Победата на чешкиот Трамп го засилува суверенистичкиот бран низ ЕУ
- Победата на Бабиш и АНО веќе значи „политички земјотрес од девет рихтери“ за Брисел и еврочелниците, кои Бабиш „галовно“ веќе ги нарекува „зелените лудаци од Брисел“ поради директивите на Зелената агенда и климатската политика на ЕУ, погубна за европската економија. Овие нови тектонски потреси од Прага, кои се шират низ ЕУ и сиот европски континент, заедно со политиката на Роберт Фицо од Словачка, Виктор Орбан од Унгарија и на полскиот претседател Карол Навроцки, се силни сигнали дека ваквото забрзување на идеолошкиот пресврт во ЕУ ќе најде свој соодветен одраз и во македонската надворешна политика, а особено во државната евроинтеграциска политика на Македонија
Исходот од чешките парламентарни избори одржани во саботата може да ѝ донесе нови големи главоболки на Европската Унија откако десно ориентираниот суверенистички кандидат Андреј Бабиш и неговата партија АНО остварија убедлива победа. Бабиш и АНО беа во големо водство со 35 проценти наспрема владејачката централно-десничарска коалиција на премиерот Петр Фиала, која имаше околу 23 проценти. Тоа го покажаа првичните резултати од преброените гласачки ливчиња во повеќе од 98 проценти од изборните единици.
Бабиш е чешкиот Трамп
Бабиш го нарекуваат чешкиот Трамп: тој честопати истапува во јавноста со капче на главата на кое пишува „Чешка на прво место“, соодветно на Трамп и неговата МАГА-идеологија „Америка на прво место“. Омилен, но и еден од главните политички слогани и столбови на политичката програма на Андреј Бабиш е и „Чесите на прво место!“. Пораките на Бабиш можат и треба да бидат сфатени дека неговите политики ќе ги стават нацијата и државата во центарот на своето политичко дејствување, а пренесување или отстапување од која било форма на суверенитет (економски, енергетски, политички итн.) во корист на наднационалните ЕУ-структури, кои некогаш одат и на штета на нацијата и чешката држава, тој ќе го стави во втор план.
Победата на Бабиш и АНО веќе значи „политички земјотрес од девет рихтери“ за Брисел и еврочелниците, кои Бабиш „галовно“ веќе ги нарекува „зелените лудаци од Брисел“ поради директивите на Зелената агенда и климатската политика на ЕУ, погубна за европската економија. Овие нови тектонски потреси од Прага, кои се шират низ ЕУ и сиот европски континент, заедно со политиката на Роберт Фицо од Словачка, Виктор Орбан од Унгарија и на полскиот претседател Карол Навроцки, се силни сигнали од централна Европа дека ваквото забрзување на идеолошкиот пресврт во ЕУ ќе најде свој соодветен одраз и во македонската надворешна политика, а особено во државната евроинтеграциска политика на Македонија.
Бабиш однесе победа, втемелена на ветувања за „оспорување на ЕУ-политиките“ и ревидирање на „плановите на НАТО“, за Чешка…
Земјоделскиот бизнисмен од висок формат Андреј Бабиш вети дека ќе ја откаже иницијативата за муниција за Украина, ќе ги оспори плановите на НАТО за зголемување на воените трошоци и ќе се соочи со Европската комисија околу Зелениот договор, односно за Зелената агенда. Европските и домашните чешки аналитичари истакнуваат дека Чешка постапно станува нов „геополитички кошмар“ за ЕУ, заедно со Унгарија на Виктор Орбан и Словачка на Роберт Фицо. Сепак, политиката на Бабиш и на неговата партија АНО наидува на остри критики и спротивставувања не само во Европската Унија туку и внатре во Чешка.
– Верувам дека ако ги погледнеме неговите изјави и оние на неговите сојузници во Европа – како Виктор Орбан и она што го направи со Унгарија – Бабиш ќе почне да ја турка Чешка кон маргините. Но јас не сакам Чешката Република да заврши на маргините на Европа, како што се случи со Унгарија или Словачка – изјави поранешниот чешки министер за надворешни работи Јан Липавски.
Меѓутоа, големо прашање е кој останува и на кои маргини: дали Словачка и Унгарија „завршиле на маргините на Европа“ или се тие поправо во првиот бран на преобразбата на Европската Унија во „ЕУ на суверени нации“, како предводници на овој процес, толку важен и за Македонија? Дали поточно ЕУ и оваа неолиберална и сѐ повеќе омразена и отфрлана неолиберална политичка Европа запаѓа на светските геополитички маргини, што ќе започне да ѝ се случува уште повеќе „со помош“ на Андреј Бабиш и АНО?
Се смета дека по саботните парламентарни избори во Чешка, Бабиш веројатно нема да успее да обезбеди мнозинство во Долниот дом на чешкиот парламент од 200 места, што значи дека ќе му треба парламентарна поддршка за да формира влада. Сите главни партии во земјата ја исклучија можноста за соработка со Бабиш по изборите, што не му остава друг избор, освен да се сврти кон посмели опции. Бабиш во саботата навечер изјави дека има цел да формира влада, поддржана од десно ориентираната политичка партија СПД, вклучително и партијата на сосема спротивната лева идеолошка определба – партијата Стачило! (Доста е!). Но исклучително е интересно што заедничкиот програмски именител на двете споменати парии е што тие сакаат „Чешка да ги напушти Европската Унија и НАТО и да ја запре помошта за Украина“.
Така, не е тешко да се заклучи дека Бабиш ќе најде заеднички јазик со нив, бидејќи „срцевината и на неговото политичко дејствување е и позицијата дека ЕУ треба да биде управувана исклучиво од национални лидери, а не од вештачки и бирократски искреирани институции, кои не се во допир со обичниот народ, како што е салонската творба – Европската комисија (ЕК)“.
– Но одржувањето таква стратегија кон ЕУ ќе биде тешко со екстремистички сојузници и фрагментиран парламент! – тврди политичкиот аналитичар Лукас Јелинек.
Македонија ужива поддршка од земјите членки на Вишеградската група
„Македонија ќе може да смета секогаш на поддршката на четирите земји членки на Вишеградската група на нејзиниот пат кон членство во Европската Унија“! Овој став го повторуваат државните лидери на државите членки на Вишеградската група (Полска, Чешка, Словачка и Унгарија) уште од 24 јуни 2019 година. Саботната победа на Андреј Бабиш и АНО бездруго ќе значи многу посилна и поактивна позиција на Чешка во Вишеградската група на држави членки на ЕУ и ова ќе ја наметне многу повеќе потребата македонската дипломатија да започне да говори уште погласно и да биде уште повидлива низ ходниците во официјален Брисел. Победата на Бабиш е и своевиден потсетник дека е време за чекорења не само кон оваа и ваква политичка Европа и Европска Унија туку и кон новата Европа на суверените нации, која е всушност зародокот на новата реформирана Европска Унија. Стратегиското партнерство со Унгарија – една од водечките држави на новата политичка Европа – е еден од тие чекори, кој веќе е направен, но потребни се многу поенергични и многу посодржајни контакти и поврзувања и со другите членки на Вишеградската група на држави (Полска, Чешка, Словачка и Унгарија), кои цели шест години постојано ја повикуваат ЕУ да ги исполни своите обврски кон Македонија. Обврски што ЕУ не ги исполнува, туку смислува и бара исполнување други обврски, кои немаат ама баш никаква врска со Копенхашките критериуми.
Македонските политичари треба да воспостават нови контакти со Андреј Бабиш, дали внимателни, дали првични дипломатски, сеедно какви, бидејќи тој, Навроцки, Фицо и Орбан се дел од онаа нова Европа, која се раѓа пред нашите очи и која има целосна почит и поддршка за Македонија и за идентитетот на македонскиот народ – нешта што очајно им недостигаат на ЕУ и на редица водечки европски држави – нејзини членки.
Свето Тоевски