Илустрација: „Нова Македонија“

Кон извештајот на американскиот Стејт департмент за Бугарија во кој не се споменува прекршувањето на човековите и малцинските права за припадниците на македонското малцинство

Деновиве во македонската јавност се појави и последниот извештај на американскиот Стејт департмент за Бугарија во кој не се споменува прекршувањето на човековите и малцинските права за припадниците на македонското малцинство кај нашиот источен сосед. Изоставањето на овој исклучително сензитивен дел ја привлече домашната експертска и поширока јавност, при што имаше различни толкувања, од реални објаснувања за причините на изоставањето на тој дел, па до песимистички приоди и експликации.
„Нова Македонија“, земајќи го предвид предизвикот од оваа тема и јавниот интерес што деновиве беше нагласен во врска со споменатиот извештај, поинтензивно го третираше ова прашање во напис во викенд-изданието, како и во вчерашната рубрика Наш став, при што даде експертски одговори во врска со извештајот, новата методологија на Стејт департментот за форматирање на извештаите. Низ брифинзите со странски дипломати има информации и дека „во меѓународната јавност одамна е препознаен и апсолвиран нихилизмот кај соседите на Македонија за македонското малцинство во тие земји, иако се членки на ЕУ“. Сепак тоа е резултат на нивни долгогодишни политики, на кои, како што веруваат дипломатите, „ќе им дојде крај со надоаѓачката идеологија на европскиот суверенизам, почитување на индивидуалните и колективните човекови и малцински парава, како и со совпаѓањето на овој надоаѓачки тренд со идеологијата на трампизмот“. Многу е битно, според нашите соговорници, дека „наметнатото проблематизирање на македонскиот идентитет, заедно со правата на малцинствата во Грција и во Бугарија, сега е засилено изнесено на површина, препознаено и дијагностицирано како недемократско и неевропско. Тоа го препознаваат сѐ повеќе интелектуалци во Европа и во светот“, велат тие.
Поради тоа, и во денешниот број редакцијата се осврнува на прашањето за македонскиот идентитет и правата на македонското малцинство во соседството, но преку реакции и ставови јавно искажани од интелектуални профили од ЕУ пред европската јавност и европските институции. Според соговорниците, „затоа што доаѓаат однадвор и од самата Унија, таквите становишта се смета дека имаат поголема објективна специфична тежина!“
Во тој контекст ги пренесуваме ставовите на европратеничката од Словенија Ирена Јовева и претставничката на организацијата „Крсте Мисирков“ од Грција, Евгенија Нацулиду, кои изнесуваат размислувања за македонските евроинтеграции, непринципиелното однесување на соседите на Македонија и на Европската Унија, состојбата во која се наоѓа македонското малцинство во Грција и одговорноста на Брисел за заштитата на човековите права на Македонците. П.Р.


Евгенија Нацулиду, претставничка на организацијата „Крсте Мисирков“ од Грција

Македонците во Грција се едно од најзагрозените малцинства во Европа

Македонската заедница во Грција е едно од најзапоставените и најзагрозени малцинства во Европа, а грчките власти и натаму ја негираат самата егзистенција на Македонците во земјата, истакнува Евгенија Нацулиду, претставничка на организацијата „Крсте Мисирков“ од Грција.
– Официјалната позиција е дека во Грција нема малцинства, освен муслиманската заедница во Западна Тракија, која е признаена со Лозанската спогодба. Но, дури и таа заедница не е признаена во Атина, Солун или на островите Коз и Родос, каде што исто така постои – нагласува Нацулиду во интервјуто за италијанскиот весник што се издава на словенечки јазик „Приморски дневник“.
Македонците што јавно ја изразуваат својата припадност живеат во Централна и Западна Македонија, според Нацулиду.
– Грција ги оспорува нашата култура и јазик, тврдејќи дека македонскиот е само дијалект на бугарскиот. Но, ако е така, тогаш би требало да ја признае барем бугарската заедница, што никогаш не го направила – додава Нацулиду.
Грција од 1923 година до денес не признала ниту еден словенски јазик, како што посочува Нацулиду, иако со протокол на тогашното Друштво на народите беше обврзана да обезбеди заштита на малцинствата на териториите стекнати по Првата светска војна.
– Овој документ е ратификуван, но и по повеќе од еден век, Грција одбива да го спроведе, и покрај нашите постојани барања – наведува претставничката на организацијата „Крсте Мисирков“ од Грција.
Таа неодамна присуствуваше во Нови Сад, Србија, на конференција на ФУЕН (Федерална унија на европските националности, во која членуваат повеќе од 100 организации што ги претставуваат етничките, јазичните и националните малцинства во Европа), чија членка е организацијата „Крсте Мисирков“. П.Р.


Ирена Јовева, европратеничка со македонско потекло од Словенија

Македонскиот јазик и идентитет се неразделен дел од историското и културно наследство на целата македонска нација

И северните и јужните ваши соседи постојано го прекршуваат овој принцип – а Брисел премногу често гледа на другата страна. Цената на политичките компромиси секогаш на крајот ја плаќа народот. Во македонскиот случај, таа цена се плаќа и превисоко и предолго, вели европратеничката од Словенија, додавајќи дека е време „Унијата да почне да стои зад своите ветувања“!

Прашањето за македонскиот јазик и идентитетот како неразделен дел од историското и културно наследство на нацијата останува емоционално и длабоко лично за многу граѓани. Тоа не може да се игнорира. Иако европската рамка за пристапување јасно наведува дека процесот на проширување не смее да стане заложник на билатерални спорови, туку мора да се базира на објективни критериуми, опипливи реформи и вистински напредок, и северните и јужните ваши соседи постојано го прекршуваат овој принцип – а Брисел премногу често гледа на другата страна. Цената на политичките компромиси секогаш на крајот ја плаќа народот. Во македонскиот случај, таа цена се плаќа и превисоко и предолго, вели Јовева меѓу другото во неодамнешно интервју за неделникот „Фокус“.
– Вашата земја се сметаше за пример во регионот кога го почна својот процес на пристапување. Не треба да се заборави дека пред две децении таа беше првата земја на Западен Балкан што доби статус на кандидат, само една година по Хрватска, која, еве, долго време ужива во придобивките од членството во ЕУ, додека вие сѐ уште чекате на отворање поглавје. Оваа иронија е болен и јасен доказ дека процесот на проширување премногу често се користи за билатерална уцена, што нема апсолутно никаква врска со вистинските критериуми за членство – нагласува Јовева.
Таа го истакнува фактот дека Македонија треба да го исполни својот дел од зададените задачи во евроинтегративниот процес, првенствено заради сопствените граѓани.

– Секако, не смееме да бегаме од фактот дека и официјално Скопје мора да го исполни својот дел од задачите. И тоа не заради мене, комесарката за проширување или кој било друг во Брисел, туку пред сѐ заради граѓаните. Елиминирањето на системската корупција, зајакнувањето на владеењето на правото, независноста на институциите, сето тоа е важно за да се обезбеди поконкурентна економија, подобар живот за луѓето… Но, кога слушаме од Комисијата, како и од Берлин и од Париз на пример, дека сето ова нема да биде доволно сѐ додека не се постигне политички договор со Бугарија и повторно не се промени Уставот, целосно ја разбирам фрустрацијата на сите во македонската држава – вели Јовева.
Време е ЕУ да почне да стои зад своите ветувања кон Македонија, потенцира Јовева.
– Но, мора да кажам и дека тука Европскиот парламент е најмалку „виновен“. Последниот збор го има Советот, односно земјите членки, каде што е потребна согласност од сите. И сѐ додека преовладува остра, честопати националистичка реторика од која било страна, нема да има пробив. И да бидеме реални, поголемиот дел од одговорноста не е ниту во Скопје. Ќе мора да им даде кредибилитет на сите ветувања што ЕУ ги дава со години. Македонската држава се согласи на многу тешки компромиси и време е Унијата да почне да стои зад своите ветувања – заклучува европратеничката од Словенија. П.Р.