БРИСЕЛ НАЈАВУВА ЕНЕРГЕТСКА АГОНИЈА ШТО ЌЕ ТРАЕ
- Брисел најавува дека наскоро ќе излезе со пакет итни мерки: пониски даноци за струја, штедење гориво, па дури и активирање на нуклеарните ресурси. Дури и во случај на брз мир, враќање во нормала за Европа не се очекува наскоро, истакна европскиот комесар за енергија Дан Јоргенсен. Дел од препораките на Брисел кон земјите членки на ЕУ беше и повикот кон членките на Унијата да ги следат насоките на Меѓународната агенција за енергија, додека ЕК не го утврди својот конкретен пакет мерки
Енергетските последици од војната на Блискиот Исток ќе се чувствуваат долго време, а Европската комисија веќе подготвува пакет мерки за поддршка на граѓаните и компаниите. Ова го изјави европскиот комесар за енергија Дан Јоргенсен, нагласувајќи дека кризата нема да биде краткотрајна.
– Не треба да имаме илузии дека последиците врз енергетските пазари ќе бидат привремени – нема да бидат – изјави Јоргенсен по виртуелниот состанок на министрите за енергетика на ЕУ.
Според податоците што ги изнесе комесарот, од почетокот на конфликтот цената на гасот во ЕУ пораснала за околу 70 проценти, додека нафтата поскапела за 60 проценти. Само за еден месец, Унијата потрошила дополнителни 14 милијарди евра за увоз на фосилни горива.
Овие бројки, како што предупреди Јоргенсен, јасно ја покажуваат ранливоста на Европа на надворешните енергетски шокови, директно поврзани со зависноста од увоз.
Повик за сочинување инстантни пакет мерки
Пакетот што се подготвува ќе вклучува намалување на даночните стапки за електрична енергија и тарифите за преносните мрежи. Земјите членки се повикани да реагираат координирано, а мерките да бидат насочени и привремени.
Истовремено, Брисел нагласува дека не смее да се изгуби од вид долгорочната цел, а тоа е „целосна независност од увозни фосилни горива“.
– Енергетската независност е патот напред и стратешки императив, и тоа не само за климата туку и за економијата и безбедноста – потенцираше Јоргенсен.
Во тон што потсетува на почетокот на пандемијата, европскиот комесар оцени дека Европа се соочува со „многу сериозна ситуација“ без јасен крај.
Дури и во случај на брз мир, враќање во нормала не се очекува наскоро.
Како дел од препораките, земјите членки се повикани да ги следат насоките на
Меѓународната агенција за енергија:
• работа оддома каде што е можно
• намалување на брзината на автопатиштата за 10 км/ч
• поголема употреба на јавен превоз
• воведување систем „пар-непар“
• споделување превоз
• поекономично возење
– Колку повеќе нафта заштедиме, особено дизел и авионско гориво, толку подобро за сите – порача Јоргенсен.
Јоргенсен: Мора да станеме вистински енергетски независни!
На долг рок, Европската Унија ќе мора значително да ги зголеми инвестициите во обновливи извори на енергија, вклучувајќи ја и нуклеарната. Јоргенсен повика на удвојување на напорите во оваа насока.
– Ова мора да биде моментот кога конечно ќе ја свртиме ситуацијата и ќе станеме вистински енергетски независни – истакна тој.
Коментарите доаѓаат во време на зголемен страв дека светот се соочува со енергетска криза што може да ги надмине нафтените шокови од 1970-тите и да има економски последици споредливи со пандемијата.
По нападите на САД и Израел врз Иран пред повеќе од еден месец, цените на енергентите нагло пораснаа, додека значителен дел од глобалното снабдување со нафта и течен природен гас останува блокиран во Персискиот Залив.
Брисел остана на предлози и заврши без конкретни одлуки
Иако состанокот на министрите заврши без конкретни одлуки, Европската комисија најави дека наскоро ќе излезе со сеопфатен пакет мерки.
Меѓу разгледуваните опции се:
• државна помош
• зголемување на уделот на нуклеарни извори и други обновливи извори
• поддршка за биогорива
• заштита на енергетската инфраструктура
Очекувањата пред состанокот беа ниски, а според дипломатски извори, главната цел била усогласување на заедничкиот одговор.
Европа, очигледно, влегува во период на долготрајна енергетска неизвесност и трка со времето за обезбедување стабилност и енергетски суверенитет. Е.Р.
ЕЦБ: Економските последици од конфликтот со Иран нема да исчезнат брзо
Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, остро се спротивстави на оцените на американскиот министер за финансии Скот Бесент дека економските последици од евентуалниот конфликт со Иран би биле краткотрајни, пренесува „Блумберг“.
За време на затворен видеосостанок со гувернери на централни банки, министри за финансии и енергетика од земјите на Г7, Лагард предупредила дека економските последици нема да исчезнат брзо, нагласувајќи дека штетите што веќе се направени се длабоки и долготрајни.
За разлика од тоа, Бесент останува на ставот дека турбуленциите на нафтените пазари, поврзани со можноста за затворање на Ормускиот Теснец, ќе бидат привремени. Според него, глобалното снабдување со нафта е стабилно, а овој клучен морски премин би можел релативно брзо повторно да се стави во функција.
Сепак, прогнозите на ЕЦБ одат во поинаква насока. Банката очекува инфлацијата да достигне до 6,3 проценти, сценарио засновано врз сериозни прекини во енергетското снабдување, кои би можеле да траат до крајот на 2026 година, како и врз дополнително оштетување на клучната инфраструктура.
– Се соочуваме со вистински шок, можеби поголем од она што во моментов можеме целосно да го согледаме – изјави Лагард во интервју за „Економист“.
Таа дополнително предупреди дека штетите во секторите за експлоатација, рафинирање и транспорт на нафта се толку сериозни што не може да се очекува брзо закрепнување. Според неа, станува збор за процес што ќе бара долго време, а не месеци.
Во меѓувреме, земјите од Г7 испратија порака дека се подготвени да интервенираат доколку биде потребно, со цел да се зачува стабилноста на енергетските пазари и да се ублажат економските последици.
Како што наведува „Блумберг“, различните процени меѓу Вашингтон и европските институции ја отсликуваат сè поизразената трансатлантска тензија, во услови кога растот на цените на енергентите и ризиците за глобалните синџири на снабдување стануваат сè поочигледни.
Во заедничкото соопштение по состанокот, членките на Г7 потенцираа дека координираната акција ќе биде клучна за ублажување на последиците од кризата во Заливот и за зачувување на глобалната економска стабилност. Е.Р.
































