Запрашан зошто не беа ниту на лидерската средба во понеделникот, лидерот на Левица, Димитар Апасиев, го повтори партискиот став дека ќе прифат внесување на Бугарите во Уставот ако тоа реципрочно се направи и во Бугарија.
– Цениме дека нема што да преговараме за тие прашања. Нашиот став е јасен. Бугари во Устав во Македонија може под еден услов, кога ќе има Македонци во бугарскиот Устав. Тоа е непроменет став и нема зошто да разговараме на темата – вели Апасиев.
За нивните претставки до Обвинителството и до Уставен суд во однос на забраната на бугарските здруженија „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“, регистрирани во земјава, рече дека не очекува ништо од правниот систем, но посочи оти мора да се исцрпат сите правни механизми кои им стојат на располагање.
– Од Обвинителство немаме повратна информација, меѓутоа од инсајдерски извори дознавме дека има оформен предмет за двете здруженија бидејќи тоа е посебен поднесок, тоа не е кривична пријава, туку во нашиот закон е предвидено иницијатива за забрана на дејствување на здружение. Додека од Уставен суд вчера мислам дека оформија предмет. Има преседен, тоа е здружението Радко, меѓутоа ќе видиме. Јас искрено со ваков правен систем не очекувам ништо, меѓутоа наше е како легалисти да ги исцрпиме сите правни механизми за да потоа имаме основ како понатаму би презеле други политички дејствија, бидејќи доколку не ги исцрпите правните, немате алиби да правите радикализација во политички контекс – рече Апасиев.