За македонската самобитност, Антон Југов има особено значење по Втората светска војна кога како истакнат бугарски партиски член, но и како висок политички функционер и близок соработник на Георги Димитров се залага за признавање на македонската нација како посебна одделна нација, признавање на националните права на Македонците во Пиринска Македонија и за создавање пријателска атмосфера меѓу Југославија и Бугарија. Меѓутоа по издигнувањето на Тодор Живков, како и промената на бугарската политика кон македонското прашање, како и ретроградниот процес во однос на македонските национални особености, Југов е деградиран и отстранет од бугарскиот политички живот
Личности што со своето дело придонесоа за македонската државност и самобитност
Постојат повеќемина Македонци што на директен или индиректен начин имаат придонес за македонската државност и македонската самобитност, а меѓу нив е и Антон Југов. Во пошироката балканска историја останува запаметен како еден од водачите на Бугарската комунистичка партија (БКП), водач на бугарското партизанско движење во Втората светска војна, бугарски министер за внатрешни работи (1944 – 1949) и бугарски премиер (1956 – 1962). Поради одредени политички, геостратегиски и општествени причини, Југов како револуционер и политички деец е активен во рамките на бугарската држава, но како активен член на Внатрешната македонска револуционерна организација (Обединета) се залага за ослободување и обединување на Македонија во едно политичко цело како независна македонска република, поради што е осуден на смрт од страна на Иван Михајлов и неговите приврзаници.
Рани години
Роден е на 5 август 1904 година како Антон Танев Ѓошев во селото Ругуновец (Карасуле) во егејскиот дел на Македонија, денес Република Грција. Неговата мајка Ана Орџанова е сестра на Иван (Орџанов) Карасулијата, македонски војвода. По балканските војни неговата фамилија се преселила во Дедеагач, а потоа во Ѓумурџина, кои тогаш се наоѓаат во рамките на царска Бугарија. По Првата светска војна, фамилијата на Југов се преселила во Пловдив.
Во 1919 година завршил гимназија, по што работел во тутунската индустрија. Набргу се револуционизирал и ги прифатил левичарските идеи, оттука од 1921 година е член на Бугарскиот комунистички младински сојуз, а од 1928 година е член на Бугарската комунистичка партија (БКП). До 1933 година учествува во активностите на БКП во Пловдив, но е и активен член на Внатрешната македонска револуционерна организација (обединета). Во периодот 1933-1934 година, Југов е секретар на Централниот комитет под псевдонимот Рашко. Како еден од раководителите на ВМРО (обединета) во Бугарија, Југов се залага за слободна и независна Македонија во рамките на нејзините географски и економски граници и нејзино конституирање во самостојна политичка единица, што ќе влезе како рамноправен член на идната балканска федерација.
Поради овие заложби, како и неговите активности во рамките на ВМРО (обединета), Антон Југов бил осуден на смрт од страна на Иван Михајлов и неговите соработници. Поради опасноста од ликвидација од страна на михајловистите, Антон Југов бил заштитуван од Иван Козарев, исто така Македонец и иден значаен партизан во Бугарија. По некоја случајност, подоцна на 1 јули 1941 година, помал партизански одред под водството на Иван Козарев ја напаѓа бугарската фашистичка полиција кај Разлог, со што официјално започна оружената борба на македонскиот и бугарскиот народ против фашизмот.
Борба против фашизмот
Во октомври 1934 година заедно со група комунисти, Антон Југов илегално заминал да студира во Советскиот Сојуз. Од 1934 до 1936 година студирал на Меѓународното лениновско училиште во Советскиот Сојуз. По дипломирањето во Бугарија во 1937 година, бил член на ЦК и на Политбирото на ЦК на БКП. Во 1940 година раководел со голем штрајк на тутунарите во Пловдив. Во септември 1941 година бил интерниран во концентрациониот логор Гонда Вода, но набргу успеал да избега и во октомври истата година станува член на Политбирото на Централниот комитет на БКП.
За време на Втората светска војна бил началник на Воената комисија при ЦК на БКП (1941-1943) и член на Главниот штаб на бугарското партизанско движење (1943-1944). Во 1942 година бил осуден на смрт во отсуство во судскиот процес против Централниот комитет на БКП. По судењето, раководството на партијата било обезглавено, бидејќи Југов и Цола Драгојчева биле единствените членови на Политбирото што останале на слобода. Оттука Југов ја презема функцијата секретар на ЦК, формално највисока во партиската организација во Бугарија, која претходно ја извршувал Трајчо Костов.
Антон Југов учествува и во државниот удар од 9 септември 1944 година, по што станал министер за внатрешни работи.
Приврзаник на македонската самобитност
По Втората светска војна, Антон Југов како еден од најблиските соработници на Георги Димитров, активно работи за признавање на македонскиот народ како посебен народ, признавање на македонскиот јазик како посебен јазик, признавање на одделна македонската историја и признавање на Македонија (тогаш Народна Република Македонија) како национална држава на Македонците, како и за обединување на Македонија во рамките на балканска федерација.
Додека Антон Југов ја извршувал функцијата бугарски министер за внатрешни работи во периодот 1944 – 1949 година, се спроведува попис во 1946 година, кога 70 отсто од населението во пиринскиот дел од Македонија се декларирале како припадници на македонскиот народ. Во овој период во училиштата во Пиринска Македонија започнала да се изведува настава на македонски мајчин јазик, биле отворени македонски книжарници, а во Благоевград (Горна Џумаја) започнал да работи Македонски народен театар. Исто така била дадена и директива за изработка на законски проект, според кој, македонската културна автономија во пиринскиот крај требало да се преобрази во територијална.
Подоцнежни години
По смртта на Георги Димитров и политичкиот вакуум, Југов ја поддржува смената на Влко Червенков со Тодор Живков, а по Априлскиот пленум во 1956 година, Червенков беше сменет како бугарски премиер.
Во одреден период Југов беше втор по ранг во хиерархијата на режимот по Живков. Но покрај тоа, Живков го гледал како потенцијален ривал, а во почетокот на 60-тите години на 20 век, односот меѓу двајцата се влошил. Југов ја користи поддршката на високи функционери како Рајко Дамјанов и на сите локални партиски организации, особено во Пловдив, Габрово и во Плевен, но Живков успева да го изолира и да го отстрани во 1962 година.
По добивањето одобрение од Советскиот Сојуз, во пресрет на Осмиот конгрес на БКП, Тодор Живков го прогласи Југов за „прародител на нашите услови на перверзија“. По основа на „грубо кршење на социјалистичката законитост и антипартиско дејствување“, Југов бил сменет од сите раководни позиции. Бил отповикан и од Народното собрание (1964), а во 1972 година бил исклучен од БКП. За овие настани бугарскиот поет Христо Радевски во својот дневник напишал дека „премиерот Југов беше отстранет од ЦК. Беше обвинет за нарушување на социјалистичката законитост кога беше министер за внатрешни работи, а подоцна и како заменик на Червенков во Советот на министри. Затоа беше грешка што го ставија на премиерската функција по априлскиот пленум. Но сега го обвинуваат за фракционерско дејствување и не го докажуваат тоа“.
Во следните децении, на Југов, постепено рехабилитиран, во 1984 година му беше доделена титулата херој на социјалистичкиот труд, херој на Народна Република Бугарија (1989), а во јануари 1990 година му е вратено членството во Бугарската комунистичка партијата. Антон Југов починал на 6 јули 1991 година во Софија. Д.Ст.