фото: Нова Македонија

Прилеп

Во услови на високи температури, зголемена е потрошувачката на вода во Прилеп. Особено има проблем во повисоките зони велат од ЈКП „Водовод и канализација“ упатувајќи апел за рационално користење на водата од водоводот Студенчица.
– За нормално снабдување на Прилеп во просек се потребни 260 литри во секунда. Но деновиве во попладневните часови се трошеа по 420 л во секунда. Во периодот од 10 дена се јави аномалија, односно во повисоките населени места се намали притисокот и краткотрајно од 18 до 22 часот некои делови останаа без вода. Зошто тоа е така? Притисоците не можат да се усогласат кога граѓаните трошат големо количество вода, кога се полева зеленило, се мијат коли. Но, за жал, граѓаните не го практикуваат тоа. Ние знаеме колку вода се троши во ниската или во високата зона. Проблемот е надминат, но пренасочивме дел од водата во високите зони – вели директорот Игор Гулабоски.
Според него, сите резервоари се полни.
– Изворот на Студенчица има добра издашност. Количествата што ни се потребни, ЈКП „Студенчица“ ни ги доставува. Во претходните десет дена порачавме поголеми количества и добивме. Моментално од Студенчица добиваме 290 литри во секунда и имаме околу 20 литри плус, од сопствени извори, што е доволно градот да се снабдува со вода. Во наредниот период не треба да има загриженост дека ќе се соочиме со недостиг од вода – додава директорот, потенцирајќи дека наскоро ќе започнат со реализација на шест проекти за решавање проблеми со водоснабдувањето во одредени региони, каде што линиите се стари.
ЈКП „Водовод и канализација“ дневно регистрирал од шест до десет дефекти, кои ги санираат дежурните екипи. Тоа придонесувало и за загуби.
– Загубите на вода во градот се 56 проценти. Пред сѐ од диви приклучоци, од дефекти, вода што се губи подземно и затоа вршиме реконструкција на водоводните мрежи. Во три и пол години на ЈКП „Водовод и канализација“ добро му оди отстранувањето на дивите приклучоци – вели Гулабоски, додавајќи дека наплатата на водата изнесува 95 проценти.
Проблемот со водоводот во манастирот Трескавец е решен. Сѐ што било украдено, со средства на општината, на ЈКП „Водовод и канализација“ и приватна фирма е обезбедено и е надминат проблемот. Сега останува внатрешно да се среди водоводната мрежа. Манастирот требало да си направи сам проект.