Фото: Архива

Остана одредбата од членот 19 што предвидува апанажа за функционерите на кои им престанала функцијата (по која било основа), без разлика дали предвремено или по истекот на мандатот. Имено, членот 19 предвидува апанажа и при престанок на мандатот со негов истек и при предвремен престанок на мандатот, без конкретно да наведува или да прави разлика меѓу случаите

ЗОШТО УКИНУВАЊЕТО САМО НА ЧЛЕНОТ 22 ОД ЗАКОНОТ ЗА ПЛАТА И ДРУГИ НАДОМЕСТОЦИ НА ИЗБРАНИ И ИМЕНУВАНИ ФУНКЦИОНЕРИ, ОД СТРАНА НА УСТАВНИОТ СУД, НЕМА ДА ГО ИМА ПОСАКУВАНИОТ ЕФЕКТ

Откако Уставниот суд донесе одлука за укинување на членот 22 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани функционери, што теоретски-правно значи дека функционерите што поднеле оставка или биле разрешени нема да можат да земат апанажа, тројцата министри што беа разрешени неколку дена пред носењето на одлуката сѐ уште размислуваат дали ќе побараат апанажа. Но засега е извесно дека укинувањето на членот 22 од Законот за плата на функционерите не ги опфаќа тазе разрешените министри, бидејќи правното дејство на оваа одлука на Уставниот суд започнува со нејзино објавување во „Службен весник“ и нема ретроактивно дејство. Но има уште една крупна работа за која професорката по уставно право и поранешна министерка за правда Рената Дескоска аргументира дека „само со укинување на членот 22 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани функционери, од страна на Уставниот суд, нема да се постигне посакуваниот ефект!“
Имено, универзитетската професорка укажува дека укинувањето само на членот 22 од односниот закон, без да бидат земени предвид други членови, остава простор за премостување на ефектот од неговото отстранување од регулативата.
– Одлуката на Уставниот суд со која се укина членот 22 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на РМ и другите избрани и именувани лица во Републиката, силно одекна во јавноста. Не сакам да бидам „расипувач на забави“, но сметам дека треба да си го поставиме прашањето дали ефектот на одлуката на Уставниот суд ќе биде укинување на апанажата во случаи на разрешување и оставка.
Во законот постои членот 19, кој гласи: „Пратеник што за време на вршењето на пратеничката функција остварувал плата или надоместок на плата во месечен износ во Собранието, функционер и раководен работник што го именува Собранието, односно назначува телото што тоа ќе го овласти претседателот на Република Македонија и Владата кој за време на вршењето на функцијата остварувал плата, може да остварува плата по престанувањето на функцијата за време до една година, и тоа:
– три месеци ако функцијата ја вршел до шест месеци,
– шест месеци ако функцијата ја вршел од шест месеци и еден ден до 12 месеци,
– девет месеци ако функцијата ја вршел од 12 месеци и еден ден до 24 месеци и
– 12 месец, ако функцијата ја вршел 24 месеци и еден ден и повеќе.“

Значи, остана одредбата од членот 19 што предвидува апанажа за функционерите на кои им престанала функцијата (по која било основа), без разлика дали предвремено или по истекот на мандатот. Кои се предвремени основи за престанок на една функција? Разрешување, оставка (од кои било причини, лични, здравствени, заради политичка одговорност итн.), распуштање на Собранието, избор на нова влада или по сила на закон (кога ќе настане некоја околност предвидена во законот), како на пример со престанок на мандатот на министерот, престанува мандатот на државниот секретар (што е лошо решение – видовме парализирани министерства изминатите две недели, кога со разрешување на министрите, и државните секретари ги изгубија функциите).
Членот 19 предвидува апанажа и при престанок на мандатот со негов истек и при предвремен престанок на мандатот, без конкретно да наведува или да прави разлика меѓу случаите. Предвремениот престанок на функцијата дури е и наведен во четирите алинеи каде што се предвидува различно траење на апанажата во зависност од траењето на функцијата. Овие алинеи се подоцна внесени во законот и тогаш не е интервенирано во членот 22, кој сега е укинат.

Сега ни останува да ги почекаме објавена одлуката на Уставниот суд и нејзиното образложение, односно како ќе го толкуваат начелото на владеење на правото и дали основа ќе биле уставноста или целисходноста (ова го пишувам бидејќи имав можност да прочитам едно издвоено мислење во кое некои судии аргументираат за наводна (не)целисходност на некои законски одредби, што секако не е надлежност на Уставниот суд). Секако ќе биде интересно да го видиме и постапувањето на органите во првиот случај кога разрешен функционер ќе поднесе барање за апанажа, за да видиме дали нешто практично смени вчерашната одлука или ќе излезе „многу врева за ништо“… – писмено ги образложи и аргументира професорката Дескоска своите согледувања за ефектите од одлуката на Уставниот суд за укинување на апанажата на разрешените функционери пред истекот на нивниот мандат.