Она што поранешниот претставник на Меѓународната кризна група за Македонија го дава како совет до американската администрација повеќе личи на еден вид ултиматум што би се упатил до бугарската страна. А тоа е дека ако продолжи со упорното инсистирање на сопствената „историска вистина“, Софија би можела да се соочи со некоја друга, фактичка историска вистина поинаква од нејзината и која се совпаѓа со објективната стварност и минато. Но, клучното прашање што се наметнува е доколку Бугарија ретерира под американскиот притисок и се откаже од шизофрениот став кон Македонија, дали САД ќе продолжат да ѝ гледаат низ прсти на Софија и да толерираат бугарската политика да продолжи да чекори по патот на историскиот ревизионизам, да продолжи со непринципиелности, да не го почитува меѓународното право, и да го толерираат бугарското негирање на македонскиот народ… Светот е во исчекување на документите складирани низ депоата на Стејт департментот
Ако Софија продолжи со фалсификати, може да се отклучат оригиналите од архивите на американскиот Стејт департмент
Повеќе од 15 години поминаа од потпишувањето на Декларацијата за стратегиско партнерство и соработка помеѓу САД и Македонија, при што Американците отворено ја истакнаа својата поддршка за земјава во повеќе области и продолжуваат да го прават тоа во континуитет.
САД се тие што притискаа што поскоро да се случи членството во НАТО, а Вашингтон е тој што сега повторно притиска да се најде решение во врска со пат-позицијата во која се најде земјава откако стана јасно дека мнозинството македонски граѓани се противат на уставни измени наметнати од страна на Бугарија.
Американците се исклучително чувствителни кога станува збор за повредата на демократските вредности и тоа го забележуваат во однесувањето на Бугарија кон Македонија, препознавајќи отворена идентитетска агресија врз македонскиот народ, која се случува на европско тло во 21 век, и тоа никако не оди во иста линија со демократските начела што ги прокламираат САД.
Неодамна помошник-предавачот на Школата за напредни меѓународни студии на универзитетот „Џон Хопкинс“, Едвард Џозеф, излезе со лично видување за тоа што треба да направи американската администрација за да ја вразуми Бугарија и да ја одврати од идејата за понатамошно негирање на постоењето на македонскиот народ, неговиот јазик и историја.
Она што Џозеф го предлага до американските власти, а е веќе инкорпорирано во Стратегискиот договор меѓу САД и Македонија во делот на научната соработка, тоа е двете земји да формираат заедничка мешана историска комисија, еден вид пандан на бугарско-македонската историска комисија, која ќе има цел да ги покаже сите американски документи архивирани во Стејт департментот од кои јасно се гледа дека македонскиот народ постои многу порано од 1944 година, а не како што тврди бугарската страна, дека Македонците се измислени по 1944 година од страна на Тито и Коминтерната.
– Во рамките на нивниот стратегиски дијалог, САД и С. Македонија веќе се договорија „да ја зајакнат промоцијата на образованието и историски точното сеќавање“. Вашингтон и Скопје можат да го надградат ова преку внимателно подготвена изјава, повторувајќи го клучниот цитат на Бугарија од Договорот за пријателство: „Со цел за продлабочување на меѓусебната доверба, САД и С. Македонија се согласија да формираат заедничка комисија за историски и образовни прашања за да придонесат за објективно, засновано на автентични и докажани историски извори, научно толкување на историските настани што се однесуваат на основите на македонско-американското пријателство. Комисијата ќе се состане, а нејзините извештаи ќе бидат јавно објавени, по сопствена дискреција на САД“. За да го надградат меѓусебниот стратегиски дијалог САД и Македонија треба да формираат заедничка комисија за историски и образовни прашања според образецот од договорот со Бугарија. Тоа ќе биде јасна порака за Софија – појаснува Џозеф.
Она што поранешниот претставник на Меѓународната кризна група за Македонија го дава како совет до американската администрација повеќе личи на еден вид суптилен ултиматум што би се упатил до бугарската страна, дека ако продолжи со упорното инсистирање на сопствената „историска вистина“, би можела да се соочи со некоја друга „историска вистина“ поинаква и повистинита од нејзината. Клучното прашање што се наметнува е дали доколку Бугарија „попушти“ под американскиот притисок и се откаже од тврдиот став кон Македонија, САД ќе продолжат да го толерираат бугарското негирање на македонскиот народ и нема да дозволат историската наука да ги потврди фактите што очигледно постојат во многубројните документи складирани низ депоата на Стејт департментот.
Дилемата што се наметнува кај македонската јавност е зошто САД како стратегиски партнер на земјава во овие 15 години не ги отворија архивите и документите со кои располагаат, а со кои недвосмислено се потврдува македонскиот идентитет, кој веќе беше нападнат од сите страни. Тоа можеше да се реализира уште пред повеќе децении организирајќи повеќе научни конференции, од кои ќе произлегуваа трудови со кои ќе беше запознавана светската јавност, а САД можеа да бидат еден вид промотор на „македонизмот“, како што сега тоа го прават повеќе американски сојузни држави прогласувајќи го септември за месец на американско-македонско наследство. Тоа Бугарија го прави со децении, ширејќи разни книги, материјали, студии, држејќи конференции низ редица европски центри, каде што го промовира наводното бугарско потекло на Македонците.
Во согласност со меѓународното право, ниту една комисија не може да се занимава со идентитетски прашања, бидејќи тоа е неотуѓив дел на секој народ, но проблемот е што меѓународното право повеќе не функционира и на сцена стапува идентитетски инженеринг на кој мора да се одговори соодветно, со сите алатки што стојат на располагање.
Затоа САД треба конечно да ги разбијат бугарските нерационални аргументи и негирања и со она што го поседуваат, со научни факти и докази да стават точка еднаш засекогаш на негаторските тези на официјална Софија, за да може двете земји конечно да почнат да градат нормални односи.
– Она што треба да е светска практика, тоа е дека за идентитетски работи воопшто не треба да се разговара. За жал, во случајот со Македонија, токму идентитетските работи се на удар и нема соодветна реакција за тоа. Беше променето името на државата спротивно на сите меѓународни практики и Повелбата на ОН, во која јасно стои дека секоја земја има суверено право да си го одбере сопственото име. Сега истото тоа се однесува и на идентитетот на народот, на неговиот јазик, на неговото право да гради сопствена историја. Повторно една држава го оспорува сето тоа и овие нерационални барања ги вметна во преговарачката рамка на земјава со ЕУ. Македонија едноставно е принудена да разговара за идентитетски работи во името на евроинтеграциите. Се прави отворен идентитетски инженеринг, односно се креира нов идентитет. Затоа е потребна помош од посилните и помоќни земји. Ако САД имале документи, требало да им ги достават на увид на македонските власти или на македонските историчари. И Турција е наш стратегиски партнер, па сигурно во нејзините архиви има уште повеќе за македонскиот народ од многу поодамна. Сите овие документи се добри за да можат нашите дипломати да се обучат да настапуваат аргументирано секаде, а не Бугарите да пласираат секакви приказни наоколу, а нашите да не знаат како да им се спротивстават – велат дипломатите со кои се консултиравме.
За нив предлогот на Џозеф е задоцнет, бидејќи САД морале многу одамна Бугарија да ја вразумат за македонското прашање.
– САД можеа многу порано да го направат тоа. Добра шанса беше кога Бугарија влегуваше во ЕУ. Ако тогаш Софија немала отворени прашања со соседите, односно немала проблем со нивниот идентитет, историја и јазик, од каде сега се појавија проблемите? Тогаш САД требаше да притиснат и да се заврши со бугарската негаторска политика кон Македонија еднаш засекогаш. Сега, со оглед на геостратегиската позиција на Бугарија и актуелниот безбедносен контекст, тоа ќе оди тешко – заклучуваат соговорниците.