Како еден криминален чин (на бугарски државјанин) повторно ги поврза Франција и Бугарија
- Георги Филипов, кој е учесник во каменувањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, Бугарија, во 2023 година, беше осуден за инцидент поврзан со антисемитски графити на споменик на холокаустот во Париз во 2024 година
Парискиот кривичен суд ги осуди оние што испишале антисемитски графити на Споменикот на Шоах во текот на ноќта помеѓу 13 и 14 мај 2024 година, операција што се смета за дел од кампања за дестабилизација против Франција, за која тамошната јавност ја обвинува Русија. Казни од две до четири години затвор им беа изречени на четворица бугарски државјани, од кои еден е во бегство, во зависност од тоа дали ги обоиле шаблоните со крвави раце, дали го снимале вандализмот или ја организирале акцијата. Судот пресуди дека вандализмот е извршен „поради припадноста на жртвата на одредена религија“.
Парискиот суд се покажа како поостар, во споредба со бугарското правосудство, бидејќи еден од осудените учествуваше во нападот на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград. Станува збор за Георги Филипов, кој е учесник и во каменувањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, Бугарија, во 2023 година. Но парискиот суд немаше увид за ова дело, кое сигурно ќе ја отежнеше казната.
Пресудата, во голема мера во согласност со барањето на обвинителството, вклучува трајна забрана за влез на француска територија. Обвинетите, кои веќе отслужиле помеѓу дванаесет и петнаесет месеци во притвор, се враќаат во затвор.
Сенката на странско мешање се надвисна над судењето што првпат се осврна на долга серија напори за дестабилизација, што комбинираа физички дејства и онлајн кампањи. При изрекувањето на својата пресуда, претседателката на судот, Натали Малет, јасно изјави дека „неоспорното мешање, очигледно во овој случај, беше координирана акција од странство спроведена со непријателска намера, за да се вознемири јавното мислење, да се влошат постојните поделби и дополнително да се разбие француското општество“.
Делата беа извршени пред создавање на кривичното дело што ги казнува злосторствата „во служба на странска сила“, во јули 2024 година.
Во своите завршни зборови во четвртокот, обвинителката Камиј Пош, исто така, се осврна на „невидената природа“ на ова судење, притоа предупредувајќи: „Овој аспект на мешање не ја намалува антисемитската природа на извршените дела. Ова се две страни од истата монета и тие во никој случај не се исклучуваат меѓусебно. Имавме антисемитизам како цел сама по себе, а го имаме антисемитизмот како средство“.
Адвокатите на одбраната, пак, се обидоа да го отфрлат овој аспект, но се соочија со тежок предизвик да го бранат 36-годишниот Георги Филипов, чии нацистички тетоважи го монополизираа поголемиот дел од вниманието за време на постапката.
– Ако господинот Филипов бил регрутиран да ги изврши овие дела, тоа не било поради неговите тетоважи, туку затоа што бил во тешка лична, финансиска и професионална состојба – тврдеше адвокатот.
Тој нагласи дека неговиот клиент веднаш го искористил добиениот надомест од илјада евра за да плати издржување на мајката на неговото дете. И дека набргу потоа прифатил друга мисија без антисемитска намера, која се состоела од поставување лажни ковчези на „француски војници што загинале во Украина“ во подножјето на Ајфеловата кула.
Георги Филипов, кој беше осуден на две години затвор, беше единствениот од тројцата присутни обвинети што понуди детално извинување. Тој изјави дека неговите неонацистички склоности, за кои тврди дека припаѓаат на минатото, произлегуваат од неговото детство во насилните ромски населби во Софија во 70-тите години од минатиот век.
– Имам најголемо почитување кон Евреите. Срам ми е – рече тој во неколку наврати.
Материјалните докази што ги имплицираа обвинетите во секој случај беа премногу силни за тие да ја негираат нивната вмешаност, со исклучок на координаторот за логистика, Николај Иванов, кој остана непоколеблив на својата позиција, претставувајќи се себеси како „пацифист“ и „хуманист“, што сакал само „да им помогне на пријателите“.
Единствената преостаната неизвесност, затоа, беше дали судот ќе ја потврди отежнувачката околност на антисемитизам.
– Како некој може да не ја забележи Давидовата ѕвезда од два на два метра што ја краси фасадата на оваа зграда, толку добро осветлена ноќе? – прашаа адвокатите на граѓанските странки. Особено, „кога спиете во маица на која се прогласува дека ’Хитлер бил во право‘“, како што забележа Давид Пере, адвокат на обвинителството, во врска со фотографија на Георги Филипов преземена од социјалните мрежи. Соочени со овие прашања, адвокатите на одбраната се повикаа на невнимание, алкохол и „глупост“ (во случајот на Кирил Милушев, кој доби 500 евра за да го снима вандализмот, за што беше осуден на две години затвор), слепа послушност на наредбите од претпоставените, но и фактот дека и други згради покрај споменикот, избрани по случаен избор, исто така биле оштетени.
Објаснувајќи ја својата одлука пред обвинетите, претседателката на судот, Натали Малет, изјави: „Она што од судот беше побарано да утврди, не беше што се случува во вашите глави, дали сте антисемитисти или дури и дали црвените раце се антисемитисти, туку дали жртвата е избрана поради нејзината верска припадност. Судот сметаше дека вие, особено, го држевте клучот за разбирање на симболите присутни на оваа зграда, што беше вистинската цел на оваа операција“.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција

































