Дел од обемна анализа во „Геополитика“ во врска со повеќегодишниот украински воен судир
Украинската војна е апсурдна во многу аспекти, дури може слободно да се каже дека по некои елементи е единствен ваков пример во историјата на војувањето. Зошто?
Имено, иако навистина може да се препознаат повеќе апсурди, во продолжение се издвоени четирите највидливи примери за апсурдноста на војната во Украина.
Прво: Двете нуклеарни суперсили, САД и Русија – кои де факто се во војна една со друга на украинска почва, внимателно ги балансираат своите потези за да не си наштетат премногу една на друга и за да не се случи некаква непредвидлива, несакана и неповратна ескалација. Бидејќи би било многу лесно да се започне, но многу тешко (можеби невозможно) да се запре откако би се пречекориле црвените линии.
Второ: Додека се во војна едни со други, САД и Русија паралелно преговараат за тоа што и кое оружје САД (не смеат) да ѝ го испорачаат на украинската армија, со каков домет оружје (не смее) да биде испорачано, кои цели Киев во Русија (не смее) да ги нишани итн.
Трето: Русија не сака да го искористи својот најсилен воен потенцијал за да ѝ нанесе тежок удар и пораз на Украина, иако таму сè уште гинат руски војници, а од друга страна украинската армија сè повеќе користи беспилотни летала со долг дострел за да го напаѓа рускиот енергетски сектор – стратешки важен за земјата. Последново ја предизвикува директно новоусвоената руска нуклеарна доктрина, која беше изменета минатата година (имено, според таа доктрина, ваквите напади на непријателот директно водат до руски нуклеарен одговор).
Четврто: Русија (која, за разлика од САД, директно е инволвирана во војната) е принудена да ги прифати САД (кои де факто се во оваа војна) како мировни посредници за да ја запрат истата оваа војна, како да се САД – неутрална земја посредник.
И покрај сите контрадикторности, Вашингтон и Москва знаат дека во нив е клучот за заклучување на војната
Последно споменатиот куриозитет во врска со војната во Украина е исклучително интересен за опсервација. Имено, како што е погоре споменато, Русија ги прифаќа САД (како да се неутрална земја) како мировен посредник за да ја запрат војната!? Иако ова навистина е нелогично, очигледно е дека Москва ова не го прави несвесно. Кремљ добро знае дека само САД (поточно Доналд Трамп лично) можат да играат одлучувачка посредничка улога, бидејќи едноставно ниедна друга земја во светот нема потенцијал за тоа.
Токму на оваа констатација се надоврзува прашањето: Која земја во светот би можела да изврши притисок врз САД да попуштат и да прифатат одредени услови што не се во нивна корист за да се запре војната?
Вашингтон едноставно никогаш не би се согласил насоките на преговарачкиот процес во војната, во која де факто таа самата активно учествува (па дури и ја води), да одлучуваат Кина, Индија или Бразил како посредник/медијатор!
Од друга страна, Русија никогаш не би се согласила да посредува Велика Британија, Франција или која било друга земја во рамките на „обединетиот Запад“, односно држави длабоко вклучени во украинскиот конфликт на еден или на друг начин.
Во една таква ситуација, Москва резонира дека нема никаква смисла Русија да преговара со европските лидери, бидејќи тие и така и така не одлучуваат за ништо самостојно. Резонот на Кремљ е дека „подобро е Русија да преговара директно со САД, односно со Трамп“. Сега, друга работа е дали Москва е убедена или не дека Трамп може да ја заврши украинската војна на фер начин од нејзина гледна точка? Сепак, за потсетување, рускиот претседател јавно изјави во неколку наврати откако Трамп дојде на власт (дури и за време на неговата изборна кампања минатата година) дека „би било несериозно Русија да не му даде можност на Трамп да постигне договор со Москва за завршување на украинската војна, дури и ако тој заврши со неуспех“.
Но за напомена е дека стои впечатокот дека „никој во Москва нема премногу илузии, односно не сака да трча напред и да создава впечаток дека со Трамп сè ќе биде успешно решено и дека одеднаш рози ќе цветаат во длабоко замрзнатите односи меѓу САД и Русија во последните години“. Засега, според медиумите и јавно достапните информации, руското државно раководство по ова прашање е на ставот дека „вреди да се обидува да ги обезбеди сопствените витални интереси преку договор, а секогаш има време за радикални методи“. Според таквото становиште, заклучок е дека во Москва натежнува ставот дека е „потребно да се најде компромис“! Р.С.
Што одговори рускиот министер за надворешни работи на прашањето: Кога Русија ќе ги прекине воените операции во Украина?
Лавров: Единствено што бара Москва е Киев да го почитува својот украински устав!
Во вчерашното интервју за јутјуб-каналот „Ултраханг“, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изнесе многу интересна констатација.
– Некои прашуваат: Кога ќе ја завршите војната? Кога ќе се согласите на прекин на огнот?… Тоа е неправедно! Би било фер ако им кажете на Украинците, пред сè, да ги вратат јазичните права, сите права на националните малцинства во Украина, бидејќи тоа е напишано во нивниот устав – рече рускиот министер за надворешни работи Лавров.
Според него, Украина донела неколку закони што го кршат Уставот на земјата, вклучително и оние што го дискриминираат унгарското малцинство во западна Украина.
– Затоа, мислам дека е несоодветно кога луѓето прашуваат кога ќе заврши војната, кога ќе престанеме, кога ќе го вратиме Запорожје? Всушност, ние веќе контролираме други територии надвор од регионите вклучени во нашиот устав. Причината е едноставна: ни треба тампон-зона. Бидејќи Украинците продолжуваат да гранатираат, да бомбардираат и да летаат со беспилотни летала на руска територија, вклучително и територии што никогаш не биле спорни, како што се регионите Брјанск, Белгород и Курск – изјави рускиот министер.
Тој се осврна и на признавањето на Украина од страна на Русија.
– Но, пред сѐ, ја признавме Украина врз основа на нејзината сопствена Декларација за независност и Устав. Во 1990 година беше усвоена Декларацијата за независност, во која се зборуваше за ненуклеарна, неутрална, неврзаничка држава што ги признава правата на сите национални малцинства и така натаму. И тоа потоа беше утврдено во Уставот на земјата – потсети Лавров, истакнувајќи дека Москва ја признава токму таа Украина, но дека таа е многу различна од сегашната Украина… Р.С.
(продолжува утре: Војната во Украина од аголот на Белата куќа)

































