлучувањето со консензус повремено да се заменува со „пиење кафе“ или, пак, со некакви „повисоки европски интереси“, тогаш повеќе не може да се говори за принципиелност при одлучувањето, туку за пресметливост и скриени цели при носењето одлуки.

Кога неконсензуалното станува консензуално

Таква неконсензуална одлука Брисел донесе кога одлучуваше за интеграцијата на Украина во Европската Унија без исполнети елементарни услови и критериуми, наоѓајќи соломонско решение како да го заобиколи унгарското „не“ така што го искористи моментот на „кафе-пауза“ на унгарскиот премиер за да гласа за почеток на пристапните преговори на Украина и на Молдавија.
Имено, според бриселскиот портал „Политико“, кој се повикуваше на тројца функционери запознаени со текот на настаните, ваквиот исход се должел на стратегијата на германскиот канцелар Олаф Шолц. Тој, со цел да помине одлуката за која се согласни 26 лидери, а се противи само Унгарија, му предложил на унгарскиот премиер накратко да ја напушти просторијата („да си земе кафе надвор од собата“). Тоа им овозможило на преостанатите да го одобрат патот на Украина за пристап со потребната едногласност – затоа што правилата на ЕУ велат дека консензусот се исполнува и ако еден лидер е отсутен. Подоцнежното објаснување беше дека унгарскиот премиер не го искористил правото на вето, што значи дека одлуката е обврзувачка за сите 27 земји членки.
Сега слична неконсензуална одлука ЕУ донесе и за одобрување на воената помош за Украина без оглед на унгарското противење.
– Тоа значи дека Унгарија е изолирана меѓу 27-те. Ние ја почитуваме позицијата на Унгарија, но тоа е кога се 27, 26 е повеќе од еден – истакна претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, говорејќи по последниот самит на Советот на ЕУ, на кој се одлучуваше за продолжување на воената и финансиската помош на Украина, како и за плановите за европска безбедност.
Кошта истакна дека европските лидери го задолжиле Советот на ЕУ да работи итно на понатамошни иницијативи за решавање на итните воени и одбранбени потреби на Украина, нагласувајќи дека Унијата се подготвува да ја поддржи Украина кога таа ќе одлучи да се вклучи во мировните преговори и да ѝ помогне да постигне позитивен исход од нив, односно праведен и траен мир.
Со други зборови, и без унгарското „да“ за ваквата одлука, ЕУ продолжува да го реализира она што го намислила без да се држи до консензуалното одлучување, па си наоѓа креативни толкувања од типот дека дури и кога еден, двајца или тројца не се во собата, оние што се внатре одлучиле консензуално и тоа е обврзувачко и за оние што не гласале.
Сето ова е уште една потврда за длабоката хипокризија во која е западната Европа, на што неодамна предупреди и американскиот потпретседател Џ.Д. Венс говорејќи на Безбедносната конференција во Минхен, порачувајќи дека ЕУ ги напуштила сопствените принципи.

ЕУ тренира конзистентност само врз Македонија

Од друга страна, ваквиот лицемерен однос на европските челници дополнително ги фрустрира македонските граѓани, кои со право прашуваат зошто Македонија е постојано под блокада со образложение за консензуалното одлучување во Унијата кога многу други одлуки поминуваат и без консензус.
Да биде апсурдот уште поголем, ЕУ најдрско ја излажа Македонија кога вети почеток на пристапните преговори во истиот момент кога земјава ќе го промени името по барање на Грција, па дури и кога земјава не ги почна преговорите поради француското вето, имаше образ да говори дека „одлуките се носеле со консензус“.
Овие последни примери јасно говорат дека ЕУ не носи одлуки со консензус, туку кога нејзе ѝ одговара го приспособува одлучувањето според своите потреби, но кога нешто не ѝ одговара, тогаш зборува за консензуално одлучување и принципиелност.
Со други зборови, кога се сака, сѐ се може доколку во односот на ЕУ кон Македонија не постои таа луцидна европска дволичност, која кај секој обичен македонски граѓанин остава впечаток дека Унијата едноставно не ја сака Македонија, а пристапниот процес го користи само да им угоди на некои земји членки и на нивните уцени.
Дополнително, земји што и сами станаа членки на ЕУ со политичка одлука и кои и натаму не можат да ги исполнат потребните реформи се најгласни во диктирањето услови за Македонија, а Брисел се правда дека не може да најде решение како да ги отвори пристапните преговори со земјава бидејќи се одлучувало со консензус.
Затоа е повеќе од важно Македонија како држава да опстои на ставот дека сака влез во ЕУ исклучиво според Копенхашките критериуми. Таквото инсистирање ќе биде клучно да се зачува срцевината на самата европска идеја, земјава да влезе гордо и достоинствено со почитување на сиот нејзин историско-културен и јазичен идентитет, оти во спротивно, со ваквата јасно изразена европска непринципиелност и лицемерство, едноставно ќе стане иста со оние што повеќе од две децении ѝ го загорчуваат и отежнуваат европскиот пат. Македонските граѓани не го сакаат тоа, туку сакаат фер пристап и членство во европска заедница на вредности и принципи, а не во Унија што токму поради сопствената непринципиелност почнува да пука по сите рабови.
– Срамота е ова што ЕУ ѝ го прави на Македонија. Раскажуваат приказни дека се одлучувало со консензус, а ваму носат одлуки и без консензус кога тоа ним им одговара. Две децении ја држат Македонија во заложништво со тие приказни за консензуалното одлучување и постојано само нешто бараат од неа. Несомнено, дел од вината има и кај земјава, која не успеа целосно да ги спроведе реформите, но многу поголем дел од вината лежи исклучиво кај ЕУ. Ако пред 20 години Унијата беше толку „инвентивна“ при консензуалното одлучување, тогаш Македонија ќе влезеше во ЕУ уште со Романија и Бугарија, па потоа многу полесно ќе ги решаваше отворените прашања и со Грција и со Бугарија, врз рамноправна основа. Вака, тие намерно ја држат надвор, Брисел продава демагогија за консензуално одлучување, а ги штити сопствените членки, кои не само што немаат реформски капацитети туку со тоа создаваат проблеми и внатре во Унијата. ЕУ ја држи Македонија во заложништво повеќе од 20 години исклучиво поради сопствената непринципиелност. Затоа Македонија треба да држи до сопствената принципиелност, односно кога инсистира на Копенхашките критериуми, да остане на тој став докрај и така да демонстрира дека таа всушност ги штити европски вредности, а не Брисел, кој очигледно си наоѓа начини да ги заобиколи сопствените критериуми секогаш кога нему му одговара – посочуваат некои од соговорниците коментирајќи го последното гласање на вонредниот европски самит во Брисел.