Разговор со Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“ – Тирана од Албанија
- Македонците немаат друга држава освен Македонија. Македонија мора да биде заинтересирана и да ја спречи асимилацијата, која повторно зема замав, со што ќе се зачуваат македонскиот јазик и култура, а наедно ќе им се застане на патот на стремежите за нивна асимилација од страна на Бугарија. Македонија мора институционално да дејствува и да има координација со македонското национално малцинство во Република Албанија
- За Македонците во Република Албанија најголем проблем е немањето право на образование на македонски мајчин јазик во областите Голо Брдо и Гора, како и во поголемите градови, како Тирана, Елбасан, Корча, Билиште, Поградец. За жал, само во Мала Преспа македонските деца учат на мајчин јазик, и тоа само во основно и средно образование
- Македонските институции почнаа да се грижат, што нѐ радува, и се надеваме дека понатаму грижата ќе биде и поголема, а истовремено тие мора да комуницираат и да соработуваат со македонските друштва, вели Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“ од Тирана
Никола Ѓурѓај, претседателот на македонското друштво „Илинден“ од Тирана, е еден од најангажираните Македонци во Република Албанија. Според повеќемина наши соговорници, друштвото „Илинден“ е најактивно кај нашиот западен сосед. Покрај тоа што е претседател на македонското здружение „Илинден“ со седиште во Тирана, кое постои од 2009 година и кое има разграноци и во Голо Брдо и во Гора, Ѓурѓај е и познат политички аналитичар и главен уредник на единствениот печатен медиум на македонски јазик во Албанија, весникот „Илинден“. Со Ѓурѓај разговаравме за проблемите со кои се соочуваат Македонците во соседна Албанија, но и за тоа какви чекори се преземаат за нивно надминување.
Кои се главните проблеми со кои се соочува македонското национално малцинство во Република Албанија?
Секогаш постојат проблеми, почнувајќи од економски, социјални и серија други проблеми. Слободно можеме да кажеме дека за Македонците во Република Албанија најголем проблем е немањето право на образование на македонски мајчин јазик во областите Голо Брдо и Гора, како и во поголемите градови, како Тирана, Елбасан, Корча, Билиште, Поградец. За жал, само во Мала Преспа македонските деца учат на мајчин јазик, и тоа само во основно и средно образование. Уште еден хендикеп за македонските ученици е тоа што во Тирана не функционира лекторатот по македонски јазик, кој беше еден вид замена за високо образование на младите Македонци во Република Албанија. Воочувајќи го ова како голем проблем за Македонците во Албанија, поднесовме иницијатива за реактивирање на лекторатот по македонски јазик во Тирана.
Друг голем проблем за Македонците во Голо Брдо е работното време на граничниот премин Џепиште – Требиште, кој беше отворен во мај 2013 година. Владите на Република Македонија и на Република Албанија, на заедничката седница одржана во Поградец, на 15 декември 2017 година донесоа одлука граничниот премин Џепиште – Требиште да работи 24 часа. И покрај тоа, оттогаш до денес преминот не работи 24 часа, туку со редуцирано работно време. Во неколку наврати, ние како друштво баравме овој граничен премин да работи 24 часа поради потребите на граѓаните од двете страни на границата, но досега нема позитивно решение за проблемот. Покрај тоа, голем проблем за Македонците во областите Голо Брдо, Гора и Мала Преспа претставува патната инфраструктура, што е главна причина за слабиот економски развој на овие области населени со македонско население.
Во катастрофална состојба е и здравствената заштита во населените места, бидејќи или нема објекти за таа намена или се во исклучително лоша состојба. Македонците од областа Голо Брдо имаат големи проблеми поради тоа што во 2014 година Владата на Република Албанија ги укина општините Требиште, Острени и Стеблево, за првите две да ги приклучи кон општината Булќиза. Укинати се и општините Шиштевац и Запот во областа Гора, кои сега се приклучени кон општината Кукс. На тој начин, единствена македонска општина во Република Албанија остана општината Пустец во областа Преспа. И покрај сите барања и аргументи на претставниците на македонската заедница по укинувањето на општините во 2014 година, индивидуални или преку македонското друштво „Илинден“ – Тирана и македонското друштво „Илинден“ – разгранок Голо Брдо, за формирање на општините Голо Брдо и Гора, Владата на Република Албанија се оглуши.
По девет години од реформата на територијалната организација на локалната самоуправа, областите Голо Брдо и Гора, каде што живеат Македонци, останаа неразвиени, а услугите од државната администрација и локалната самоуправа отежнати. Македонците во областите Голо Брдо и Гора укинувањето на општините го сметаат за чекор назад во почитувањето на малцинските права во Република Албанија. Македонското друштво „Илинден“ – Тирана и македонското друштво „Илинден“ – разгранок Голо Брдо повторно го актуализираат барањето од пред 2014 година, Владата да предложи измени и дополнувања на Законот за општините со формирање две општини: општина Голо Брдо и општина Гора. Ние сметаме дека градоначалниците не треба да бидат именувани од Владата туку избрани на избори од граѓаните, поради нивната доверба во системот и непосредно решавање на локалните проблеми.
Каков е односот на Македонија кон македонското национално малцинство во Албанија во изминативе години?
Македонците немаат друга држава освен Македонија. Македонија мора да биде заинтересирана и да ја спречи асимилацијата, која повторно зема замав, со што ќе се зачуваат македонскиот јазик и култура, а наедно ќе им се застане на патот на стремежите за нивна асимилација од страна на Бугарија. Македонија мора институционално да дејствува и да има координација со македонското национално малцинство во Република Албанија. Македонските институции почна да се грижат, што нѐ радува, и се надеваме дека понатаму грижата ќе биде и поголема, а истовремено тие мора да комуницираат и да соработуваат со македонските друштва.
Кои се идните планови на македонското друштво „Илинден“ – Тирана?
Македонското друштво „Илинден“ – Тирана од формирањето се залага за македонското национално малцинство во Република Албанија. Приоритет на македонското друштво „Илинден“ – Тирана ќе бидат образованието, културата, меѓународното дејствување и тековните проекти што се работат. Ќе продолжиме да работиме на зачувувањето на македонскиот идентитет, култура, традиции, историја и обичаи.
Дали може да ни кажете нешто повеќе за работата на весникот „Илинден“?
Македонскиот весник „Илинден“ излезе од печат во март 2011 година во Тирана, Република Албанија. „Илинден“ е весник на македонското друштво „Илинден“ – Тирана и единствен весник на Македонците во Република Албанија, а излегува во печатена и во електронска верзија. Македонскиот весник „Илинден“ продуцира и пренесува информации на македонски јазик. Се објавуваат вести за Македонците во Албанија, за Македонија, Албанија, Балканот, Европа и за светот, политички вести, економски вести, културни вести, спортски вести, интервјуа… Македонскиот весник „Илинден“ се стреми кон стандарди на објективно, истражувачко и аналитичко новинарство, објективно претставување на информациите и нивните извори, како и квалитет и креативност при создавањето на вестите.
Македонскиот весник „Илинден“ исто така е достапен во Националната библиотека во Тирана, во библиотеката на Собранието на Република Албанија, во Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ – Скопје, како и во Библиотеката на Македонската академија на науките и уметностите, и првпат ова година беше доставено и до Државниот архив на Република Македонија. Македонскиот весник „Илинден“ од 1.8.2022 година е член на платформата Алијанса за етички медиуми (АЕМ) каде што членуваат 29 печатени и аудиовизуелни медиуми во Република Албанија.