Фото: ЕПА

Анализа: Првата вистинска заедничка воена кампања на САД и Израел

  • По децении стратешко партнерство и воена поддршка, конфликтот со Иран ја означува првата директно координирана војна во која американските и израелските сили дејствуваат како единствен оперативен систем – резултат на повеќемесечно планирање, заеднички командни центри и поделба на задачите на терен

Од своето основање, Израел е еден од најблиските сојузници на Соединетите Американски Држави на Блискиот Исток. Воената и политичката поддршка од Вашингтон со децении беше клучна за израелската безбедност. Сепак, таа поддршка најчесто се манифестираше преку воена помош, разузнавачка соработка и дипломатска заштита, а не преку директно заедничко водење воени операции. Токму затоа сегашниот конфликт со Иран, како што го опишуваат израелските воени претставници, претставува пресвртница. За првпат во историјата САД и Израел не се само партнери во безбедносната политика туку практично водат заедничка војна – со интегрирани структури на командување, поделба на оперативните задачи и постојана координација на терен. Оваа нова реалност ја опишува и изјавата на еден израелски воен функционер: „Ова е војна што се води на англиски“, што е најпластичен опис на фактот дека американските и израелските офицери функционираат како дел од ист команден систем.

Во Израел и во САД се
формирани заеднички
координациски центри

Она што дополнително ја нагласува уникатноста на овој конфликт е фактот дека заедничката кампања не е импровизирана реакција на криза. Напротив, според израелските извори, нејзе ѝ претходеле месеци на интензивно заедничко планирање. Во Израел и во САД се формирани заеднички координациски центри, каде што се усогласуваат разузнавачките информации, изборот на цели и стратегијата на воздушна и ракетна одбрана. Во исто време, повеќе од 1.000 американски војници се стационирани во Израел, што претставува значително оперативно присуство. Клучната комуникациска линија е на највисоко воено ниво. Началникот на Генералштабот на израелската армија, генерал-потполковникот Ејал Замир, секојдневно разговара со командантот на Централната команда на САД, адмиралот Бред Купер. Оваа директна комуникација создава синхронизиран оперативен ритам, кој ретко се гледа меѓу формално независни армии.

Јасна поделба на задачите меѓу двете армии на САД и Израел, но и значајна
соработка за планирање исти цели

Еден од најинтересните аспекти на заедничката кампања е јасната поделба на задачите меѓу двете армии. Географски, израелските сили се концентрирани на западниот и централниот дел на Иран, од каде што се лансираат балистички ракети со долг дострел кон Израел. Таму израелската авијација и специјалните сили целат на ракетните лансери и другите клучни воени објекти. Истовремено, американската војска дејствува во јужниот дел на Иран, каде што Техеран ги лоцира системите што се користат за напади врз американските бази во Персискиот Залив. Но поделбата не е само географска. Таа се однесува и на типот на цели. Американската војска ја презела одговорноста за операциите против целокупната иранска морнарица, додека Израел се фокусира на други категории на цели – особено објекти поврзани со иранскиот политички и безбедносен естаблишмент. Овој модел на поделба на задачите личи на структурата на коалициските операции на НАТО, но со многу потесна и подлабока оперативна интеграција.

Американската логистика како клучна предност

Иако израелската авијација важи за една од најспособните во светот, нејзините операции на далечина зависат од американската логистичка поддршка. Особено е значајна способноста за дополнување гориво во воздух, област во која САД имаат огромна предност. Американската флота на воздушни танкери е приближно десет пати поголема од израелската, а десетици од тие авиони се распоредени во Израел. Тоа им овозможува на израелските борбени авиони да изведуваат долги и комплексни мисии над Иран, а тоа е нешто што без американската поддршка би било многу потешко.
Дополнителен квалитетен исчекор на соработката на САД и Израел во рамките на овој конфликт внесуваат изјавите на командантот на израелските воздухопловни сили, генерал-мајор Томер Бар. Тој откри дека специјалните единици на воздухопловните сили на двете армии во моментов координирано планираат изведување „извонредни мисии што можат да ја поттикнат фантазијата“, без да открие детали за нивната природа или локација. Овие операции веројатно вклучуваат саботажи, разузнавачки активности или директни удари врз критична инфраструктура – што укажува дека конфликтот не се води само во воздухот туку и во сенка.

Нов регионален фронт?

Интересно е што некои од израелските воени функционери очекуваат дека во конфликтот може да се приклучат и некои заливски држави. Тие досега главно учествуваат во одбранбени операции, пресретнувајќи ирански ракети и беспилотни летала. Но фактот дека и тие биле цел на ирански напади создава потенцијал за поширока регионална коалиција. Доколку се случи тоа, сегашната кампања би можела да се трансформира од билатерална војна меѓу Израел и Иран во поширок регионален конфликт со повеќе актери.

Пресвртница во стратегијата на Блискиот Исток со интегрираната воена кампања со
заеднички командни структури на САД и Израел

Ако се потврдат процените на израелските воени претставници, овој конфликт ќе остане запаметен како првата вистинска заедничка војна на САД и Израел. Не затоа што двете држави претходно немале блиска воена соработка, туку затоа што никогаш досега не воделе интегрирана воена кампања со заеднички командни структури, поделени фронтови и синхронизирани операции. Токму затоа сегашниот конфликт може да означи почеток на нов модел на американско присуство на Блискиот Исток: помалку директни американски копнени операции, но многу поголема оперативна интеграција со регионалните сојузници. А во тој модел, Израел станува не само партнер туку и клучен оперативен сојузник на САД во регионалната војна против Иран. Р.с.